НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: МАРИЈА ГРУБОВИЌ
Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.
Кога е надворешниот изглед на жената во прашање и мерилата за неговата убавина, во минатото и сега се спротивни, се разликуваат наполно. За жал, денес таа се мери со висината, виткоста со придавката „претерана“, која напати се споредува со неисхранетост. Андрогинијата што ја пропагираат модните креатори е збунувачка, следователно и гледиштето на обичните луѓе, односно жените. Во суштина, женското тело не е така создадено, да биде претерано витко. Неговите облини не се случајни, а подложат и на промени како резултат на стареењето, но и на раѓањето. Природата е божествена, сама по себе. Но, тоа не значи дека сѐ треба да ѝ се препушти нејзе. Убавината подразбира и негување, одржување или работа на себе, но не опсесивно.
Четири века порано, Рембрант имал сосема инакво поимање на женската убавина, вклучително и на нејзиното тело, за разлика од сега. Жените на сликите имаат облини, затоа се и толку сензуални, заводливи, женствени. Дури и приврзаникот на импресионизмот во сликарството - Реноар, кој живеел два века подоцна, се согласувал со него, дека убавината на женското тело е во нив - облините, а близу до естетскиот идеал на обајцата секако е и Мерилин Монро, жената која во средината на минатиот век ја заведе половината од машката популација токму со облините. Имено, носела конфекциски број 42. Но, модата на крајот на 1990-тите почна да первертира, заедно со критериумите (естетските). Лансирањето на анорексичната Кејт Мос од страна на Келвин Клајн се доживува како изопачување на тенденцијата, паралелно и на идеалот за убавината. Конфекцискиот број што го носела не ни постоел - во Америка е еднаков на 0, а во Европа, доколку го има, би бил 30. Се разбира, убавото лице е одраз на внатрешната, експресијата на чувствата. Комплетноста има предимство.
Таа е својствена и за Македонките, се разбира. И за Марија Грубовиќ, секако. По завршувањето на постдипломските студии се здоби со степен на образование - магистер по европски студии за интеграција, а приватно, интегрирањето (метафорично) со сопругот Бојан, синот Милош и ќерката Ања, со патувањата по светот, со пливањето и јогата, со пријатните дружби со пријателите и домашните миленици, кучињата Пабло и Аполо го прави нејзиниот живот исполнет, така и да се чувствува.
Прашањата врзани со убавината и машко-женските односи се исти за сите на кои им прилега, одговара насловната синтагма. Бројот е голем, а причините се јасни, како впрочем и целта, нивните размислувања да нѐ инспирираат, меѓу другото и за манирите, џентлменското однесување, на пример. Еве ги нејзините...
СИМУЛТАНКА
* Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?
М. Г.: Според мене, еквивалент на женската убавина е нејзината душа, т.е. внатрешната убавина, а веќе ако правам компарација со машката убавина, тоа би било машкото срце, секако надополнето со шарм и домашно воспитување.
* А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?
М. Г.: Секако дека треба прво да е физички привлечен, меѓутоа умствените атрибути се побитни, неговата интелигенција, образованието, начинот на којшто говори, неговото однесување.
* Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?
М. Г.: Маж којшто знае да ја направи жената да се чувствува сигурна покрај него.
* Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?
М. Г.: Огромна е разликата меѓу ваквите мажи. Јас за себе одбрав џентлмен којшто секојдневно ми го докажува тоа и ме прави среќна и исполнета жена.
* Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?
М. Г.: Одбивно ми е манипулирањето кај еден маж, кога не знае што сака, а најмногу ме привлекува одлучноста, храброста, убавата комуникација, искреноста и почитта.
* За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?
М. Г.: За мојот сопруг Бојан. Тој е вистински господин со топло срце, којшто ме сака и почитува.
* Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 173, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?
М. Г.: Од моето лично искуство можам да потврдам дека имам неколку машки пријатели со коишто се дружам и ден-денес.
* Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?
М. Г.: Според мене, за врската или бракот да е успешен, партнерите треба да сакаат исти работи и да се компатибилни, заеднички да го планираат животот и да се надополнуваат на секое поле.
* Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.
М. Г.: За успешна врска или брак, пред сѐ треба да има љубов меѓу партнерите, потоа почит, разбирање, искреност, доверба, компромис и толеранција.
* И, на крајот - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?
М. Г.: Мажот е столбот на семејството, т.е главата, а жената е вратот. Стара поговорка, но вистинита. Според мене, не треба да има поделба на ранговите. Мажот и жената ја имаат истата улога во семејството, само што треба да има поделба на обврските, да се знае што треба да прави мажот, а што жената.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Марија Грубовиќ