НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: КСЕНИЈА НИКОЛОВА
Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото
мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не
може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.
Заводливоста на жената, нејзината привлечност, благодарејќи на одликите, меѓу нив и убавината, отсекогаш била на цена, и во минатото и денес, во комбинација на интелектот, моралната чистота и слично. Не секогаш, но... Така впечатокот е комплетен. Холивуд на времето ја експлоатирала и убавината и чувствителноста за „лансирање“ на прототипите на заводничките и покрај тоа што немале успех во љубовта, реално. Секако, Мерилин Монро била само една од нив. Во 1950-тите и почетокот на 1960-тите ја именувале како секс-бомба. Улогите на секси блондинка во комедиите ја издигнале во симбол на сексуалната револуција. Оттаму и напредокот во кариерата, десетина години важела за најбарана и најплатена глумица на светот, а нејзините филмови заработувале повеќе од 200 милиони долари (еквивалентно на 2 милијарди долари во денешно време), до смртта во 1962-ра. Имала само 36 години. Приватниот живот на глумицата бил во жижата на вниманието. Се борела со зависност од антидепресиви, со булимија. И двата брака ѝ завршиле со разводи. Сепак, аферата со претседателот Џон Кенеди предизвикувала различни негодувања.
Но, факт е дека привлечноста има и поинаква димензија - може да биде ненападна, чиста во поширока смисла. Природна, исто како и убавината која е неодолива и секако, македонска. Нема дилема, синтагмата целосно, апсолутно ѝ прилега на писателката Ксенија Николова. Истовремено е и текстописец и основач на интерактивната платформа за жени Better Women Better World. Работата ја исполнува стопроцентно, едноставно ужива во неа - во творењето, во создавањето на нештата кои ги обединуваат луѓето, одговараат на предизвиците. Ужива и во патувањата со брачниот другар, но и во спортувањето и пешачењето во природата која ја обожава и како што вели, таа ѝ е лек. Паузата меѓу нив ја искористи да одговори на десетте прашања од симултаното интервју на теми кои секогаш се интересни, го привлекуваат вниманието на читателската публика - убавината и машко-женските односи.
СИМУЛТАНКА
* Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?
К. Н.:Тоа е различно за секого. Навистина е така. За мене, срцето е сржта на сѐ, ако таму успеам да допрам, знам дека сме се поврзале за цел живот.
* А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?
К. Н.:Физичките атрибути се важни за некоја физичка конекција, а секако, дури и понатаму, за мене е важно човекот со кого сум да внимава на себе и да се грижи за себе. Тоа е еден вид симбол на љубовта кон себеси, која мене ми е важна. Но, она што најмногу успева да ме привлече кај некого е она што е скриено внатре во умот и во душата. Личноста, размислувањата, ставовите и секако, човечноста.
* Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?
К. Н.:Пак ќе кажам, на ова нема точен одговор. Секој го бара она што му е потребно, она што му недостига. Мојот астролог вели дека ние бараме нешто што, заедно со она што го имаме, ќе направи едно цело.
* Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?
К. Н.:Мислам дека секој однос треба да се засновува врз почит и сметам дека мажот треба на еден елегантен начин да се грижи за својата жена, без да ѝ го одзема личниот идентитет. Секако, според мене, жената треба да остане индивидуа која ќе има своја лична среќа.
* Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?
К. Н.:Јас, во тој поглед, во душата сум old school, но истовремено сум и доста независна жена во смисла на тоа дека честопати не оставам некој да ми помогне. Тука можеби и грешам.
* За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?
К. Н.:Ова е лесно. Мојот татко и мојот сопруг. За мене, татко ми е синоним на вистински умерен господин и среќна сум што слични квалитети пронајдов и кај мојот сопруг, иако генерациски се доста далеку еден од друг. Сепак, мислам дека делат некои слични вредности што за мене е голема среќа.
* Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 173, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?
К. Н.:Апсолутно не. Не сакам да мислам дека сѐ се засновува врз такви симплифицирани човечки односи. Не е сѐ црно-бело, постои пријателство меѓу маж и жена, но само кога се емотивно интелигентни личности.
* Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?
К. Н.:Спротивностите се слатки на почетокот, но потоа се претвораат во вистински пречки. Сепак, насоката во која чекорите со партнерот треба да е иста, иако брзината можеби се разликува.
* Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.
К. Н.:Тајната е да не заборавате дека тоа е и вашиот најдобар пријател, па затоа, кога е тешко, треба да верувате дека колку и да е кревка вашата љубов, вашето пријателство е посилно и во име на истото - не треба да се откажувате. Секако, ова е случај со оние приказни каде што постои и вредност и суштина.
* И, на крајот - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?
К. Н.:Не се согласувам, сметам дека правилата се различни насекаде. Но, ако морам да дефинирам, нека биде вака - еден столб во семејството нека припадне на таткото, ама три нека ѝ припаднат на мајката. Мислам дека така е фер, ако веќе зборуваме за титули. И ова не е кажано од феминистички аспект, туку од еден сосем реален аспект - жената го раѓа и воспитува овој свет. Тоа е најтешката и најпотценетата работа и сѐ повеќе, една од многуте улоги на жената во оваа претстава наречена живот.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Ксенија Николова