Погодени индиректно од коронавирусот: Македонските дизајнери „замрзнати“, функционираат засега онлајн платформите
Македонската економија трпи несогледливи последици од чумата која го зафати светот. Ако во услови на коронавирус скоро се е „замрзнато„, какво ли ќе биде оправањето од оваа ситуација?
Погодени се скоро сите сектори, Владата спрема пакет мерки, но
штетата е веќе направена. Невидливиот непријател секојдневно го задава ударот.
Од оваа ситуација не се изземени и македонските модни дизајнери. И иако некои
текстилни конфекции се уште работат, што воопшто не е хумано и тоа мора да се
спречи, модните дизајнери ги затворија своите ателјеа и студиа. Како тоа им се
одразува?
Модна дизајнерка Тања Кокев, од ателје „Кокев„ вели:
- Пандемијата на коронавирусoт означува крај на нашата романса со пазарното општество и хипериндивидуализмот. Архитектурата на глобалното економско управување воспоставено во 20 век брзо ќе атрофира. Затоа кога ќе заврши ова, треба да се преориентира политиката и да се направат значителни нови инвестиции, пред се во во јавните добра, здравството, образованието и да не набројувам, сите знаме што недостасува. Економијата секако ќе пропадне ако владата не гарантира приход за милиони работници кои ќе ги загубат своите работни места во голема рецесија или депресија. Мора да помогне на приватниот сектор. Така што одговорот на прашањето јас го немам, треба да се обратите кај гореспоменатите“.
Во незинито ателје, засега не се окажани нарачките, но сето тоа се пролонгира за два до три месеци.
- Ние бевме разумни и опшстествено одговорни и затворивме уште на 10март со цел да помогнеме во неширењето на вирусот. Како ќе се справуваме се зависи повторно од државата колку ќе застане позади приватниот сектор кој е секогаш тука за неа. Ова не е повеќе индивидуален проблем. Кокев постои на модната сцена веќе 15 години без ниедна помош од државата или субвенција. И така сакам да биде и понатаму, не сакам никој да ја финансира мојата компанија. Но, во моментов никој од нас не е моќен да продолжи понатаму без горенаведената помош- вели Тања.
Инаку, „Кокев“ е ателје кое работи по мерка, и затоа онлајн платформата за нив не е интересна. Вели дека ќе надокнадат се‘ кога ќе се вратат назад на работа.
Во ова време-
невреме, за својата команија, бизниот и воопшто, Тања Кокев има свој одговор:
- Дадена ни е шанса да го смениме курсот кон поголема национална солидарност и функционалност. Шанса за духовен раст и повеќе љубов. Можеби звучи идеалистички, но има две причини да мислам дека тоа може да се случи.
Првото сценарио е „заедничкиот непријател“, во кој луѓето почнуваат да ги гледаат своите неразлики кога се соочуваат со заедничка надворешна закана. КОВИД-19 претставува еден огромен “непријател” кој не прави разлика помеѓу богатите и сиромашните. Ковид -19 ни обезбеди енергија слична на фузија која треба да ни помогне да се ресетираме и да се регрупираме. Имаме шанса да бидеме сведоци на ново ниво на човековата добрина - алтруизам, сочувство и дарежливост на духот.
Втората причина е сценариото „социјален шок”. Социјалните шокови можат да нарушат на различни начини, со што работите ќе бидат подобри или полоши. Но, со оглед на сегашното ниво на напнатост, ова сценарио сугерира дека сега е време да започнеме да промовираме поконструктивни обрасци во нашиот интимен, ментален, духовен, па потоа културен, економски и политички дискурс. Времето за промена е јасно дека е созреано. Сведоци сме на планетарен ресет. Природата го прозива човештвото да се позанимава со себе. Бидејќи кога се занимаваме со себе секој од нас има шанса да оди на некое наредно ниво на духовен развој што е предуслов за планетарнатса еволуција. Веќе живееме на енергетски нова планета, на која старите модули на однесување нема да опстанат на подолг рок.
Така што да одговорам на прашањето „што би направила да јa спасам компанијата“? Ајде прво да се спaсиме сите ние и нашата мајка Земја, после ќе ја спасуваме економијата.- додава Кокев.
И студиото на модната дизајнерка Росица Мршиќ е затворено. Росица е убедена дека заштитата на вработените е на прво место:
- Со оглед на фактот дека повеќе од 10- тина дена сум дома, во самоизолација, работењето на Росица Мршиќ Студио е прекинато, и сите од тимот работат во домашни услови. Верувам дека заштитата на вработените е на прво место, и штом се воведоа мерки и препораки за спречување на ширење на вирусот, одлучив дека сите треба да останеме во своите домови и да допринесуваме кон работењето во прилагодени домашни услови. Секако дека дел од нарачките кои се однесуваа и беа поврзани со настани и прослави, се одложени, прво заради превентива од директни меѓусебни контакти, второ заради неизвесност кога истите ќе се реализираат.
Сепак, нејзиниот бренд има онлајн платформа уште од 2013 година која функционира локално и низ целиот свет. Доставата за сега е овозможена и функционира во предвидените временски рамки:
- Доколку состојбата продолжи и во наредните месеци, со сигурност ќе има сериозни последици во овој сектор, посебно заради фактот што најдинамични работни месеци во модниот сектор се април, мај и јуни. Добив информација за предлог мерките на владата за помош на приватниот сектор кој директно е погоден од вирусот, но за сега нема повеќе детали и дали ќе се усвои предлогот. Иако работењето од дома е ограничено за модните дизајнери, заради недостаток од целата потребна опрема за реализирање на дизајни, се охрабрувам да го започнам процесот на создавање на нова колекција во домашни услови и да се препуштат на имагинацијата и креативноста на дело. Верувам дека од секоја ситуација мора нешто добро да произлезе, и сите треба да се фокусираме на позитивна промена и користење на времето за да ги правиме работите што не исполнуваат! Генерално и глобално, на модната индустрија и требаше оддишка и пауза, за да ги рекапитулира потребите, импактот и последиците од својот пребрз тек и прекумерно производство. Се надевам оваа состојба ќе овозможи да се врати вистинското значење на модните парчиња: да бидат убави на свој начин, автентични, безвременски, квалитетни, посветено изработени од квалитетни ткаенини и по потреба- вели Мршиќ.
Небојша Толески