НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: МАРИЈА ЈАНАКИЕВСКА
Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.
Уште во минатото, далечното се разбира, прототипите на женската убавина се менувале согласно естетските идели. Се претпоставува дека уметниците обично се занимавале со критериологија, прво сликарите, а потоа и модните креатори во соработка со масмедиумите. Често убавината е предмет на истражување, како на пример на шкотските научници кои неодамна се потрудија да го „склопат“ идеалното, совршеното женско лице. Секако, атрибутите на илјадниците жени што важеле за убави во нивните времиња, па и денес, ги искористија во истражувачката работа која, несомнено, имаше јасна цел: истото да се објективира. Резултатот е вчудовидувачки. Најубавата компјутеризирана жена на светот ја карактеризираат полни образи, мала брада, големи очи, чпртав нос и секако, природен сјај. Но, патем се согласија сите со размислувањето на поединците дека тоа - идеалното, совршеното лице е ништо без духот, душата и нејзината сила. Оттаму и тврдењето дека неодоливоста произлегува од комплетноста, дефинитивно. А и австралискиот писател Маркус Зусак апсолутно е во право кога вели: „Некои луѓе зрачат со убавина, не поради физичкиот изглед, не поради тоа што го зборуваат, туку поради тоа што се“.
Кога е синтагмата „неодолива убавина, македонска“ во прашање, нема дилема - на Марија Јанакиевска ѝ доликува во целост, без исклучок. Таа е градежен инженер по вокација и сертифициран јога инструктор, т.е. јогин. Имајќи го предвид фактот дека филозофското религиозно учење во индиската традиција има цел да ги соедини човекот и природата, со помош на самосовладување (самоконтрола) и медитирање (длабоко размислување), љубовта кон неа, природата е логична, некако се подразбира. Вклучително и кон животните и кон веганската исхрана. Освен јогата, ја обожава и уметноста, во секоја форма, и планинарењето и дружењето со пријателите, семејството... Како што вели, и едната и другата професија ѝ е важна, подеднакво, бидејќи целосно ѝ го измениле животот, на подобро. Затоа и максимално ужива во обете.
А, кога се работи за одговорите на прашањата од симултаното интервју, нема дилема исто така - сигурно ќе ве заинтригираат. И што е најважно ќе ве натераат да размислувате на темите - за убавината и секако, машко-женските односи.
СИМУЛТАНКА
* Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?
М. Ј.: Нема еквивалент на убавината и тоа не може да се компарира со само една особина т.е. карактеристика. Убавината е субјективна и релативна категорија. Обично, тоа што го дефинираме како „убаво“ e рефлексија на вредностите кои ги претпочитаме. Но, треба едно да сфатиме - дека убавината е двокомпонентна категорија, составена од две компоненти: физичка и духовна убавина, исто како и двокомпонентниот лепак што кога ќе залепи, нема одлепување.Доколку со убавината и шармот на партнерот, неговите морални доблести и квалитети, се поклопат и коцкичките за обостраното духовно и физичко привлекување, тоа е она што може да се нарече љубов и среќа.
* А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?
М. Ј.: Привлечноста секој ја перцепира на свој начин. Но, сметам дека универзалната привлечност може да биде неодолива само како коректен микс од сите тие атрибути, во кој предноста секогаш ја давам на умствените и високоетичките човечки особини. Што се однесува до нештата на кои не е можно да се одoлее, сметам дека никој не е поштеден од таквите универзални сили во секојдневното живеење. Единствено што не можам да одолеам во контекст на привлечноста се неретките случаи кога некој, глумејќи го она што не е, испаѓа доста смешен, а понекогаш и карикатура од човек, да не речам глуп, се врзува самиот себеси во нескладноста на сопствените прашања, одговори и лаги и во таков случај ми доаѓа од срце да се изнасмеам. Можеби тоа е мој хендикеп, но навистина на тоа не можам да одолеам и никако не можам да го сокријам истото.
* Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?
М. Ј.: Одоворот на ова прашање мислам дека варира од жена до жена и од нејзината животната доба. Воедно сметамдека ни мажите ни жените не треба да се плашат и јасно да ги искажат своите очекувања, визии и барања од партнерот во една љубовна врска.
* Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?
М. Ј.: Разликите се драстични, но во секој случај сметам дека денес жената треба во целост да биде рамноправен субјект како во семејството, така и во општеството воопшто и дека времето кога жената се држела во покорност и имала второстепена улога во семејството и општеството веќе одамна е отидено во историјата, како одамна минато свршено време. И да потцртаме: џентлменството и кавалерството како категории се доминантни над другите затшто недвосмислено претставуваат сублимат на она што треба секој да го поседува: добро образование, добро домашно воспитување, добро однесување со пристојност, одмереност и умереност во секој поглед.
* Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?
