Лаф-муабет со Ѓорѓи Филипов: Никогаш да не забораваме - „Како што мериме, така ќе ни биде и мерено“
Денешниот соговорник, учесникот во овој (понеделнички) разговор ѝ е добро познат на пошироката јавност, а следователно и на читателите на нашиот портал - Ѓорѓи Филипов дефинитивно важи за видна личност од јавниот живот, кој секогаш е интересен за читање, муабетење на различни теми, во голема мера и поради ширината на неговите погледи, сфаќања за сите нешта, меѓу нив и суштествувањето, времето како една од главните, основни форми на постоењето...
Амбасадорот го интервјуиравме само неколку дена по враќањето од Света Гора каде што беше во тридневна посета, заедно со уште тројца пријатели. Оттаму и причината за дел од разговорот да го посветиме на тамошниот престој, вклучително и на монашките правила, скромност..., а пропо нивната, како и неговата животна филозофија до која се држи, генерално. И покрај тоа што сака повеќе да говори за дипломатијата, надворешната политика, муабетот го започнавме со прашањето за т.н. рак-рана во македонското општество, неговата целосна партизација, визави кандидатурата за претседател на државата - поуката, искуството... Се разбира дека продискутиравме и за јогата и за музиката и за модата..., имајќи го предвид фактот што е јогин веќе дваесетина години, членуваше во рок-групата „Еригон“ на крајот на 1970-тите и на почетокот на 1980-тите, шапката му е заштитен знак уште од студентските денови, сосе брадата... И секако, за табиетот - со придавката „кавадаречки“, на самиот крај.
ММ: Ширината на Вашите погледи, сфаќања е причина да си помуабетиме на различни теми, согласно концептот на порталот, но не можеме ништо да не проговориме за ситуацијата во која се наоѓа земјава десетици години наназад. Ме интересира дали е можно слободоумие, независен (слободен) начин на мислење во услови на целосно поларизирање на општеството врз партиска основа, т.е. партизација... Каде нѐ води сето ова? Всушност, каде сме? Во секој поглед.
Ѓ. Ф.: Благодарам за интересот на вашиот ценет портал и одлуката за ова интервју или лаф-муабет како што велите или велиме ние во Тиквешијата. Станавме преполитизирано општество, па ете и вие не можете да ја прескокнете темата „политика“ за која ретко зборувам, следејќи ја препораката „политиката на политичарите“. Затоа почесто се согласувам да дискутираме за дипломатијата или надворешната политика. Но, како што констатиравте во самото прашање, во услови на „целосно поларизирање“ на партиска основа, човек не може и не смее да остане без свој поглед, па и без свој придонес во деполаризирањето и нормализацијата на меѓучовечките односи во земјава поради овозможување неоптоварен развој во вистински потребните насоки на демократизацијата, технолошкиот и социолошкиот напредок и приближувањето до европските стандарди во сите пори на живеењето. Партизацијата стана предуслов за „напредување“ во општествените скалила. Неоспорна вистина е дека таа сѐ уште, многу често е поврзана и со етнонационалните партии, пракса која не ја среќаваме во демократските општества во Европа, а многу малку и во светот воопшто. Овие факти за партиите сами по себе не би биле лоши доколку праксата не покажа дека партизацијата себично, многу често ги запоставува интересите на заедницата (државата) и исклучиво работи во интерес на партијата, етничката група или деловите од групите во самите партии. Ваквата состојба во политиката директно влијае на влошувањето на вкупните резултати и индикатори за развојот на одредена земја, па и на РС Македонија, видно предизвикувајќи висока корупција, намалување на интересот за останување во државата и одлив на кадри од речиси сите профили и нивоа на образование. Тука сме, каде што сме. А, каде нѐ води продолжувањето со ваква пракса, не би сакал да изговорам зашто и самите знаете, и вие и вашите читатели. Мојот придонес во надминувањето на оваа состојба („каде што сме“) го гледам во постојаното укажување на тој процес на поставување на партиските над општествените интереси, применувајќи го во пракса, инвестирајќи во земјава, нагласувајќи дека сѐ уште има време и простор за отстранување на аномалиите и фаќање на правиот пат кој води кон развој во права смисла на зборот.
