Пет недели по изборите: Десетици илјади Белоруси бараат оставка од Лукашенко

Десетици илјади белоруски демонстранти стигнаа до резиденцијата на претседателот Александар Лукашенко во Минск, барајќи негова оставка, пренесуваат светските медиуми.

Петта недела, демонстрантите протестираат против 26-годишното владеење на Лукашенко.

Денеска полицијата и армијата го блокираа центарот на Минск, а демонстрантите се упатија кон едно место во близина на Палатата на независноста, работната резиденција на Лукашенко, на три километри надвор од центарот на градот.

Властите не го проценија бројот на демонстранти, додека директорот на организацијата за човекови права Вијасна изјави дека повеќе од 100.000 луѓе се собрале во Минск.

Вијасна изјави дека десетици демонстранти се уапсени во Минск и градот Гродно.

Протестите во Белорусија, без преседан по бројот на учесници и времетраењето, започнаа по претседателските избори на 9 август, на кои, според официјалните резултати, Лукашенко го освои правото на шести мандат, освојувајќи повеќе од 80 проценти од гласовите.

Демонстрантите тврдат дека изборите биле украдени, а некои објасниле за Асошиејтед Прес како била извршена измама токму во нивните области.

Во првите денови на протестот, полицијата насилно се справи со демонстрантите, уапси повеќе од 7.000 луѓе и претепа стотици. Апсењата продолжија до денес, но тие веќе не се толку масовни.

Лидерот на опозицискиот совет за координација, Марија Калесникава, за Асошиејтед прес изјави дека „морето луѓе не може да се запре со воена опрема, водени топови, пропаганда и апсења“.
„Повеќето Белоруси сакаат мирна промена на владата и ние нема да се запреме тоа да го бараме“, изјави Калесникава.