НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: МАРИЈА АСЛИМОСКА

Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.

Се чини дека убавината со шармот е толку испреплетена, кога во прашање се жените, што значењето и на едното и на другото е сосем исто - привлечност, допадливост. Се разбира, неизбежна е и харизматичноста во буквална и секако, во смисла на влевање чувство на доверба не само во себеси, во сопствените можности, способности, туку и на другите, кај нив. Од друга страна, пак, кога се работи за надворешниот изглед - тој во голема мера е резултат и на негата, грижата за себе, но, ќе се согласите, и на генезата и на природата чиј заеднички именител е мајката, т.е. жената и во првична и во метафорична (вторична) смисла на зборот. И духот и душата и секако, интелектот (висок, жив) е особено важна карика, дел од ланецот на горенаведените особини, карактеристични својства. И уште повеќе, за да се прими како една целина која неодоливо ќе привлекува.

Македонките и покрај тоа што некои од нив се надвор од земјава, во странство - таму живеат, градат семејства, творат, создаваат..., ги одликува токму таа - убавината со атрибутот „неодолива“. Македонска не само што е идентитетска туку е и генетичка категорија - генетски код. Врската меѓу синтагмата и бизнисменката Марија Аслимоска се подразбира, забележлива е на очиглед на сите. Веќе дваесетина години е во Даблин (Ирска) каде што работи како парфимер, т.е. има своја парфимерија. Земајќи ги предвид успесите, таа е креативец со око за бизнис. Патем е страсна колекционерка на винтиџ парфеми, на чевли со вртоглаво високи потпетици, но и авантуристка - ловец на среќа, што се вели. Едноставно е заљубена во животот, сака убава храна, добро вино, убава музика која допира емотивно, секогаш расположена за танцување, добар концерт. Важи за солиден познавач на високата мода, деталите ѝ се многу важни, оттаму и чувството на радост и задоволство што кај неа го побудуваат ситниците, малите нешта. Сака да се дружи, иако не поднесува озборувања, песимисти, скржавост. И храброста ѝ е одлика, а себеси се доживува и како сапиосексуалец. Живее во хармоничен брак.

Нејзините размислувања кореспондираат со гореспоменатото, каде што се говори за убавината. И обратно, нашите се поклопуваат со нив, и тоа во целина. Истите, но и видувањата на М. А. за машко-женските односи, во продолжение...

СИМУЛТАНКА

* Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?

М. А.: Мекоста. Љубезноста. Нежноста која ја поседува некој во себе е нешто што го прави најпосебен, најпривлечен. Посебно нежноста која е вклучително и најскапоцениот подарок што некој може да ви го подари во ова (не)време на брзоплети, вулгарни, груби, искалкулирани, нападни, неискрени, гласни - ЈАС знам најдобро, а не знае да нарача добро вино во ресторан - личности. Ова се однесува и на двата пола.

* А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?

М. А.: Едно нешто. Физичко и умствено. Усни... кои не лажат. Навистина можам да се вбројам во неколкуте среќни бидејќи пред скоро 20-тина години го запознав мојот сопруг кој има токму такви - усни преку кои до ден-денeс нема преминато една лага. И ви ветувам, нема жена која може да одолее на ова.

* Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?

М. А.: Прво, мажот никако не може и не треба да биде тој што ѝ дава самодоверба на една жена. Пробуричкај длабоко во себе, спознај се, биди искрена, однесувај се природно, нека те опкружуваат прави луѓе, негувај се, биди чесна, работи го она што те воодушевува, читај, патувај, цени го туѓото мислење, дегустирај добри вина, прави свои пари...! И секако дека ќе ја осетиш самодовербата бидејќи таа е скриена во тебе. А, кога имаш самодоверба, имаш и интегритет. Тоа е она што ќе те штити. Што значи, не е потребен маж за заштита туку она што го бараме и цениме во еден маж е доследноста на неговите зборови, моќта да нѐ насмее во лош и дождлив ден, добар љубовник кој доволно ќе те респектира и не игра двојни игри. Некој со кого се разбирате со поглед, а сепак имате потреба да му ја кажете секоја ситница од денот, животот. Некој што има добар вкус за музика, уметност или филм, бараме некој со кого уживаме да го поминуваме времето заедно, да истражуваме заедно -  нови хоризонти, земји, ресторани, музеи... Всушност, нема ништо таинствено во нас жените, одговорно тврдам дека на една жена не ѝ треба маж за ништо повеќе отколку за добро друштво и забава. И ете, сега знаете сѐ, нема повеќе никаква таинственост во нас жените.

* Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?