ММ: Вашите размислувања за разни теми често ги објавувате на социјалните мрежи. Пред неколку години, ми се чини дека во 2019-та, извадоците од нив ги собравте во книгата „Воздигање над облаците“ чија порака беше дека сепак излез постои, без разлика колку и да изгледа облачно. Четири години подоцна, стоите на истиот став - дека може да огрее сонце доколку правилно се насочат мислите, акциите...? Ќе ни дадете насока, поконцизно? А пропо состојбата во државава, онаква каква што е моментално.
Ѓ. Ф.: Помина долго време, од книгата останаа уште педесетина примероци, ние не се вивнавме над облаците, но со влегувањето во НАТО барем обезбедивме сигурно летање низ облаците. Сега подготвувам нова книга, мислев да ја објавам подоцна, но започнувањето на преговорите со ЕУ ми дава надеж дека не морам да чекам да завршат, така што книгата ќе се појави порано во книжарниците. Сонцето сигурно ќе огрее, порано или подоцна, а за да го здогледаме, треба што помалку вештачки да ја загадуваме атмосферата на внатрешен и надворешнополитички план со правилно насочување на мислите (можеби не сте ни свесни колку сте во право) зашто сѐ почнува токму од мислите. А, мислите треба да гледаат на реалната сегашност и на влечењето вистински политички, економски и дипломатски потези, кои ќе имплицираат посигурна, побогата и порелаксирана иднина на сите граѓани на Македонија. Мислите треба да ја визуализираат нашата татковина во Европа, опколена со помирени соседи (Бог ни ги одредил, ние не можеме да ги бираме) со кои живееме во заемна почит, доверба и соработка на секој план. Поконцизно, внесување на оние етнички групи, кои не се внесени, а сакаат да бидат во нашиот устав со што ќе завршат правните пречки за продолжување на преговорите, а потоа, чекор по чекор, адаптација на законодавството и особено, имплементација на законите, кои ќе нѐ доведат до задоволителна висина за судската пракса, појавата на корупција, почитувањето на правата на интелектуална сопственост, задржувањето на економските и финансиските показатели на прифатливо ниво на ЕУ просекот. И сето тоа, посматрано само како влезница во ЕУ, а многу повеќе потоа, кога ќе треба да „играме“ според европските правила на европски терен, кој тогаш ќе биде и наш.
ММ: Истата година се пријавивте на огласот за претседателски кандидат на СДСМ, но консензуален - вонпартиски. Се покајавте, научивте нешто од изборот? Себеси се дефинирате како хомо социус што е особено важно за еден државник, спроти мнозината кои создаваат светови само за себе. Каков претседател ѝ треба на Македонија? Се ближат изборите, па... Ќе се кандидирате повторно, размислувате на таа тема?
Ѓ. Ф.: Да. Се пријавив. И покрај брзото откажување од натамошниот процес, му честитав на одбраниот кандидат и не се каам од таквата постапка зашто сепак нешто научив. Уката е во согласност со констатацијата од вашето прво прашање. РС Македонија е партизирана држава и граѓаните сѐ уште, а и уште долго ќе дозволуваат политичките партии (поточно водачите на партиите) да предлагаат кандидати и да им организираат кампањи, што директно влијае на натамошното однесување на одбраниот или пак избраниот претседател зашто, сакал-нејќел, тој секогаш е во позиција на „должник“ на партијата/партиите чии членови го гласале. Се разбира дека избраниот претседател не мора „де јуре“ да се чувствува обврзан, но „де факто“ - да, праксата за овие 30-тина години повеќепартиски систем покажа дека тој се чувства обврзан, па затоа често имаме појава на непочитување на избраниот од страна на партиските раководства или членството на партиите, кои гласале против одбраниот кандидат. Се надевам дека еднаш ќе прекине таа пракса и дека, откако ќе биде избран претседателот, секој граѓанин ќе ја почитува институцијата според позицијата што му ја дава Уставот. Што се однесува до кандидирањето за наредните избори, веќе реков дека нешто научив и ќе повторам: кај нас кандидираат партиите. Инаку, на темата размислувам како и секој друг Македонец, Албанец, Турчин, Србин, Влав, Бошњак, Хрват, Бугарин, Црногорец, Египќанец или граѓанин, државјанин на МК од друга етничка припадност и нема да ми биде сеедно какви кандидати ќе бидат предложени и кој од нив би бил одбран или пак избран.
