Повелете фрлајте отпушоци од отворен прозор на автомобил, ако имате 18.000 евра за казна: Нови строги казни во оваа европска држава

Од 9 август, Италија казнува возачи кои фрлаат ѓубре низ прозорците на своите автомобили или кои незаконски го одлагаат отпадот со парични казни до 18.000 евра, а во потешки случаи дури и со затвор. 

Пресудите сега можат да се донесат користејќи видео-снимки од надзорни камери.

Италија донесе одлука строго да ги казнува оние што фрлаат ѓубре низ прозорците на автомобилите. 

Со новиот закон, кој стапи на сила на 9 август, прекршителите ќе се казнуваат со парична казна, одземање на возачката дозвола, конфискација на возилото, па дури и со затвор.

Овој закон го поедноставува процесот на санкционирање. Веќе не е потребно прекршителот да биде фатен на лице место – доволна е фотографија од регистарската табличка направена од било која надзорна камера за да се поднесе пријава и издаде парична казна на сопственикот на возилото.

Мерката не е насочена само кон заштита на животната средина, туку и кон зголемување на безбедноста во сообраќајот, бидејќи исфрлени предмети од автомобил можат да предизвикаат сообраќајни несреќи.

Висината на казната зависи од видот на отпадот. Фрлање отпушок може да чини и до 1.188 евра. Секој што ќе исфрли лименки, стаклени шишиња или кеси може да очекува казна до 18.000 евра и пријава до државното обвинителство.

За незаконско одлагање отпад или опасни материи во заштитени водни подрачја или во природни резервати, предвидени се затворски казни од шест месеци до пет и пол години. Во особено тешки случаи, казната може да се зголеми на седум години.

Извор: Мондо