М. А.: Ова веќе е застарена тема. Моментално живееме во нов свет каде што жените се на еднакво ниво со мажите. Очигледно дека имаме уште долг пат „борба за тоа да биде гледиште на секој човек, но супериорност над себе не дозволувам ни од жена ни од маж. Тоа можам да му го дозволам само некому што е екстремно интелигентен или со добар хумор, на пример: ако некој ми покаже фасцинатни вештини во кујната, екстремен познавач на уметноста или пак е одличен комуникатор, на тие луѓе им давам предност. Маж или жена, не е битно, но на личноста од која можам да научам нешто секогаш ќе ѝ поклонам супериорност.

* Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?

М. А.: Првото нешто што го приметувам кај еден маж е неговото ниво на сигурност. Зошто? Бидејќи на еден таков маж не му требаат ракоплескачи да му аплаудираат за секое едно нешто кое го прави, ниту пак му треба публика, туку е доследен сам на себеси и го прави она за кое си верува сам. Според мене нема поголем афродизијак кога баш еден таков маж ве примети вас бидејќи баш тогаш си го нашол својот партнер - жена која исто така е подеднакво сигурна во себе и само баш такви можат да ѝ го привлечат вниманието. Со други зборови, убаво е да се припаѓа некому што не пати од своето его. Односно, страшно одбивно кај еден маж е кога мисли дека знае сѐ - експерт на секое поле, а во ресторан го лиже ножот меѓу залчињата бидејќи од дома не бил научен на основни манири. Впрочем, лоши манири на маса воопшто не можам да простам. Исто така, последното нешто што не можам да го простам е фаќањето во лага. На еден господин, било пријателски, професионално или романтично, не му доликува да лаже, тоа навистина е нешто преку кое не можам да поминам или пак воопшто, таква особина да ме привлече.

* За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?

М. А.: Секако дека има! Има еден, и тоа во Охрид... мојот татко! Токму поради сите горенаведени причини, тој е еден маж кој целиот свој живот е доследен на своите ставови, зборови, вера - тој е искрен, без его, максимално сигурен во себе и некој што воопшто не може да биде фасциниран од ништо друго освен од човечноста на една личност. Ако сакате да ве цени, бидете само човек. Тој не прави лошо никому, не лаже, полн е со мудри зборови... Ох, и мекоста и љубезноста кои ги има!! Прав џентлмен!

* Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 173, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?

М. А.: Тука нема да должам многу. Се согласувам. И ако вашиот познаник, партнер, дечко или сопруг има многу пријателки..., читајте го Балзак повеќе, ако не ми верувате мене.

* Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?

М. А.: Ова е лесно. Заљубеноста, искрите, страста, сето тоа поминува. Во тој дел често сме слепи, па ни се чини дека спротивноста привлекува. На крајот на денот, за една среќна врска и целосно верувам во ова, мора да постои што поголема компатибилност. Односно, уживање во исти нешта, места, храна - би биле пријатно изненадени кога сите би сфатиле колку компатабилноста во вкусовите е битна за еден добар брак. Исто така и слични религиски ставови, финансиска одговорност, желба за секс, исти морални стандарди, визија за иднината, слични принципи на воспитување на децата... многу, многу битно!

* Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.

М. А.: Секако дека сега боцнавте во самата срж на една среќна заедница бидејќи истата не може да постои без толерантноста. Но секако, таа мора да биде обострана. Исто така, многу битно е секогаш да работите на себе, да ѝ припаѓате на заедницата, но да имате слобода да бидете свои. Да имате свои лични интереси што не се врзани со партнерот или фамилијата. Битно е постојаното надградување, пронаоѓањето нови хобија, не се запоставувајте. Уживајте и правете многу интересни работи одеднаш. Прво, морате самите на себе да сте си интересни, а потоа на секој друг. Кога вие горите со опсесија и љубов кон некој ваш интерес, тоа ја прави најинтересната особа на светот. Не се откажувајте од она што го сакате поради љубов или некое туѓо мислење. Исто така, децата не смеат да станат ваша препрека, а најчесто се всушност изговор за заборавање на самиот себеси. Мојата добробит е исто толку важна колку на сите околу мене кои ги сакам бидејќи само јас кога сум среќна и исполнета можам да им го пружам истото и на сите околу мене.

* И, на крајот - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?

М. А.: Понекогаш некои прашања кажуваат многу повеќе од кој било одговор. Но да ви одговорам... Жената е почеток и крај на сѐ. На сѐ! Секое отчукување на едно срце, секој здив, секоја мисла, желба или пак сласт. Сон или јаве, семејство или универзум, не постои без битието жена. Тоа никогаш немојте да го заборавате, женствено ќе ве замолам.

Игор Ландсберг

Фотографии: DAMIANI („Божиновски“)