Познат производител на мобилни телефони планира да влезе на автомобилскиот пазар: Тесла и БЈД добиваат сериозна конкуренција

Xiaomi, глобално препознатлив по своите паметни телефони, до 2027 година подготвува голем исчекор на европскиот пазар на електрични автомобили, влегувајќи во директна конкуренција со Tesla и BYD. Само две години по претставувањето на својот прв автомобил, кинескиот технолошки гигант веќе бележи значаен успех со двата модели – електричниот седан SU7 и спортско-теренското возило YU7, кои освоија и клиенти и критичари на домашниот пазар, а сега се насочуваат кон Западна Европа.
На последната конференција за инвеститори, претседателот на Xiaomi, Лу Вајбинг, најави дека Европа е следната цел во глобалната експанзија на компанијата. Очекувањата се автомобилската дивизија да почне да остварува профит уште во втората половина на 2025 година – проекција која изгледа реална со оглед на бројките: само во вториот квартал од оваа година испорачани се повеќе од 81.000 возила, а вкупниот број во првото полугодие достигна 157.000. Побарувачката во Кина е толку висока што дел од купувачите чекаат испорака подолга од една година, што дополнително ја нагласува силата на брендот.
Иако компанијата сè уште работи со загуба – околу 300 милиони јуани, односно приближно 36 милиони евра во последниот квартал – во Xiaomi веруваат дека зголеменото производство и настапот во Европа ќе донесат пресвртница. Паралелно, се воспоставува и нов истражувачко-развоен центар на Стариот континент, во кој се вклучени поранешни експерти од BMW и инженери од Формула 1. Меѓу нив се издвојуваат Рудолф Дитрих, со искуство во тимовите на Вилијамс и Заубер, како и Душан Шарац и Јанис Хелвиг, двајцата со богата кариера во BMW.