После ова никогаш веќе нема да посакате да отидете на море!

Повеќето од нас во животот нема да се сретнат со ајкула, па така причина за грижа навистина и нема – иако тие и понатаму внесуваат страв во коските и често се предмет на ноќни мори.
Холивудската индустрија со години наназад се обидува да нè убеди во спротивното, претставувајќи ги ајкулите како смртоносни човекојадци кои ќе нè следат, ќе нè тероризираат и, откако добро ќе нè истрауматизираат, ќе нè изедат.
Ако, пак, поради работа, пари или некои други обврски оваа година не можете да одите на море, ви претставуваме три холивудски филмски остварувања што ќе ве уверат дека тоа е дефинитивно добра работа – освен ако не сте подготвени да се соочите со овие моќни предатори лице в лице.
„Jaws“ (Ајкула, 1975)
Класикот на Стивен Спилберг е филмот што засекогаш ја смени перцепцијата за ајкулите. Приказната за малото приморско гратче кое живее во страв од голема бела ајкула и херојската мисија на тројца мажи да ја уловат, создаде вистинска психоза кај гледачите. „Jaws“ и денес важи за најстрашната икона на жанрот.
„Deep Blue Sea“ (Длабоко сино море, 1999)
Овој акционен трилер ја комбинира науката и хоророт. Приказната за група научници кои експериментираат врз ајкули за да најдат лек за Алцхајмерова болест, но наместо тоа создаваат суперинтелигентни предатори, донесе нов бран возбудливи сцени и култни моменти во филмската индустрија.
„The Shallows“ (Морските длабочини, 2016)
Современа верзија на борбата човек против ајкула. Филмот ја следи приказната на млада жена (Блејк Лајвли) која останува заробена на карпа недалеку од брегот, додека огромна ајкула ја демне и не дозволува да стигне до спас. Напнатоста и борбата за опстанок се прикажани со неверојатна динамика.