ПОРАЗИТЕЛНО: За 70% зголемен бројот на заболени од коронавирус во изминатата недела

„Министерството за здравство информира дека согласно извештајот на Институтот за јавно здравје кој се однесува на периодот од 26 октомври до 1 ноември 2020 година, тестирани се вкупно 17.299 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на SARS-CoV-2, што претставува зголемување од 23,6% во однос на претходната недела“, велат во соопштението на Министерството за здравство.

Инаку, минатата недела регистрирани се нови 5.800 случаи на Ковид-19 од 35 градови во државата, односно, тоа претставува зголемување од 70.1% споредено со неделата претходно, стои во новиот неделен извештај на Институтот за јавно здравје, соопшти министерството за здравство.

Скопје води со 2.690 случаи или 46.4%, се вели во извештајот и се додава дека таму е забележана и највисока неделна инциденца, односно, 435.5 случаи на 100.000 жители.

Во овој период, процентот на позитивни од тестирани лица изнесува 33.5%. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст од 30 до 39 години, односно 1.283 случаи или 22.1 отсто.

„Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од над 60, 1169 или 20.2%, возрасната група од 40-49 години, 1.089 или 18,8%, групата на луѓе од 50-59 години, 1.056 или 18,2% и групата од 20-29 години, 866 или 14.9%. Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 години, 94 или 1.6% и 10-19 години, 243 случаи или 4.2%“, стои во извештајот на ИЈЗ.

Во однос на дистрибуцијата на заразени по пол, пријавени се 2.793 случаи или 48.2% лица од женскиот пол и 3.007 случа или 51.8% од машки пол. Во извештајот се посочува дека од случаите, епидемиолошки се истражени 839 случаи или 14.5 отсто.

„По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 2.262 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 696 повеќе во однос на претходната недела“, се вели во извештајот на ИЈЗ.

Во периодот од 26 октомври до 1 ноември пријавени се 88 смртни случаи од 21 град, што претставува зголемување од 4.8% во однос на минатата недела, покажува извештајот на ИЈЗ.

„Oд нив, 70 лица биле над 60 години, 12 лица на возраст од 50-59 години, 4 смртни случаи се пријавени од возрасната група 40-49 години и по еден во возрасните групи од 30-39 години и 20-29 години. Од смртните случаи, епидемиолошки се истражени 81 или 92%“, се додава во извештајот.