НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: СНЕЖАНА (САНИ) БОГДАНОВСКА

Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.

Кога е привлечноста во прашање, надворешниот изглед е особено важен, да не речеме дека има пресудно значење, а карактерните особини, меѓу нив и интелектот и интелигенцијата (емотивната, пред сѐ), вклучително и шармот, само ја дополнуваат, комплетираат и секако, придонесуваат за неодоливоста. Оттаму и меѓусебната поврзаност како своевидна обусловеност, зависност... Нема дилема, познатата глумица и моначката принцеза Грејс Кели беше една од најубавите жени на светот во блиското минато. Се разбира, во пошироката смисла на зборот. Едновремено важеше за кралица на контурирањето, пред да се нарече така и да стане моден тренд. Со мејкап совршено ги нагласувала јаболчниците, кои ги сметала за атрибутивни. Наводно, користела два вида руменило - со едното ги прикривала недостатоците, а со другото ги акцентирала добрите страни. Повеќе или помалку, таа ја претскажала иднината на шминката. Згора на сѐ, важеше и како умна жена.

Негата, грижата за себе исто така е битна и покрај тоа што убавината во голема мера е и господова работа. И надворешната, па дури и внатрешната. Синтагмата „неодолива убавина, македонска“ несомнено дека се врзува и со модната новинарка Снежана (Сани) Богдановска. Професијата ја доживува како хоби, а и обратно - хобито како професија. Таа всушност е нешто што во разни облици, форми го работи цел живот, со страст, пасионирано и посветено. Како што вели, да не треба да се грижи за егзистенцијата, само би готвела, пливала, читала и шиела. Сега особено, со статус на вдовица. И да, се надева дека во скоро време ќе ја напише долгопосакуваната „Историја на македонската мода“. 

Се разбира, нејзината елоквентност е забележлива и во десетте одговори на толкуте прашања од симултаното интервју за машко-женските односи, убавината и слично.

СИМУЛТАНКА:

* Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?

С. Б.: Пандан на женската убавина може да е само машката убавина, на машкото срце - женското срце. Тука нема мешање на категориите како еквивалент. Друго е прашањето дали некому кому му е битна само физичката убавина на жената, како ќе успее да ѝ одговори - со убавина, со шарм или со паричник.

* А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?

С. Б.: Шармот и харизмата се нешта кои не можат да се дефинираат, ниту да се научат. Едноставно така се раѓаш, таква ти е ѕвездата. А, ведрината и луцидниот хумор се нешта на кои тешко некој може да одолее. 

* Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?

С. Б.: Тоа дефинитивно не е нешто што е мистериозно. Пред сѐ, повеќето жени сакаат некој кој е чесен. Без искреност нема основа. Ако некој сака вистински да влезе во светот на која било жена, тој треба да биде директен и чесен со неа. Она што го сакаат жените е да биде сакана, сослушана, посакувана, почитувана, потребна, да ѝ се верува, а понекогаш и само прегрната. Жените не би сакале да мораат да играат игри за да дознаат дали мажите ја кажуваат вистината. Жената сака да се чувствува посебно во окото на мажот кој го сака. Тоа понекогаш се мали нешта кои мажот ги прави за таа да се чувствува добро. Таа сака да биде со некој што секогаш ќе биде тука за неа. Човек на кој може да се потпре и кој секогаш ќе биде љубопитен околу неа. Не само да ѝ даде комплимент, туку да знае дека мисли на неа, да го покаже тоа.

* Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?

С. Б.: : Bad guys отсекогаш им биле попривлечни на девојките. Но, созреаната жена се разбира, бара нешто друго. Џентлмен е сонот на секоја жена. Ама не оној кој отвора врата и носи цвеќиња, туку човек кој се базира на вредности, морал и чест. Терминот се припишува на мажите кои ги третираат жените со почит, но и сите други луѓе подеднакво. Сите знаеме дека тоа е традиционална вредност, повеќе или помалку. Сепак, вистинскиот џентлмен се однесува така бидејќи е убеден дека тоа е вистинската одлука. Човек кој се грижи за своите одговорности, без разлика дали тоа е неговата работа, семејството, пријателите или каква било друга одговорност. 

* Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?

С. Б.: Нештата како учтивоста, смиреноста и внимателноста се базата за дефинирање на тоа што значи да се има манири. Вистинскиот маж е принципиелен, води грижа за своите ветувања и никогаш не го прекршува зборот, ниту пак ќе остави нешто недовршено.

* За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?

С. Б.: Имав посебна привилегија да правам интервјуа на многу амбициозна тема со ликови кои ги исполнуваат сите параметри на зборот џентлмен во суштинската смисла на зборот. Првиот избор беше Никола Ристановски, прва асоцијација и дефинитивна констатација. Единствен и посебен и како талент и како сензибилитет, со харизматична појава и вродена луцидност, интелектуална супериорност, фантастична посветеност на професијата, но и на семејството. Чесен, доследен и принципиелен, непосреден и зачудувачки приземен. Без ниту едно петно, ниту приватно, ниту професионално, ќе ја надмине дури и самата дефиниција на терминот. 

* Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 173, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?

С. Б.: Па, секако дека нема да може да ѝ биде пријател ако има наклонетост кон неа, емотивна или физичка, сеедно. Но, не сите мажи се привлечени од сите жени и обратно, па дури и женките во животинскиот свет не се спаруваат со секој мажјак, а не пак во сложената еволутивна човекова природа. Таквото размислување, без разлика што доаѓа од таков книжевен ум, само по себе е контрадикторно и може да се постави обратно - таму каде што нема привлечност нема можност за врска, освен ако не е од лукративни причини, се разбира.

* Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?

С. Б.: ЈИН и ЈАНГ е одговорот. Спротивности кои се надополнуваат, а не ништат, кои се во хармонија, а не во меѓусебна борба. Цело е кога има сѐ, нели? 

* Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.

С. Б.: Како некој кој бил во брак 35 години, а пред тоа во врска 10 години, што ќе рече цел возрасен живот, веројатно би требало да знам што се подразбира под успешен заеднички живот. Љубовта е единствениот одговор, но онаа вистинската, ако имате среќа да ја најдете или таа да ве најде вас. Оттука ќе произлезе и толерантноста и компромисот и надминувањето на сите предизвици кои животот ги носи неминовно. И многу е едноставно, но многу тешко изводливо - ако сакате да бидете со некого, треба да го прифатите онаков каков што навистина е, неговата природа и почитта кон тоа да биде свој, а не да го моделирате онака како што вие би сакале да биде. Тоа се нарекува емоционална ителигенција. Не секој ја поседува, но секој може да ја научи ако сака.

* И, на крајот - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?

С. Б.: Ако се има среќа да се живее во семејство со патер фамилијас и матер фамилијас, а не со родител 1 и родител 2 или само со еден родител, тогаш фигурата на таткото и фигурата на мајката треба да си ја имаат својата автентичност. Жената треба да е женствена, а мажот мажествен, колку тоа некому да му звучи старовремски. Секако дека тоа не значи ригидна поделба на машките и женските работи, напротив. Едноставно секој треба да го прави и учи своето дете на она што најдобро го знае да го прави. Мојата ќерка (синот кој го немам) и покрај долгите нокти, подобро ракува со бормашина од повеќето момци. 


Игор Ландсберг

Фотографии: приватна архива на Снежана (Сани) Богдановска