Панчо од ДНК: Јас и Водно сме едно, го знам секое дрво
Ама енергијата ја акумулира и троши и со вежбање, здрав начин на исхрана, пешачење во природа… Едноставно, не сака да мирува, а нема ни таква потреба.
За Машки магазин одговори на прашања кои повеќе допираат приватно, отколку професионално. Панчо од другата страна…
ММ. Велат дека во здраво тело, здрав дух, ама и здрав мозок! Со што го храните денес мозокот во морето од се‘ и сешто?
- Со позитивна мисла, задолжителен тренинг, добра книга, добар и тесен круг на блиски и искрени пријатели и творењето, пишувањето на текстови и работата во студио. Нормално и слушање на музика и пласирање на истата во јавност кога настапувам како Диџеј.
ММ. А, физичката активност е основа за виталност. Како и на кој начин се обидувате да останете витални?
- Гледам да сум минимум 3 пати неделно активен,некогаш и повеќе плус и внимавам на исхраната.Мислам дека тие две работи го прават човековото тело витално. Не е возможно едното без другото.
ММ. Често се искачувате на Водно. Колку време трае овој ритуал и додека се движите, што забележувате? Се менува ли природата, ние ја менуваме или мирува?
- Среќа во несреќа периодов имам повеќе време и сето она кое ми фалело го користам, го прифатив најнормално. Искачувањето зависи од денот и обврските и која ми е целта истиот ден и тренинг. Генерално, од дома до врв и и назад ми одзима околу 3:30 па некогаш и 4 часа но како што кажав време имам сега и уживам во тоа. Веќе станав ЕДНО со Водно и речиси го знам секое дрво- некое од нив има и посебно значење за мене. Се искачувам од средината на март секој втор ден ( знам да рипнам некогаш ) и се‘ што забележувам е тоа дека имаме феноменачно рекреативно катче кое воедно служи за тренинг, полнење на чист кислород во гради и воедно полнење на позитивна енергија која ја црпиме токму од природата. Водно е наше ЗЛАТО и треба и така да се однесуваме кон него. Да се грижиме и да не фрламе никакви отпадоци, пластика или лименки. Водно е БЕЛИТЕ ДРОБОВИ на Скопје, а со тоа и на нашето тело.
ММ. Какво е Скопје од висина, а какво кога ќе се спуштите долу во градот?
- Од висина изгледа и не толку големо, но и многу мирно и навидум како срамежливо дете. Веднаш штом се спуштите долу после Основното училиште Кочо Рацин влагате во џунгла на нервозни шофери, некултурни пешаци и бучава која ви оди на нерви.
ММ. Што ви е храна за душата? А, со што го храните телото?
- Водно во комбинација на слушање музика е мојата храна за душата. Го сакам спортот и сум поборник и голем поддржувач на тие здрави навикики но и на македонските спортисти и луѓе кои професионално се занимаваат со спорт. Додека телото го хранам преку внесување на здрава храна и внимавање на внес при истата. Не за џабе рекле дека половина здравје доаѓа преку устата.
ММ. Ви доаѓа ли некогаш да врескате од пеење и кога најчесто? Дали музиката е исто така канал за празнење и акумулирање енергија?
- Врескам на настапи и во студио и сум благодарен на Бог за таа дарба која ми ја дал. Музиката можеби е една од ретките работи кои помагаат за акумулирање на позитивна енергија, а исто така и празнење на негативната, вадење на тагата, но и среќата. Музиката и спортот се можеби и единствените две работи кои секој човек треба да ги применува за да остане здрав како во физичка така и психички смисла.
ММ. На што ги учите вашите деца?
- На основните човечки вредности кои за жал се‘ помалку ги има како особина кај младите генерации. Да се луѓе пред се‘, да се хумани, културни, да помагаат, да се скромни, да ја чуваат својата околина и да не ја загадуваат природата и да ги сакаат животните исто толку колку и луѓето. Нормално, им наметнувам и здрави навики, а тоа е задолжително физичка активност и здрава исхрана на што сум особено горд бидејќи полека веќе сами бараат и применуваат дел од тоа што сум ги учел, а исто ткаа и двајцата се физички активни и тренираат фудбал и знаат да дојдат со мене и на Водно.
ММ. Често знаете со поенти на социјалните мрежи кои допираат длабоко да ја изненадите вашата публика или да бидете хуман. Каква е силата на нечија насмевка после помошта?
- НЕОПИСЛИВА. Не може да се опише тоа чуство освен да го видите на лице место. Јас не правам чуда, само сум така воспитан и сум благодарен на мојата покојна мајка која ми ја пренела таа особина која мислам дека е една од најбитните во животот.
ММ. Што ве прави среќен?
- Од секогаш малите работи ме правеле среќен, блиски пријатели, децата, спортувањето, Водно, музиката која ја творам и патувањата.
Небојша Толески