ММ: А, што мислите - искуствено, дали „хомо хомини лупус“ (човек на човека му е волк), изреката на Плаут, една од мислите според кои англискиот филозоф Томас Хобс го изградил системот на својата правна филозофија е апсолутно вистинита - тука, во Македонија? Ги чувствувате ли егоизмот, саможивноста, себичноста..., љубомората?
Ѓ. Ф.: На ова прашање ќе одговорам со малку шега, сатира, па и сарказам - како сакате сфатете го. Мислам дека поопасно ќе звучи „Човек на човека му е човек“ отколку „Човек на човека му е волк“. На прв поглед, горната моја изрека звучи многу точно, ако погледнеме што се случува во Украина или што се случуваше во поранешната ни поширока татковина, Југославија во годините на нејзиното распаѓање. Во Македонија има една народна поговорка која вели: „На комшијата да му умре козата“, па дури и „Подобро да умре комшијата, за да му ја земам козата“. Звучи морбидно, но историјата докажала дека е точно. Да се потсетиме дека по секоја војна останувале бројни имоти во кои се вселувале „комшии“, понекогаш дојдени и од многу далеку, во куќи на избегани или на друг начин настрадани граѓани. Ова го зборувам колку да знаете дека знам што значат егоизмот, саможивноста, себичноста..., љубомората. Некои од овие поими можат да бидат означени и како болести. Ги имало и ќе ги има, не само во Македонија ами и во други држави и региони на Европа и на сите останати континенти.
Сепак, гласно викам дека светот напредува и дека периодот од 75 години без окупирани народи и држави и без војна во Европа не бил забележан никогаш во историјата. Делумно тоа се должи на технолошката револуција и развојот на телекомуникациските и транспортните средства и појавата на големите социјални иновации какви што се интернетот и социјалните мрежи, но делумно и на инфинитизималниот напредок на „човечноста“, ако психологијата или социологијата воопшто познава ваков поим.
ММ: Минатиот месец го посетивте Атос, на неколку дена. За првпат? Ќе ни кажете ли што Ве поттикна да одите на Света Гора? Посетата беше мотивирачка? Од што се воодушевивте најмногу, што Ве изненади на пример? И секако, научивте ли нешто од монашкиот (аскетскиот) живот, скромноста..., што почнавте да го применувате во секојдневието? Доволни се три дена за да се доближиме до нивната, односно филозофијата на тамошните монаси?
