РК Еурофарм Пелистер донесе тренер од Данска, Ларс Валтер ќе го води во борба за титула

РК Еурофарм Пелистер го реши проблемот на тренерската позиција, клубот од Битола  за нов тренер на екипата го назначи Ларс Валтер. 56-годишниот стручњак од Данска потпиша двегодишен договор и официјално ќе биде претставен по неговото доаѓање во Битола пред стартот на подготовките. 

Валтер има долгогодишно искуство и многу трофеи во тренерската кариера. Тој во Македонија доаѓа од Полска, каде го водеше тимот на Азоти Пулави, а претходно беше предводник на Флензбург, Порто, Кадетен Шафхаузен, Висла Плок, Баја Маре, Горење, Емсдетен, Хилдехајм, Конверсано и данските екипи Роар Роскилде, Есбјерг и Вирум. Со Висла беше шампион на Полска, со Баја Маре го освои романското првенство, двапати триумфираше во шампионатот на Швајцарија со Кадетен Шафхаузен, а има забележителни резултати и во евро-куповите, каде играше во нокаут фазата на Лигата на шампионите со Висла и Горење. Во 2011 и 2012 година е прогласен за тренер на годината во Полска. 

Претходно како ракометар Валтер ги носел дресовите на Алборг и Брондеслев во Данска, Нордхорн и Емден во Германија, Маритимо и Спортинг во Португалија и Акуреји во Исланд. 

РК Еурофарм Пелистер му посакува добредојде на Валтер во ракометна Битола и Македонија.