Од вртоглава кариера до пијани ноќи, долгови, живот во илегала и повторно „воскреснување“: Македонската легенда Игор Џамбазов ја прослави златната 60-ка
Нашиот актер, музичар, шоумен, водител, писател... Ултраталентиран лик со неверојатно животно искуство преточено во неколку пишани изданија, нашиот Игор Џамбазов неодамна ја прослави златната 60-ка. Иако животот му приреди трагикомично сценарио, денес тој се уште е Игор кој сите го паметиме, насмеан, духовит, креативен, инспирација за сите млади генерации кои се бават со некоја од неговите професии. Генијален ум, со не толку среќна судбина.
Роден е на 15 јули 1963 година во семејството на маестро Александар Џамбазов и актерката Анче Џамбазова, ќерка на легендата Петре Прличко. Благодарение на овие корени и самиот Игор запливал во актерските води уште многу мал. На шест годишна возраст ја добива првата улога во филмот „Македонскиот дел од пеколот“, а по неа следеле улоги во разни емисии и сери од кои најзначајна е улогата на Трајче во филмот „Волшебното самарче“ од Ванчо Николески, во кој игра со легендарниот актер Ристо Шишков.
Покрај актерството, Игор мошне рано почнал да се бави и со музика. На само 12 години, ја формирал својата прва група „Поп“ и со неа активно ординирал по скопските гаражи и скривници. Петнаесет години подоцна почнал да настаппува со култната скопска атракција „Хавана Бенд“ сочинета од Игор, Горан Атанасов - Зеко и Сашо Пижевски – Пиже, а за неколку месеци од основањето снимиле дури три хита „Дај ми, жити све...“, „Нема спас“ и „Шток ми, бејби“, една од подобрите песни чии комплетен автор бил Џамбазов.
По дипломирањето на Академијата за драмски уметности во Скопје, работел во Драмски театар, а одреден период играл во МНТ додека во него сѐ уште глумеле неговата мајка Анче Џамбазова и неговиот дедо Петре Прличко. Во 1996 година играл во филмот „Добредојдовте во Сараево“ чија премиера била на престижниот Кански фестивал.
Деведесетите биле плоден период за Игор, овој период тој го освоил и рекордот за непрекинато водење на радио програма, поточно, 24 часа без престан водел емисија во живо на една македонска радио станица.
Домашните музички фестивали во почетокот на деведесеттите биле исто така предизвик за Џамбазов. По неколку одлични хитови со тогшаните познати музички имиња, на фестивалот Макфест во 1992 година, каде настапил како дебитант со песната „Време за плачење“, тој ја добил втора награда, а статуетката му ја врачил тогашниот претседател на Македонија Киро Глигоров.
Како изминувале годините Игор нижел само успеси, како со улогите кои ги играл во разни претстави и филмови така и преку музичките проекти и водителството. Кон средина на деведесетите, неговата популарност вртоглаво расте откако почнува да води еден од најпопуларните тв квизови „Џандар Збира“, а потоа и „Бинго“.
Само кратко по овој вртоглав успех, животот на Игор почнува да се движи во надолна линија, и покрај целиот успех и популарност, тој запаѓа во канџите на пороците. Чаршијата почнува молскавично да ги пренесува случувањата од неговиот приватен живот а неговите поддржувачи во неверица го следеа секој негов чекор. Тој период станува уште потежок кога прерано ја губи и својата мајка Анче, а проблемите од ден станувале се поголеми. Пијаните ноќи и долговите се зголемувале се додека не одекнала страшната вест. Игор Џамбазов исчезна. Долго се трагаше по него, се додека не се донзна правата вистина, тој се крие во едно село во Македонија. Откако успеа некако да исплива над ситуацијата, пороците го враќаа повторно на дното.
По кратко од овие случувања, се разведе од неговата голема љубов Искра , која долго како што и самиот велеше, не можеше да ја преболи а за неа напиша и песна. Во најтешкиот период од животот животот, Џамбазов ги пишува своите ултрапопуларни дела „Тоа сум јас“ и „Гол човек“ а по нив и „Прирачник за антиалкохолочари„ за кои се бараше книга повеќе. Во нив е опишан целиот негов живот и случувањата од едно време кое не било нималку лесно, а добро се завршило благодарение на неколку луѓе кои му помогнале да излезе од канџите на злото.
Игор полека почна да се враќа и да закрепнува од тешкиот период. Се потпишува како текстописец на многу хитови отпеани од нашите познати пејачи, а присуствува и на концерти на свои соработници...
Музичката ренесанса на Игор кулминира со големо мултимедијално шоу по повод педесетиот роденден и јубилејни четириесет години телевизиска кариера, триесет години од првата професионална театарска улога, како и дваесет години од неговиот прв албум и соработка со пријателот Игор Атанасовски – Харе. Концертот се одржа во 2013 година, во големата сала на спортскиот комплекс Борис Трајковски кој беше исполнет до последното место и траеше речиси 3 часа. На него присуствуваа многу соработници и колеги на Игор, како што се македонските пејачки Калиопи, Тамара Тодевска и Елена Ристеска, пејачот Влатко Илиевски, Пере и Франци од групата Нокаут и хорот на Златното Славејче под диригентската палка на Александар Џамбазов.
Години потоа Игор продолжува да работи и да постигнува успеси, а во меѓувреме ја запознава и својата голема љубов, Илина.
Илјадници следбеници ја поддржуваа љубовта на оваа двојка и навиваа да прерасне во нешто поглемо, сепак по неколку години забавување, поради работините обврски на Илина надвор од Македонија, нивната љубов згасна, а останаа само добри спомени од едно убаво поминато време.
Во секој случај животот на Игор не е приказна која може да се срочи во неколку реда, а за тоа говорат и неговите автобиогравски пишани дела. Игор е жива легенда, инспирација за секој еден човек, мултиталент и непресушен извор на позитивна енергија.
- Да беше животов хокеј, овој ден ќе беше почеток на последната, трета третина. Ако на крајот биде нерешено, ќе има и продолжетоци... Јадев 60-ка со кромид… напиша Џамбазов по повод својот шеесетти роденден.
Среќен нека е и на здравје!
Елеонора А.