Ѓ. Ф.: Да, бевме ние четворица пријатели на полуостровот Атос или на Света Гора, од коишто јас и уште еден од нас бевме за прв пат, а останатите двајца беа искусни аџии, ако смеам да ги наречам така. Веќе десеттина години трагав по можноста да ја посетам таа света област, толку блиска до нас. Не знам дали има врска признавањето на Македонската православна црква од страна на сестринската Српска православна црква и на Васеленскиот патријарх Варталомеј од Константинопол, денешен Истанбул, но овој пат барањето ми беше прифатено и добив виза да влезам на Света Гора, со право на преноќување и присуство на литургиите и останатите настани, посета на манастирите и црквите, библиотеките и костурниците, како и прошетки низ улиците и паркчињата во три манастири, кои наликуваат на централни институции на, би рекол, мали гратчиња-замоци со влезни и излезни порти, беспрекорно чисти и мирни простори за тихување и молитви до Бога и Светата троица за мир во нас, мир со сите околу нас, мир во Европа и на целата планета Мајка Земја, на која често забораваме дека е една за сите човечки и други суштества создадени да живеат на неа. Што ме поттикна? Сакав на лице место да им оддадам признание на сите монаси на Света Гора за подвигот што го прават со откажувањето од световниот живот и посветувањето на Бога и молитвите во полза на човештвото. Се уверив во тоа дека постојат и такви луѓе, луѓе кои ме охрабрија да одговорам на вашето претходно прашање дека човештвото сепак напредува. Длабоко сум им благодарен на сите генерации монаси на Света Гора и секаде во светот и од сите религии или духовни движења. Ги посетивме и преноќивме во грчкиот манастир „Ватопеди“, во српскиот „Хиландар“ и во рускиот „Свети Бартоломеј“. Секаде бевме примени прекрасно, љубезно и пријателски, уште повеќе - братски. Од разговорите со одредените за нас монаси на најкраток можен начин научивме основни нешта за историјата и денешницата на манастирите, некогашното и денешното значење на Света Гора и Вселенската патријаршија. Периодот на нашата посета се погоди со празнувањето на Свети Василиј и Нова година по јулијанскиот календар, што требаше да значи дека имавме некаква привилегија. Брзо се сетивме, поточно забележавме дека изразите на горделивост, фалење, увеличување или истакнување недостасуваат во вокабуларот на нашите домаќини и дека скромноста, редот, дисциплината и чистотата во физичка и духовна смисла се основните атрибути што го красат монашкиот живот на ова свето место. Заклучокот е дека три дена се доволни за стекнување поим и основно познавање на тоа што значи Света Гора. За подетално запознавање или евентуална преобразба на личноста што престојува таму веројатно е потребен подолг престој. Целта што сакавме да ја постигнеме ја исполнивме. Метафорички кажано, го прочитавме воведот во имагинарната книга напишана со невидливо мастило за „Света Гора - на лице место“, ни остануваат уште многу посети за да навлеземе во содржината, а мислам дека целосно прочитување нема да можеме да направиме само во овие наши земски животи. Воведот беше прекрасен, уште еднаш благодарам до Управата на Света Гора и игумените и монасите на сите три манастири кои ни дадоа дозвола за посета и престој и нѐ примија како најдраги гости што им дошле дома.
ММ: А, каква е Вашата филозофија до која се држите во животот? Врз што се темели? Како гледате на времето? Си поминува брзо, оттаму и потребата од добро менаџирање со него. На што се сосредоточувате највеќе, т.е. што Ви е најбитно?
