Ново списание и прирачници за предучилишна возраст во издание на „Арс Ламина“
Издавачката куќа „Арс Ламина“ ја почнува оваа воспитно-образовна година со ново списание и нови прирачници по математика и графомоторика, наменети за предучилишна возраст. Станува збор за интерактивното и модерно дизајнирано списание „Ѕвезди“, два нови прирачници по математика за 4-5 години, односно 5-6 години, како и Прирачник за предучилишна возраст со графомоторички вежби (5-6 години). Новите изданија се со одобрение за употреба од Министерство за труд и социјална политика (МТСП).
Новото литературно и едукативно списание „Ѕвезди“ е вистинско освежување во понудата на списанија за предучилишна возраст. Предвидено е да излегува еднаш месечно за времетраење на воспитно-образовната година (септември-јуни). Наменето е за деца од четири до шест години. Содржините концепциски се усогласени со воспитните цели и содржини предвидени според програмата за ран детски развој.
Списанието „Ѕвезди“ е извор на знаења за децата, но и корисно дополнително средство за воспитувачите при реализирање на програмата за ран детски развој во воспитните групи. На децата им се овозможува интеракција низ цртање, доцртување, боење, поврзување, раскажување и логичко подредување на даденото дејство. Посебен фокус е ставен на содржините од областа на македонскиот јазик како препознавање на буквите и поимите, совладувањето и користењето на лесни математички операции, како и пристапот во обичното секојдневие, запознавање и разбирање на околината.
Составен дел од списанието „Ѕвезди“ е и подлистокот „Ѕвездички“, преку кој децата имаат можност низ игра да се стекнат со нови знаења и вештини, да бојат, да пополнуваат, да дополнуваат и да изработуваат. Во секој број вметнат е и дополнителен додаток за креативни изработки, со кој преку боење, сечење и лепење кај децата се развиваат моторичките вештини. „Ѕвезди“ има и свој додаток и на интернет – специјално конципирана интернет-страница Zvezdi.mk, каде што ќе се објавуваат материјали за аудио и визуелно дополнување на содржините од списанието.
Новите прирачници: Математика – прирачник за предучилишна возраст (4-5 години), Математика – прирачник за предучилишна возраст (5-6 години) и Прирачник за предучилишна возраст со графомоторички вежби (5-6 години) се со содржини подредени според Програмата за рано учење и развој и се приспособени на возраста на децата.
Со помош на овие прирачници децата ќе се оспособат за просторно ориентирање и вербално искажување на односите меѓу предметите; да ги препознаваат цифрите од 1 до 5 и од 5 до 10, исто така и да бројат до 10 и да поврзуваат количество со број. Ќе научат за класификација, компарација и серијација според боја, форма, големина, вид и род; за одредување и препознавање на временските релации; за воочување, препознавање и именување круг, квадрат, триаголник, топка и коцка; за процена на количество и должина и проверка со мерење и со броење. Содржините ќе им помогнат да ги развијат фините моторни вештини на мускулите на рацете и прстите; преку систем од графички вежби постепено да изведуваат координирани движења и да ракуваат со приборот за пишување; да почнат активности како чкртање, цртање и боење, кои понатаму се развиваат во вештини за пишување.
Прирачниците по математика ги рецензираше стручен тим во состав: д-р Слаѓана Јакимовиќ (професор по математика на Педагошки факултет, УКИМ), д-р Методи Главче (професор по методика на математика, Педагошки факултет, УКИМ), д-р Кирил Барбареев (професор на Факултетот за образовни науки, УГД, Штип), Иванка Петров (воспитувачка во ЈДГ „Весели цветови“, Скопје). Барбареев и Петров се јавуваат како рецензенти и на Прирачникот по графомоторика.
Списанието „Ѕвезди“ и прирачниците се модерно дизајнирани и веќе на прв поглед се издвојуваат од постојните прирачници на пазарот и истовремено одговара на потребите на денешните деца. Во нивното ликовно-графичко обликување се следат најновите концепти при обликување на изданијата за деца, следејќи го принципот на испраќање воспитно-образовна порака преку илустрациите што се создаваат и се одбираат соодветно за возраста на децата.
Во овие изданија се користени внимателно избрани фонтови што се приспособени за фазата на описменување на децата, вклучително и децата со дислексија. Кирилскиот фонт DyslexicFZF е специјално развиен од Филозофскиот факултет при УКИМ и Здружението за дислексија „Ајнштајн“.