Николов: Бодовите да останат во Штип, очекуваме добар резултат против Работнички
Младинскиот репрезентативец на Брегалница, Иван Николов, за утрешниот натпревар на Брегалница против Работнички во 9. коло од Првата македонска фудбалска лига, вели дека тимот е подготвен за освојување на нови бодови.
Николов беше еден од најдобрите поединци на македонската селекција на пријателските натпревари на турнирот во Хрватска, против Албанија и против Саудиска Арабија, носејќи ја и капитенската лента. Сега, посакува формата да ја преточи и на следните натпревари на „сините“.
Брегалница утре од 15 часот во 9. коло од ПМФЛ на Градскиот стадион во Штип го пречекува Работнички.
„Одигравме два добри натпревари со репрезентацијата. Ја победивме Албанија со 3-1, а ремизиравме (1-1) со Саудиска Арабија. Навистина сум задоволен од мојата игра и резулатите кои ги постигнавме. Сето тоа ми носи мотив сега и за следните натпревари на Брегалница. На ред е Работнички. Знаеме дека им промени во тој клуб па сигурно ќе пристигнат максимално мотивирани во Штип, но ние веруваме дека можеме да продолжиме со добрите игри, а бодовите да останат во Штип“ - вели Николов пред утрешниот натпревар.