М. Ј.: Мислам дека тоа може да се насети од мојот претходен одговор. Преферирам природно, ненадмено, пријателско однесување. Можам да нагласам дека и вниманието и смислата за хумор игра значајна улога.
* За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?
М. Ј.: Одговорот на ова прашање ќе ве потсети на некој од претходните, каде што во прашањето го загатнавте џентлменството и кавалерството. Веројатно илузија е дека во нашата земја постои само еден таков конкретен лик за кој би се одлучиле и да го селектираме како еден и единствен кој ги надминува и засенува сите останати. Такво нешто не постои не само кај нас туку и секаде во светот. Меѓутоа, како профил, постојат таквите луѓе, иако не во изобилство, но ги има во сите сфери од нашето живеење (да не ги набројувам), а ги има и помеѓу обичниот свет, кои не се ни политичари, ни дел од естрадата, културата, а ни дел од јавните личности воопшто. Таквите личности се издвојуваат по манирите кои ги поседуваат и културата со префинет стил на добро однесување, без претерувања. Од таа култура на однесување би ги издвоила пристојноста, одмереноста и умереноста, со особен апостроф кон понежниот пол, старите лица и лицата со хендикепи животните. Ако во отсликувањето на профилот на таквиот Македонец го додадеме и високиот степен на минат труд на одлично домашно и институционално воспитување, доброто образование и богатото животно искуствено дејствување, сето тоа ни го дава одговорот кој го барате. Некои едноставно би рекле дека со други зборови тоа е добар човек што надалеку го бие добар глас, кој и не е многу далеку од реалноста. Притоа, да не заборавиме, елеганцијата на гардеробата и шармот во физичкиот изглед се второстепени, но ако и тие се земат предвид како потенцијална предност, тогаш во целост можеме да ставиме потврда со печат на она што во прашањето го нарековте прав господин човек, џентлмен.
* Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 173, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?
М. Ј.: Ако ме вратите уште пет-шест века наназад, во средниот век и во времето на инквизицијата, одговорот треба и самите да го препознаете зашто и вие самите нема да се согласите со тие ветви и излитени тези за пријателството, искажани од луѓе кои жената ја гледаат само како објект, во улога на покорност и без никакво право на глас. Денес прашање е само колку сакаме да забележиме зашто секојдневниот живот постојано ни покажува дека пријателството е категорија која постои без разлика на полот, возраста, верската, националната или каква било друга припадност. Едноставно тргнувам од себе и ви го давам овој одговор. Излишно е во 21 век сѐ уште да завлегуваме во објаснување на правата за кои жената се изборила уште пред повеќе од сто години и истите се институционално потврдени од сите цивилизирани земји и нации во светот, со исклучок на некои диктаторски земји каде што жената се третитра на неандерталско и кромањонско ниво и со исклучок на некои примитивни племиња од џунглите.
* Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?
М. Ј.: Секако дека сличноста во карактерните особини на партнерите е добитната комбинација зашто животот покажал дека разликите често доведуваат до несреќен крај на една врска или брак. Идеална сличност и складност во карактерните особини не може да постои, но најважно од сè е другите сили, оние што ја зацврстуваат врската, да се многу помоќни од деструктивните сили кои ги продлабочуваат разликите, за тие да можат, со својата центрипетална и гравитациона моќ, да ја одржат врската или бракот во живот и во среќа. Тоа се љубовта, вниманието, посветеноста на врската и бракот, хармонијата во заедничкиот живот, помагањето во тешките ситуации, емпатијата, детерминирањето на двете личности да еволуираат и растат заедно низ предизвиците што ги носи животот итн.
* Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.
М. Ј.: Чинам дека ова веќе ви го одговорив во претходното ваше прашање. Кон резултантата од силите кои ја зацврстуваат врската, она што во претходното прашање го нареков центрипетални и гравитациони сили, ако ја додадеме и категоријата на толерантноста, одговорот може да се смета за целосен. Меѓутоа, овде морам да потцртам дека во сетот на сили кои ја зацврстуваат врската или бракот, толерантноста зема значајно место, но не е одлучувачка, која сама може да одржува една врска. Секако дека таа треба да постои, но силно е ограничена со црвени линии, после кои нема напред и не може само со толеранција да се оди напред до бескрај. Скратено и малку извулгаризирано, толеранцијата е нужно зло без кое не се може.
* И, на крајот - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?
М. Ј.: Во принип не се согласувам со ваква дихотомија на улогите на жената и мажот во една врска од каков било облик. Денес, во многу случаи, жената знае да биде симултано и столб и движечка сила во врската или семејството. Но, што се однесува до правата во брачната заедница, само единството и еднаквоста се формулата за среќен брак, здрав живот, здраво семејство и опстојување низ сите неповолни ветришта и виулици низ животот. Само тие можат да ги надминат сите препреки и да ги неутрализираат сите неповолни влијанија во еден заеднички живот.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Марија Јанакиевска