Ѓ. Ф.:Секој од нас има своја цел во животот, создал мисија за нејзина реализација, за која решил да применува одредена политика, одбрал стратегија и тактика, притоа секогаш имајќи го предвид факторот време. Да речеме дека просечниот животен век на луѓето во Македонија е 80 години, иако е помал, но поедноставно е за сметање. Посериозно ќе го сфатиме времето ако сметаме дека просечниот век е 960 месеци, околу 30.000 денови. Си го поставуваме прашањето како во поголемиот интервал на овие 960 месеци да бидеме среќни. Американецот Хајрум Смит, учител по управување со времето, дава систем што оди многу подалеку од вообичаените принципи на тајм-менаџментот и навлегува во теми како што се постигнувањето внатрешен мир со себеси и со тие околу нас, односно наоѓање среќа и радост во животот. Авторот открива десет закони што, иако не се природни, се со иста важност, точност и пресметливост како што се природните. Дозволете ми да ги набројам: 1. „Вие го контролирате вашиот живот, контролирајќи го вашето време“ 2. „Вашите вредносни критериуми се темелот на вашиот личен успех“ 3. „Доколку вашите дневни активности се одраз на вашите вредносни критериуми, вие чувствувате внатрешен мир“ 4. „Постигнување на значајна цел значи напуштање на зоната на комфорот“ 5.„Постојаното дневно планирање го „истегнува“ времето и ја покачува фокусираноста“ 6. „Вашето однесување е рефлексија на она во што навистина верувате“ 7. „Вашите потреби се задоволени ако вашето верување е во корелација со реалноста“ 8. „Негативните мисли се надминуваат со промена на некоректните верувања“ 9. „Вашето себеценење во крајна линија доаѓа однатре“ 10. „Давајте повеќе и ќе имате повеќе“. Моето животно искуство покажува дека почитувањето на овие закони дава резултати, но за да се применат, потребна е упорност, разбирање што значи и како може да се контролира времето и настаните, кои се условувањата, кои се крадците на времето и како да ги фатиме. Потребно е да ги одредиме нашите приоритети, нешто слично како што направил Бенџамин Френклин со неговите тринаесет доблести, т.е. да ги одредиме дневните, среднорочните, долгорочните и животната цел, како и вредносните критериуми според кои ќе живееме. Треба да бидеме свесни дека значајни цели не се реализираат ако сакаме само да уживаме во зона на комфор. Тогаш треба да се откажеме од високите цели во животот. „Френклиновиот модел на реалноста“ за успех и среќа во животот претставува аналогија на повратната спрега во теоријата на автоматското управување, а тргнува од дефинираните цели, односно потребите, преку верувањата, импликацијата „Ако, тогаш“, изборот на модел на однесување како рефлексија на она во што веруваме и завршува со резултати. Доколку забележиме дека немаме задоволителни резултати, се враќаме на почетокот и ги анализираме потребите, каде што најчесто се лоцира грешката во нашиот модел. Доколку сме се вкопале во некоја потреба, тркалото на потребите е сопрено и заглавено во некаква иреалност. Слично нешто се случува и доколку имаме погрешни верувања или убедувања за некои теми во животот од образовен, сексистички, воен, религиозен, политички, семеен или некој друг карактер. Нешто треба да се промени сѐ додека потребите не станат задоволени, што ќе се случи кога верувањата ќе бидат во склад со реалноста. Исто така, доколку постои негативно однесување, тоа се надминува со промена на некоректните верувања. Реалните верувања секогаш носат позитивни резултати, а каков и да било негативен резултат е индикатор за недостиг од контрола и симптом за реактивен начин на живот. При реализацијата на себеценењото треба да имаме предвид дека ние сме „повеќе луѓе во едно тело“ (ние сме деца, родители, партнери, инженери, шефови, претпоставени, потчинети и многу други личности) и сите тие треба да делуваат складно. Да скратам, тие што сакаат повеќе можат да дојдат на некое мое предавање или да прочитаат некоја моја книга или некоја друга, уште подобра книга од поплодни или поуспешни автори отколку што сум јас. За успех и среќа во животот треба да постои и соодветна мотивација, да се избегнува стресот, кој се јавува секогаш кога себеценењето не доаѓа однатре туку од мислењата на околината, на пример. Секогаш треба да се има предвид дека „сиромаштијата е состојба на умот“, дека не можеме сѐ да направиме сами, дека постојат повеќе начини за нешто да се направи добро, дека треба да водиме, дозволувајќи да нѐ водат, дека давајќи повеќе - ќе имаме повеќе, а најголемиот подарок ќе ни биде внатрешниот мир и среќата и радоста во животот. Никогаш да не забораваме - „Како што мериме, така ќе ни биде и мерено“.
ММ: Јога практикувате веќе дваесет години, дури и повеќе. Која е нејзината основна придобивка, од Ваше становиште? Ви помага да се соедините со природата, на кој начин? Што значи доведување на свеста во центарот на самото битие, каде што личната индивидуалност (атман) се соединува со универзалното? Ја препорачувате?
