НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: КАТАРИНА СИНАДИНОВСКА
Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.
Кога е сентенцијата на старогрчкиот филозоф Хераклит, именуван „татко на дијалектиката“ - панта реи (сѐ тече, сѐ се менува; се употребува со значење: сѐ е минливо) во прашање, и ден-денес се води бурна расправа за мимолетноста на убавината. Мнозинството е согласно со толкувањето дека таа е постојана, неминлива, вековечна.., нешто што не може да се допре, да ѝ се даде карактеристика, да се оцени, но секогаш може да се почувствува нејзиното присуство. Не случајно сите се стремиме да ѝ се доближиме. Класичната убавина е толку неодолива што привлекува како магнет. И природноста, однесувањето, интелигенцијата. Секако, посебно место има и душата која се поистоветува со неа, што доаѓа од внатре. Познатата жена психијатар, американизираната Швајцарка Елизабет Киблер-Рос ги спореди луѓето со витражите, а пропо убавината. Кога сонцето сјае, таа се рефлектира и свети заедно со нив, а во темнината се открива само правата, вистинската - онаа која зрачи однатре (духот, душата). Во суштина, превосходноста е резултат на испреплетеноста на обете, видливата и другата, што не може да се види со голо око, само да се осети, сознае.
Нема дилема, убавината е една од битните карактеристики на Македонките - природна, во смисла на вродена (генетска, наследна). Синтагматската врска со Катарина Синадиновска е очигледна, без сомневање. Исто како што е забележлива и нејзината добрина во комуникацијата, пријателското расположение и се разбира, скромноста или невообразеноста. Живее во хармонична семејна заедница со партнерот и двете деца. Обожава да готви, да чита поезија. Не сака реални шоуа, инсекти. Годинава ѝ е јубилејна, слави 15-годишна професионална кариера во политичкото новинарство. Инаку, со журналистика се занимава уште како дете, на 8 години почнала да води емисии (детски) на Радио Тетово и Радио Скопје, така што никогаш не била во недоумица за професијата, новинарската определба.
Одговорите на прашањата за убавината и машко-женските односи, за кои неретко се кршат и копја, се подолу - во продолжението на симултаното интервју. Нејзините размислувања на горенаведените теми сигурно ќе ги поттикнат и вашите.
СИМУЛТАНКА
* Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?
К. С.: Не верувам во концептот на машка или на женска убавина. Човекот може да биде убав едноставно и само како човек, не како маж или како жена. Убавината не трпи никакви калапи.
Исто е и со грдотијата, за жал.
* А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?
К. С.: Во контекст на претходниот одговор, човекот и светот тешко одолеваат на убавината. Таа е неодолива.
А, што е тоа што е убаво кај човекот - е, тоа веќе е во срцето на оној кој гледа и дефинира. И, како што растеме и созреваме, така расте и таа дефиниција и се распространува на предели далеку над она што сите го гледаат и е на очиглед, далеку над површноста. Убавината си го открива целото свое лице само кога е соочена со вистинскиот предизвик на суштината.
* Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?
К. С.: Човек треба да се види себеси во другиот, а тој одраз да е вистински и кога се работи за емотивната и кога е пријателската релација во прашање.
* Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?
К. С.: Кавалерство, без размислување. Ни поддржувам ни дозволувам концепт кој налага некој, кој било, да биде во супериорна позиција во однос на жената.
* Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?
К. С.: И кај женита и кај мажите, одбивни ми се некултурата, невоспитанието, лажното себепретставување и неспособноста да си се гледа сопствената работа и сопствениот живот.
* За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?
К. С.: Сите на кои ми текнува во моментов ми се блиски, семејно или пријателски, па мојот одговор ќе звучи крајно субјективно.
* Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 173, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?
К. С.: Балзак сигурно бил заљубен во некоја своја пријателка, инаку немам друго објаснување зошто толку умен човек би дал таква изјава. Се разбира дека маж и жена можат да бидат пријатели, можат да бидат и најдобри пријатели.
* Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?
К. С.: Ова е премногу индивидуално и секој би одговорил на различен начин. За мене, клучна е сепак компатибилноста. Едноставно е - ако не се делат исти погледи за суштински прашања, и приватни, но и општествени, ако се нема ист систем на вредности, ако се немаат исти или барем компатибилни очекувања и од заедничкиот и од животот воопшто, од иднината и од целите што ќе се постават како двојка, ако не се работи подеднакво посветено кон нивна реализација, тешко е да се очекува успех.
* Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.
К. С.: Секоја успешна релација има посебна тајна за својот успех и тоа е многу симпатично да си биде тајна. За толеранцијата не се согласувам. Толерантност значи доза на трпење, може да толерирате неспособен шалтерски службеник, но не и партнер. Барем не долгорочно. Славење и радост, разбирање и почит, грижа и посветеност наместо толеранција.
* И, на крајот - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?
К. С.: Воопшто не се согласувам. Во семејството нема титули, а сите улоги и задачи се делат тековно, преку разговор и договор. Притоа, тие поделби не се дадени еднаш засекогаш - се разбира, смеат и да се прилагодуваат на околностите, во зависност од моменталните професионални или семејни ангажмани или, едноставно, по желба.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Катарина Синадиновска