Пепи Јованов: Фризерот со посебен стил- и во работата и во облекувањето

Уметноста не познава граници и може да се појави во разни форми. Фризерството е составен дел од таа уметност, а креативноста која се создава од коса се покажало дека не‘ прави поинакви, среќни, модерни...

Пепи Јованов е фризер со исклучителен осет за естетика и перфекционизам. Од косата создава уникатни креации, а неговите вешти раце, талентот, визијата и современиот пристап му овозможуваат да биде различен- посебен во она што го работи. Но тој исто така е вешт и со неговиот стил на облекување. Неодамна, Машки магазин го стави во листата на мажи со стил од Македонија. Неговата стилска појава е урамнотежена, воочлива, уникатна и баш машки.

Во Радовиш е неговиот салон за убавина, а се спрема да отвори уште еден, во Струмица. Вели дека со талент се раѓаме, но дека е потребнo многу труд и работа за правилно да го искористиме.

- Овие две работи според мене се зависни една од друга - но сепак сметам дека трудот и искуството играаат поголема улога во развојот на било кој занает, не само фризерајот. Талентот без труд и упорност ништо не значи, но упорноста сама по себе може да вроди плод дури и кога талентот не е присутен. Конкретно, за развојот на мојата кариера клучни беа и вродениот талент и упорноста, проследени со повеќегодишно искуство за да бидам тоа што сум денес- ни рече Јованов.

Во неговата работа стриже, обликува и прави и машки и женски фризури. Креативноста е првото нешто што го привлекло кога е оваа професија во прашање, моќта која ја поседува фризерот да може физички да трансформира некого.

- Одлуката да станам фризер дојде спонтано - иако долго време имав интерес за работа со коса и правење фризури сепак бев несигурен, но веќе од првиот ден на обуката која ја посетував знаев дека сум ја донел вистинската одлука и дека ова е нешто со кое што сакам да се занимавам професионално во иднина- додава Пепи.

Неговото првично знаење го стекнал во академијата Авангард во Скопје и на дополнителни обуки во Виена каде ги усовршил своите вештини. Потоа го отворил неговиот салон заедно со бизнис партнерката Адриана која е задолжена за делот со шминка и нокти. 

Во својата работа обраќа големо внимание на стрижењето кое го довел до совршенство се‘ со цел фризурата да биде едноставна за одржување и косата да изгледа здрава и природна. Смета дека добро потстрижана коса е основа за добра фризура и кај мажи и кај жени.

Општо познато е дека добриот збор се слуша на далеку, па така и во неговиот случај. Со текот на времето, стекнал голема клиентела во родниот град, по што почнале да доаѓаат и луѓе од другите градови.

Инаку, искрен е по прашањето- По што се издвојува со работата?

- Не сметам дека се двојам по некоја конкретна фризура или техника туку по целокупниот третман и финален резултат што го добиваат клиентите. На сите гледам апсолутно исто, со сите се трудам да остварам убава комуникација и да им влеам доверба со што би ми дале слобода јас да им препорачам фризура или боја која што јас мислам дека би им одговарала, а до сега се покажало дека 99% од случаевите сум бил во право- потенцира фризерот.

Токму затоа клиените се препуштаат на неговата вештина и му дозволуваат да експериментира со нивниот изглед, но не секогаш смета дека треба да се бркаат трендови бидејќи на секое лице не стои секоја фризура, а и честите промени на боја и фризура и тоа како влијаат на квалитетот на косата.

- Досегашното искуство ме научило да знам да направам добра проценка во однос на тоа каква фризура и боја на какво лице би одговарала. Инаку тоа што најчесто се бара е фризура за што поприроден изглед- дополнува Јованов.

До сега, има соработувано со многу личности од балканската сцена, како Анабела, Јелена Розга, Каролина Гочева…

Во поглед на неговиот стил на облекување е минималист со доза на екстраваганција. Се гледа дека внимава на секој детал.

- Многу фактори имале влијание на мојот стил. Мислам дека човек се раѓа со некој основен инстинкт за мода, ама секако дека стилот се и гради и усовршува со текот на животот. Можам да кажам дека најголемо влијание кај мене имале патувањата и опкружувањето. Тоа што можеби го прави мојот стил малку поразличен е што не се плашам да експериментирам и да го следам сопствениот инстинкт, многу ретко пратам трендови - баш напротив, се облакам така како што се чувствувам во моментот- дециден е Пепи.

А, за неговиот изглед заслужна е и неговата истрајност. Постојано вежба, се храни здраво и ја одржува кондицијата.

Кондицијата на успехот пак ќе ја подигне на друго ниво, со отворање на уште еден салон, овој пат во Струмица.

- Салонот во Струмица беше долгогодишна желба и многу сум среќен што конечно стана реалност, Струмица е сепак голем град и веќе имаме многу клиенти кои не посетуваат во моменталниот салон, така што сега ќе им бидеме уште поблиску, и секако тие што не можеа да не посетуваат во Радовиш, ќе може да дојдат во Струмица. Овој салон ќе се разликува по тоа што ќе нудиме и едукации за шминка и фризура, се одлучивме на овој чекор секако поради големата заинтересираност за ваквите обуки. Отварањето на салонот е планирано за средината на август- завршува Јованов.

Небојша Толески