Ѓ. Ф.: Да, практикант сум на јога, поточно на два вида: хумана спиритуална јога и крија јога. Веднаш да нагласам дека јогата не треба да ја мешаме или идентификуваме со религијата. Речиси сите религии имаат свои ритуали и ограничувања, додека спиритуалноста е без ограничувања или, како што би рекле некои автори, ги опфаќа сите религии и претставува нешто како воздухот за сите живи битија на планетава. Јогата е прастара индиска техника на практикување култура на душата и духовниот живот. Во крија јогата, зборот „кри“ значи „нешто да биде направено“, а „ја“ значи „душа“. Значи дека душата, преку телото, прави многу нешта. На санскритски јазик зборот „јога“ има 32 значења, но најчесто се разбира како „обединување“ или „единство“ на себеси со космосот или на човека со Бога, поточно преку молитва и вежбање ние му се предаваме на или се обединуваме со Бога. Ова го кажав како едно грубо толкување за тие што не се навлезени во оваа техника на патување кон себереализација. Инаку, заинтересираните можат да најдат стотици книги за читање. Сепак, ако некој е заинтересиран, подобро е да најде свој учител и да почне да практикува зашто праксата вреди повеќе од сите прочитани книги и слушани предавања. Ја препорачувам јогата, но таа не е замена за која било религија.
ММ: Кога пак во прашање е сетилното уживање, „слаткиот живот“..., се доживувате како хедонист? И кулинарството е хедонистичка, мераклиска работа. Сакате добро приготвена и сервирана храна, визави слатките кои ми ги споменавте во прелиминарниот разговор? Имајќи го предвид фактот дека живеевте и во Виена, претпоставувам дека не ја заобиколувавте ни слаткарницата „Demel“. Кондиторските производи на „K.u.K. Hofzuckerbäcker“ веќе 237 години се синоним за добар квалитет. Имате омилени?
Ѓ. Ф.: Сакам вкусна храна, не претерувам, вообичаено јадам два пати во денот (слично беше и на Света Гора - два, не три оброка) иако нутриционистите советуваат три или повеќе оброци. Во војска имавме четири оброка. Не се чувствувам како хедонист, но сакам и месо и слатки, што не оди баш со праксата на еден јогист или со вообичаената храна на еден монах (не јаде месо, со исклучок на риба). Сакам добро сервирана храна и на добра локација на речен, езерски или морски брег или во ресторан на што повисок спрат со убав поглед. Пијам и по една-две чаши осминки литар вино на ручек или вечера. Наутро (до пладне) не пијам никаков алкохол. Ја споменавме Виена, каде што поминувам барем пет-шест месеци во годината и каде што сум пробал слатки во разни слаткарници и „бејкери“, обично во комбинација со шолја кафе (виенчанци се фалат дека имаат најмалку 500 разни видови кафиња), но најмногу ценам кога јадам домашно подготвени слатки или кои и да се останати јадења. Не сакам премногу масно или луто јадење, а кога се работи за риба, мора да биде добро подготвена охридска пастрмка, лосос или некоја морска риба. Признавам дека не сум некој готвач, но знам да си сварам или испржам јајце или да направам „хемендегс“, сендвич или да ставам полуподготвено јадење во микробранова печка.
ММ: Претпочитате да носите шешири, препознатлив сте и по нив. Што Ви е важно кога ги бирате парчињата облека за да ги купите? Како се развиваше, менуваше Вашиот начин, стил на облекување низ годините - согласно тенденциите во модата или...? Бидејќи се занимававте и со музика на крајот на 1970-тите и на почетокот на 1980-тите, што носевте како рок-музичар?
