НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: МАРГАРИТА ХРИСТОВА

Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.

Факт е дека убавината (се разбира, комплетната) е сублимат или продукт на сублимација на двете, и надворешната (изгледот) и внатрешната (духот, душата). Секогаш, без исклучок, говориме за неа, како целина. Испреплетеноста на обете ја прави толку неодолива што рамнодушноста, индиферентноста е мислена именка. Со придавката „македонска“ е уште попривлечна. Се разбира, можеме и да ја конкретизираме - битолска, иако нема потреба од какво било уточнување.

Естрадната уметница, односно пејачката со прекрасен глас - Маргарита Христова секогаш инспирира, т.е. вдахнува со нејзината дарба за пеење и, секако, убавината која плени. Вклучително и културата на однесување, како неизоставен дел од личноста. Нема сомневање, за љубовта кон музиката говори пасионирано, како безумна страст, а интерпретацијата е нејзин оригинален „сертификат“. И патувањата, секако. Многу важни одлуки за неа, од животно значење, донела возејќи се. Не планира долгорочно, се препушта на секојдневието и предизвиците кои ги носи со себе. Со изгледот не сака да експериментира, не сака ни некомпетентни луѓе што поставуваат измислени вредности, односно парадигми, но и нечесни, неодоговорни, лицемерни. Ужива кога е во друштво на блиските - насмеани, позитивни ликови. Во животот ја водат емоциите, како и мотото, изреката „Можно е сѐ, доколку се верува во себе“, а нејзин тип е маж кој прави да се чувствува сакана, сигурна. Во симултаното интервју го кажува истото, а и многу повеќе.  

СИМУЛТАНКА

ММ: Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?

М. Х.: Еквивалент на женската убавина е секако машката убавина. Тоа е она што несомнено привлекува на прв поглед. Но, тоа што го задржува вниманието е секако шармот, убавината на душата и смислата за хумор. Односно, како што женската убавина не е само надворешниот изглед, туку таа доаѓа и од личноста, енергијата, духот, така и машката убавина е сублимат на повеќе компоненти. Или „убавината е во окото на оној што гледа“.

ММ: А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?

М. Х.: Не формата, туку содржината е моето правило, секогаш. Иако секоја личност неминовно минува низ процесот на созревање, а со тоа се менува перцепцијата на убавината, тоа што секогаш го привлекува моето внимание и на што не можам да му одолеам е интелигенцијата, цврстиот став, добрината, позитивниот поглед на животот и секако смислата за хумор.

ММ: Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?

М. Х.: Вистинските дами секогаш знаат кога да бидат таинствени, а кога да бидат директни. А, кај мажот, според мене, најважна е почитта, прво да се почитува себеси, а потоа и мене. Тука е и успешноста, самодовербата, емотивната стабилност, заштитничкиот однос. Вистинскиот маж има и доблести и мани со кои се носи, а не ги негира.

ММ: Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?

М. Х.: Секако, господин човек, одговорен човек, кавалер. Човек кој се грижи за жената, ја почитува и сака. Убавите манири се круцијална состојка на секој успешен маж.

ММ: Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?

М. Х.: Кога зборуваме за манири, ме привлекува убавото однесување кон жената, грижата и посветувањето внимание, смислата за хумор, смислата за романтика, уникатноста, можноста да се потпреш на него, како и педантноста и начинот на говор. Наспроти тоа, одбивно ми е сѐ она што е спротивно од наведените работи.

ММ: За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?

М. Х.: Немам одговор на ова прашање бидејќи неблагодарно е да издвојам некого, а познавам повеќе личности во Македонија кои ги исполнуваат сите услови и со право би можеле да го носат епитетот џентлмен, а тоа е човек со чест, карактер, пристојност, љубезен, учтив и полн со почит.

ММ: Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 172, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?

М. Х.: Вечна тема - вечна дилема. Пријателството помеѓу маж и жена е лесно да се започне, но навистина е тешко да се одржи. За таков успех е потребно и двете страни да размислуваат само за пријателство и ништо повеќе. Жонглирањето меѓу пријателството и љубовта или сексуалната привлечност е многу тешко. Најчесто ваквото пријателство или преминува во врска или се прекинува сосема.

ММ: Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?

М. Х.: Иако има одредена вистина дека спротивностите се привлекуваат и можеби на почетокот вистински нѐ привлекуваат луѓе со некои особини што ги немаме и би сакале да ги  поседуваме, се чини сепак дека сме повеќе склони да избираме партнери, пријатели, како и деловни партнери кои се слични со нашите ставови, вредности и особини на личноста. Луѓето со различни ставови имаат поголема веројатност да се отфрлат едни од други отколку луѓето со слични ставови.

ММ: Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.

М. Х.: Сметам дека нема одредено правило за успешна врска или брак, но врската која се темели на љубов, заемно почитување и искреност секогаш ќе опстане. Секако, тука е и толерантноста која игра голема улога. Во секоја врска или брак најважно од сѐ е човек да биде среќен и задоволен.

ММ: И, на крај - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?

М. Х.: Партнерите треба секогаш да бидат рамноправни. Во најуспешните врски и двајцата партнери се даватели, двајцата се подготвени да се поддржуваат меѓусебно без да чекаат нешто за возврат. Во современото живеење улогите постојано се менуваат во зависност од можностите и потребите во заедничкото живеење.

Игор Ландсберг

Фотографии: приватна архива на Магарита Христова