Првите автомобили во нашата земја: Спомени од едно време

Првото парно возило со сопствен погон било измислено при крајот на 17-тиот век од Фламанскиот свештеник Фердинант Вербист во 1678 кој го демонстрирал својот парен автомобил. Овој автомобил бил направен за кинескиот цар. 

Од тогаш па се‘ до крајот на 19- тиот век настанала вистинска автомобилска револуција. Во голем број земји се измислувале автомобили, почнале да се градат огромни автомобилски фабрики, продажбата растела со невидена брзина... 

Во 20- тиот век веќе поголемиот дел од светот бил во знакот на автомобилите, се случија фантастични иновации, нови модели, брендови и трка по профит, а денес е незамисливо без ова превозно сретство. 

Се разбира, со новата технологија секојдневно се презентираат и нови автомобилски достигнувања, па сега очекуваме да започне и производство на долго најавуваните летечки автомобили.

Ние за жал не успеавме како земја да произведеме автомобил, автентичен и македонски. Се шпекулираше едно време дека имало обиди и дека таков автомобил бил измислен и произведен во 1959 година во фабриката за автобуси  ФАС 11 Октомври, но сето тоа до сега не е потврдено.

Но, не сме заостанале премногу од светот. Првиот автомобил во Македонија од марката Ford Model F се појавува  во Битола во 1905 година.

Во Скопје, првите автомобили “Рено” и “Форд”  биле донесени во 1911 година. Први сопственици на автомобили во главниот град  биле трговци, доктори и индустријалци. Се споменуваат  трговците Дича Филота, браќата Димитријевиќ,  сопственикот на фабриката за сапун “Аеро”, Стојан Стојановиќ, сопствениците на бензинската пумпа “Shell” Петрови...

Таксито пак, во Скопје датира од 1924 година. Таксистите стоеле на плоштадот “Крал Петар”, на улицата кај Кејот “13 Октомври” и кај Споменикот на паднатите борци. Прв таксист во Скопје бил Ѓорѓи Поповиќ.

Најстрого било забрането возење на автомобили низ град побрзо од 10 км на час, а возачите требале со труба да свирнат кога преминувале од една на друга улица, кога доаѓале на раскрсница или преоѓале преку мост, за минувачите да знаат во кој правец се движат автомобилите. Ако оделе напред- свирнувале еднаш, лево- три пати и десно- два пати. Оние кои не се придружувале кон овие правила биле казнувани со 150 динари казна или 20 дена затвор.

Во Скопје, пред 1930 година, биле воведени сообраќајни знаци, а во 1929 година се започнало со калдрмисување на некои улици со ситни коцки. Најнапред биле калдрмисани со ситна базалтна коцка оние улици во центарот кои воделе до плоштадот, со што овој дел од градот станал попристапен.

Сето ова придонело за осовременување на автомобилскиот сообраќај. Според податоци од 1932 година, во Скопје имало 96 автомобили кои можеле да се купат во салоните за автомобили на брака Поповиќ, Асео Сабатаи и на Ментеш Колономос.

Во 1936 год. била отворена првата сервисна гаража на Браќата Поповиќ.

Според податоците кои се среќаваат во “Службен лист на Вардарска Бановина” од  19.12.1935 год., во Скопје биле регистрирани 124 патнички автомобили, 24 товарни возила, 25 мотоцикли, 1300 велосипеди и 110 пајтони.

Денес не се знае точниот број на автомобили ни во Скопје ни во Македонија. Но познато е дека има многу повеќе автомобили отколку други превозни сретства.

Интересно би било ако нашата земја произведе сопствен автомобил, но тоа можеби е научна фантастика.

Н.Т.