Ѓ. Ф.: Така е. Некои роднини и пријатели, повозрасни од мене, ми кажале, а за тоа сведочат и фотографии од минатиот век, дека и моите прадедовци и дедовци, за татко ми знам и самиот, носеле шапки (шешири или качкети). Лично, брада и шешир носам уште од студентските денови, што го поврзувам и со моето „музичко“ минато во групата „Еригон“, која ја основавме во 1975-та и свиревме до 1983-4 година во многу места од Тиквешијата. Групата ја напуштив во 1981-ва, откако се вработив, но таа продолжи со настапите, дури и на една гитаријада во Југославија. Облека купувам ретко сам. Обично сопругата Лилјана го држи ресорот набавки во нашето домаќинство. Облеката што ја носам секогаш е во согласност со настанот, приликата за која се облекувам. Најубаво се чувствувам во џинс, но на приемите, јавните настапи, учеството во делегациите или на театар, опера можете да ме видите и со вратоврска (некогаш и пеперутка) или костум, ако е зима, со капут и неизбежниот шешир. Не ја следам модата по секоја цена. Како рок-музичар најчесто носев џинс, понекогаш долг црн кожен мантил, чевли со високи потпетици (некогаш и патики), брада и пристојна за тоа време долга коса.
ММ: Какви се Вашите сеќавања за „Еригон“? Денес рок-музиката во Македонија се минимизира, барем така се чини. Што мислите? Ви недостасува? Како ја компензирате, со каква музика во живо, концерти...?
Ѓ. Ф.: „Еригон“ го основавме во златната доба на рок-музиката во поранешна Југославија. Почетоците беа уште во средното училиште во Битола 1974/75-та, кога имавме (по потреба) еден школски интернатски состав, кој немаше име. Во последната година од средното училиште почнавме активно да купуваме нови инструменти, микрофони, засилувачи и звучници, така што по завршувањето на набавката на опремата веќе свиревме на игранки (сѐ уште немаше диско-клубови) и свирката одеше одлично, заработувавме добро за тоа време, дури создадовме и некои наши нумери, кои можете да ги најдете и денес на Јутјуб, додуша со слаб квалитет зашто се преснимувани од обичен касетофон на цеде, па подготвени за поставување на Јутјуб. „Еригон“ ретко настапуваше во празна или полупразна сала зашто беше извор на освежување од напорната секојдневна работа на нивите и овоштарниците во Тиквешијата. Денес во секое место каде што живеам повремено имам по една акустична или електрична гитара со засилувач и повремено свирам за своја душа или ради забава, за мене и за моите пријатели. На рок-концерти одам ретко, последен пат бев на еден концерт на „Ју група“ во Виена каде што се сретнавме со Драган Јелиќ и останатите членови, патем споменавме дека првите тапани на „Еригон“ всушност беа стари тапани на „ЈУ група“, што ги купивме од групата „Тач“ од Светозарево. Вториот рок-концерт што го посетив во последно време беше гостувањето на Боб Дилан во Виена. Ме разочара со ароганцијата. Инаку, жедта за музиката ја потопувам со посета на концерти на филхармонии или пак на опера. Повеќе за „Еригон“ можете да најдете во книгата „Македонска рок енциклопедија“, чиј приредувач е Тошо Филиповски.
Блиц прашања
ММ: Една од Вашите особености е мултитаскингот. Во моментов кон што е насочено Вашето интересирање, внимание - професионално?
Ѓ. Ф.: Еве, додека одговарам на прашањата од интервјуто на македонски, следам интересна емисија на телевизија на германски, а пред да си легнам, ќе читам една од трите книги што моментално ги читам, претходно во текот на денот ќе прелистам барем педесет дописи преку електронски пошти, на барем десет различни адреси. Најмногу ме загрижува, а со тоа и придонесува најголемо внимание, војната во Украина и нејзиното разгорување, непотребно гинење на многу млади животи. Оваа војна е од особено значење зашто посредно влијае на односите Русија - ЕУ и Русија - САД, но и на цените на нафтата, гасот, електричната енергија, житото, а со тоа и на цената на лебот и на останатите животни намирници и потребности. Следно нешто што ме вознемирува е ситуацијата во Македонија и односите со соседна Бугарија, која излезе од контрола поради континуираното неколкугодишно непостоење стабилна влада во Бугарија и интересите на одредени структури во МК, БГ и светот.
