НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: ГОРДАНА ЈАНЕВСКА

НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: ГОРДАНА ЈАНЕВСКА

Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.

Убавината не се однесува исклучиво на привлечноста, допадливоста - врзана со надворешниот изглед. Напротив, се доживува и како добра особина, т.е. доблест која не случајно се опишува и на еден поинаков начин, како на пример: „Таа е жена со сите убавини во себе“. Асоцијацијата на Одри Хепберн исто така не е случајна. Позната по својата изјава: „За убави усни, говорете љубезно. За убави очи, гледајте го само доброто во луѓето. За убава линија, делете ја храната со гладните. За убава коса, дозволете им на децата да ги провлечат своите прсти, барем еднаш во денот, низ неа. За убаво држење, одете во придружба на мислата дека никогаш не сте сами... Убавината на жената не е во гардеробата која ја носи, во нејзината фигура или фризура. Убавината на жената се огледа во нејзините очи бидејќи тие всушност се вратата на нејзиното срце, местото каде што почива љубовта. Убавината на жената не е во изгледот. Напротив, таа се отчитува во нејзината душа. Тоа е вниманието кое несебично го пружа, љубовта што ја покажува. Убавината на жената се зголемува како што минуваат годините“, британската глумица и хуманитарка, родум од Брисел и ден-денес е синоним на убавината во поширока смисла на зборот. На очиглед на вистината.

А таа, вистината е беспорна и кога се Македонките во прашање, меѓу нив и Гордана Јаневска, магистер по политички науки и дипломатија, во моментов директорка на ООУ „Кочо Рацин“ во Скопје, инаку мајка на две полнолетни ќерки. Освен што е посветена на науката, следователно и на учењето и на читањето, сака едноставни нешта, вклучително и сликарството за кое вели дека е најубав начин на изразување, комбинирање на бои, како и рефлексија на реалноста, гледана од свој агол - го црта светот како што самата го доживува. Но, сака и филм, театар, патувања, другарувања, разговори со убави луѓе (во поширока смисла на зборот) и секако, убав накит.

Прашањата од симултаното интервју на горенаведената тема - убавината и неминовно, машко-женските односи за кои бурно се расправа сѐ почесто, очигледно дека ѝ беа голем предизвик што може да се забележи во нејзините одговори кои, пак, дефинитивно ќе ве натераат да размислувате и вие, за нив - одвреме-навреме.

СИМУЛТАНКА

* Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?

Г. Ј.: Сите карактеристики што една жена ги сака не можат да се најдат во еден маж, како и обратно. Сите имаме некои мани и доблести кои треба да ги почитуваме. Премногу очекување доведува до разочарување, па затоа мислам дека работите треба да си одат по некој природен тек.

* А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?

Г. Ј.: Срамежливоста ми е симпатична, физичкиот изглед е една од најважните работи за еден маж и кога тоа е надополнето со пристојно и адекватно однесување во дадена ситуација, проследено со хумор. Не сакам кога некој секоја реченица ја започнува со ЈАС или не престанува да зборува за себе, не слушајќи ги другите. Ако не слушаме луѓе околу нас, никогаш нема да научиме нешто ново, ќе живееме во своите уверувања и самобендисаност.

* Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?

Г. Ј.: Секако, самодовербата и заштитничкиот однос се приоритет за секоја жена.

* Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?

Г. Ј.: Во минатото кавалерството беше нешто на кое ниедна жена не можеше да одолее. Манири... хм!... поклони, букет цвеќе, една ружа, изненадувања. Денес сѐ е поинаку, мажите сѐ повеќе сакаат да бидат во центарот на вниманието, а жената да се докажува со семоќност. Сепак, ја почитувам едноставноста и законите на природата, кои ни кажуваат кои сме и кои се нашите задачи, едноставно каде припаѓаме.

* Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?

Г. Ј.: Манирите треба да бидат начин на изразување на културно однесување во општеството.

* За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?

Г. Ј.: Игор, тебе ќе ти дадам комплимент, како пример. Доволно е.

* Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 173, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?

Г. Ј.: Ако му дозволите на другар да имате љубовна врска, тогаш ќе го изгубите како другар. Тоа се две различни релации. Никогаш нема да знам што е во машкиот ум, но сепак ќе се задржам на моите размислувања.

* Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?

Г. Ј.: Спротивностите можат да бидат интересни за авантура, врска во која партнерите сакаат да избегаат од своето секојдневие или монотониот живот, додека истомислениците  некако заеднички водат до квалитетни одлуки во животот, без конфликти и расправии, односно спротивставени ставови. Но, сепак, нема некое правило. Сѐ се случува помеѓу двајца во зависност од нивната енергија на привлечност и толеранција.

* Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.

Г. Ј.: Секој од партнерите треба да вложува во себе, да се надградува и да биде успешен. Ако успеете да чекорите и да се надополнувате, да се гордеете еден со друг, тоа е голем успех. Бракот е сериозна институција во која се вложува многу љубов, доверба, искреност и посветеност додека трае - долгогодишно искуство.

* И, на крајот - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?

Г. Ј.: Ние не сме случајно дојдени на овој свет. Веќе нема правило како треба да се живее, туку кој како сака да живее. Луѓето имаат една прекрасна особина да се грижат за некого кого го сакаат, а некои се плашат да не бидат сами или од не знам која друга причина живеат лажен живот.

Треба да гледаме пошироко, да мислиме позитивно и да го грабиме секој нареден ден исполнет со убавини. Зар не е убаво што сме свои?

Игор Ландсберг

Фотографии: приватна архива на Гордана Јаневска