НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: ВИКТОРИЈА ЈАНАЧКОВИЌ
Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото
мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не
може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.
Убавината во секој поглед - и кога е надворешниот изглед во прашање и кога се работи за интелектот - мора да се одржува, негува и секако, да се надградува (умот, разумот). Повеќето жени кои некогаш важеле за убавици, па дури и заводнички (без оглед на тоа што убавината и заводливоста не секогаш се поврзани меѓусебно), како на пример италијанската ѕвезда од филмскиот екран - Софија Лорен, која долги години беше синоним на сексапилот за кој, пак, се зборуваше дека произлегува од нејзината природност, на обожавателите им ги откриваа тајните, меѓу нив и за убавата фигура што предизвикува занес и покрај тоа што е дадена од Бога, во најголем дел. Таа инаку ја споменувала пастата, односно тестенините, како причина за неа. Имено, велела на шега (можеби и не) дека уживањето во храната и животот генерално прави да блескаме сите, буквално. Исто така одвреме-навреме се капела во маслиново масло, за хидратација - наводно. Ах, Италијанки!
Жените од македонско потекло се неодоливи, како и да било. Комплетноста е императивна, без сомневање. И секако, можат да им парираат на сите, па дури и на Италијанките, а пропо „беседењето“ за филмската ѕвезда. Стоматологот Викторија Јаначковиќ не само што привлекува со надворешниот изглед, нејзината убавина доаѓа и однатре. А, причина за тоа е среќата, меѓу другото - наспоредно. Како што вели самата, релативизирањето на придавката „среќна“ всушност го разоткрива, во смисла на објаснување на нејзиното чувство, емоција. Освен веслањето со кајак, го сака и тенисот и Ѓоковиќ и... Да, сама е. Но не и осамена.
Искреноста не секогаш е врлина и покрај тоа што честопати здоболува, онака - длабоко. Впрочем, така и одговори на десетте прашања од симултаното интервју. За жал, вистински, прав господин човек, џентлмен - Македонец не сретнала досега. Се разбира, описот е нејзино (субјективно) мислење. Затоа нема лутење, можеби ќе треба само да размислиме, сите до еден. Хм! најверојатно.
СИМУЛТАНКА:
* Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?
В. Ј.: Убава жена никако не смее да биде „тупава“ до болка. Не знам колку мажите денес ги интересира мозокот и содржината на една жена, затоа што односот маж-жена стана многу тривијален, но компатибилност меѓу физикусот и сите внатрешни епитети и квалитети мора да постои, да бидат ускладени. Не би сакала мажот да биде како жена, но мора да постои сличен сензибилитет и, пак, компатибилност - слични погледи на свет, слични афинитети.
* А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?
В. Ј.: Како што девојката/жената созрева со текот на годините, би требало и квалитетите кои ја привлекуваат кај спротивниот пол да се менуваат. На 18 год. воопшто не ми беше битно дали си одговаравме интелектуално, на 25 ми беше, а сега ми е битно сѐ. Има многу работи кои ми се допаѓаат и не сакам ригидност кај вкусовите, затоа што се дискутабилни, но секако, на прв поглед ми е битно да биде со физикус покрај кој би можела да се задржам повеќе од 5 минути, но после истите 5, ако зрачи со фрустрираност, комплекси, нереализираност, тогаш подалеку од него - не можам, па дури и најубав на свет да е.
* Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?
В. Ј.: Мислам дека денешните жени станале толку едноставни и без некои особени критериуми што паралелно со тоа на цена добија мажите кои се безлични, без особена содржина, но со јак финансиски статус кој, за жал, е пресуден кај жените. За жал, денес мажите не треба ништо посебно да се трудат, освен да обезбедат убав живот, секако со парите на мама и тато, што ми е поприлично одвратно. Заштитнички однос не значи патолошка љубомора и зборови „Јас да ти кажам...“, туку да се грижиш исто како брат за сестра и да бидете одлични другари. Што се однесува до самодовербата, постои лажна и заснована на факти. Втората или се наоѓа многу ретко или е искоренета.
* Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?
В. Ј.: Видете, никогаш не сум сакала приказни за пепелашки, за принц од жаба. Мислам дека се исти приказните за оние кои од ништо станале нешто во социјалниот живот. За еден маж да биде господин, мора да биде вклучено сѐ - од семејна генетика, преку однесување и чекорење во животот.
* Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?
В. Ј.: Болна љубомора не поднесувам, посесивност и како што веќе кажав - физичко насилство врз жените на кое му претходи психичко малтретирање. Во оваа прилика апелирам до жените кои мислат дека „Тој ме сака, ама јас не можам да имам деца со него“ или „Треба да се вратам од не знам каде”, таков не може да сака, емотивно е хендикепиран и со тоа покажува болна немоќ. Тепаното дете тепа, така што нека размислат добро во што се впуштаат.
За мене, мажот не треба да има никаков надобуден став, туку од него да извира харизма, шарм, среќа и самодоверба изградена на основа на реализираност на секое поле. Само таков маж нема да покажува фрустрации од болни размери. А, сите ние имаме фрустрации и сосема е нормално.
* За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?
В. Ј.: Немам сретнато - досадни се, безлични, бледи, некреативни, без стил и социјално ампутирани.
* Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 172, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?
В. Ј.: Оноре бил очигледно приврзаник на строгиот мачизам и феминизам и стриктно ги одвојувал тие работи. Од моето лично искуство, јас не се согласувам со тоа. Убавата жена ја посакуваат сите, но ако е доволно паметна - може да одбие човечки, фер. Тоа мажите го ценат и секако, може да прерасне во пријателство, каде што мажите се покажуваат како одлични пријатели.
* Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?
В. Ј.: Мислам дека тоа не постои и многу е досадно. Кога парот станува како габа, па не знаат кој е кој. Треба да бидат компатибилни, т.е. сите мани да си ги прифаќаат, а промени мора да постојат и кај едниот и кај другиот партнер. Но, ако говориме за карактерни, тоа е невозможно. Можеби на кратки стази да, но природата на другиот секогаш испливува на површината после 2, 3... 5 години. Не се менувајте по цена на ништо и никого.
* Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.
В. Ј.: За мене, брак не значи папирологија. Видете ги Расел Кроу и Голди Хоун, кои немаат папирологија, а веќе 30 години се во релација. Папирологија не ме интересира. Немам поим која е тајната затоа што не сум во брак, ниту сакам, ниту пак сум во врска. Мене лично ми е битно да ми е пријател, а не да ме менува и да заличувам на мајка му. Немам ништо со баби додека сама не станам баба.
* И, на крајот - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?
В. Ј.: Мислам дека жените станале многу машкуданести, премногу свои и барем оној мал процент мажи не би сакал жена да му се занесува дека она е „она е... она е“. Да, ми се допаѓа што жената е самостојна, но не да се однесува како маж.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Викторија Јаначковиќ/ Elena Luka