ММ: Како поранешен амбасадор во Германија и во Австрија, од каде што ја покривавте и Словачка и Јапонија, кога се билатералните договори во прашање - со што сте посебно горд? Се разбира, во смисла на Вашиот придонес во дипломатијата...
Ѓ. Ф.: Одговорот на ова прашање бара многу простор и време затоа што треба да кондензирам речиси десет години во реченица-две, внимавајќи и на фактот дека некои од нештата што сум ги работел, а биле во интерес на Република Македонија се и државна тајна. За други нешта пак е потребна поширока елаборација, трети нешта се резултат и на мојата, но и на работата на моите претходници или ја довршиле оние кои дошле после мене, па затоа ќе споменам нешто што во овој момент ми доаѓа на памет, како на пример договарање за отворање амбасади на МК и Јапонија, посета на МНР и ПВМК на Јапонија и признавање од Јапонија под уставно име, две посети на претседател на Германија на Македонија (после 14 години пауза), многу посети на претседатели, премиери, МНР и останати министри и парламентарни делегации на МК во Германија, Австрија и Словачка, договори за избегнување на двојно оданочување со Австрија и Германија, меѓусебно признавање на возачки дозволи, многу средби и присуство на МК делегација на МВР на завршна средба во германско МВР, при што се донесе одлука за укинување на визи со ЕУ и многу други нешта - подетално, систематски и табеларно прикажани во завршните извештаи пред МНР на МК и во два стручни труда објавени во билтенот на академијата „Лајбниц сосајати“ во Берлин и во билтенот на МАНУ и на Институтот за македонски јазик во Скопје или во научниот билтен на универзитетот „Константин Филозоф“ во Словачка.
ММ: Да не знаете колку години имате, што би рекле - како се чувствувате, на која возраст?
Ѓ. Ф.: Се чувствувам како да имам барем десет години помалку, и покрај тоа што имам 66.
ММ: Кога мислите на домот, за што обично размислувате?
Ѓ. Ф.: На тоа дека немам дом во класична смисла, зашто дипломатскиот живот на некој начин е и номадски живот, иако домот ми е во Македонија и тука, во Скопје, најдобро се чувствувам. Преку лето сум обично во Охрид, но многу често и во Виена и Берлин, каде што останаа нашите ќерки и внуци, кои се и македонски и германски државјани. За мене важи изреката, „Сегде појди, дома дојди“, а домот ми е сепак овде, каде што сум роден, без разлика што сум живеел во различни држави.
ММ: По потекло сте кавадарчанец, оттаму и прашањето за кавадаречкиот табиет - дали кавадарчани се табиетлии? Што понесовте со себе од Кавадарци за спомен (метафорично), како ќуд?
Ѓ. Ф.: Во Кавадарци сум роден, до 14-тата година детството го поминав во Росоман, каде што завршив и основно училиште, средно учев во Битола, студирав и останав во Скопје, магистрирав и докторирав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (Машински факултет) во Скопје, на стручни и научни престои сум бил во Германија, Велика Британија и во други земји, како професор и предавач на Светската организација за интелектуална сопственост, специјализирана агенција на Обединетите нации, сум посетил неколку земји во Европа, Африка и во Азија, но секогаш ме следел духот на местото каде што сум се родил, единствен факт, покрај датумот на раѓањето, што не смее да се промени во текот на човековиот живот. Кавадарчани се табиетлии, горди на културното минато, на уметничкиот дух, на виното (најголема винарска визба на Балканот е „Тиквеш“), на бројните дејци во различни области. Ми направија голема чест со споменувањето во монографијата „Гордоста на Кавадарци“ на авторот Тимчо Апостолов, можеби затоа што и јас се гордеам што сум роден во едно такво место на творци.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Ѓорѓи Филипов