Роберт Коцев- уметник: Од дрво создава ремек- дела кои ќе ве фасцинираат
Дрвото од памтивек е избор на инспирација на многу уметници, па од неговата убавина се создавале и создаваат дела кои го облагородуваат просторот, му даваат живост и топлина, а траат и за идните генерации... Но, за да се додаде душа на дрвото и да дише со нов облик, не е воопшто лесна работа. Бара трпение, идеја, пожртвуваност, волја...
Уметникот Роберт Коцев во секое негово дело од дрво вдахнува и душа и естетика и уникатност. Тој рачно изработува фасцинани предмети кои се достојни за восхит- од минијатури до крајно масивни. Непоколеблив до крај- секогаш ја реализира идејата колку и да е тешка, вметнува емоции енергија, традиција, за крајниот производ да биде нешто кое не само што ќе одолее на времето, туку и ќе остане... Неговиот дом наликува на место од бајките. Сите негови креации имаат употребна вредност, ама со само тоа што им всадува и уметничка вредност- стануваат уникатни.
За Машки магазин, ја раскажа неговата „дрвена“ приказна, обвиткана со превез на рустикалност.
ММ. Што ве привлече за да се впуштите во ваквата изработка? Бара огронома енергија и процес кој не е ни малку лесен...
- Откако знам за себе, магијата на дрвото секогаш предизвикувала емоции кај мене. Сум верувал дека дрвото има посебна енергија која дава убаво чувство. Скоро цел мој живот сум го имал тоа чувство а низ неколку примери сум правел и обиди да се изразам и како автор на некои замислени дела. Главно, не сум имал инспирација за некои конкретни креации. Пресврт во тој дел е моментот кога изградивме сопствена семејна куќа (годината беше 2006), потребата за предмети за уредување за кои немав доволно финансиски средства и една фотографија со необична гарнитура за седење. Тоа беше моментот кога ми се отвори целиот мој креативен потенцијал. На почетокот вложив огромна енергија во проучувањето на замислениот проект експериментирав буквално до изнемоштеност со само две машинки. Нормално немав никакви предзнаења, ниту искуство. Се најдов во многу незавидна ситуација каде пресудна беше мојата огромна енергија да го завршам започнатиот замислен проект кој постоеше само како идејно решение во моите мисли. После 5-6 месеци пожртвуваност, излегов со готов производ. Трпезариска маса со 6 столчиња кои изгледаа фасцинанатно и никого не го оставија рамнодушен. Нормално, тоа ме инспирираше да продолжам со развивање на мојата креативност и создавње на елементи кои ми беа потребни за уредување на мојот дом. За неколку години, користејќи ја оваа моја вештина успеав да изработам буквално се‘ што ми е потребно за уредувањето на мојот дом.
ММ. Каде ја научивте техниката на обработка на дрвото и колку самото дрво е благородно за изработка?
- Техниката на обработка на дрвото беше за мене толку непозната што често во процесот на создавање на сите креации се наоѓав во мат позиција. Па уште и немање работен простор, оскудни две-три стари машинки, репроматеријал никаков, но огромната желба, љубов, силната мотивација и на крај неограничената енергија беше пресудно да не се откажувам. Работев многу, изложен на надворешни влијанија, се усовршував, барав начини за развивање на моите вештини преку креирање на посложени проекти, честопати доаѓајќи до границата на човечка издржливост. Во таквиот еден процес мојата енергија ја пренесувам во финалниот производ од каде пак истата таа енергија ја примам при секојдневното користење на моите креации. Таа размена на енергија е дополнителна сатисфакција да уживам користејќи ги моите креации буквално насекаде во мојот дом.
ММ. Какви дрва користите при изработката? Кое дрво најдобро се обработува?
- Скоро и да нема правило какво ќе биде дрвото, најважно е да се вклопи во мојот инспиративен свет. Најчесто користам орев, багрем, костен, габер и многу други за кои и не знам какво дрво е, но во истите можам да видам креативен потенцијал. Во мојот асортиман на дрва имам навидум бескорисни парчиња од кои, користејќи ја мојата вештина, сум направил вистински ремек дела. Секое едно дрво има свои карактеристики така што зависно од мојата идеја, ќе си добие и свој финален производ. Што значи, кривите форми ќе се претворат во елементи за седење и ламби, рамните форми во комоди и маси, неправилните форми од благородни дрва за разни садови за сервирање. Не постои дрво што е лесно за обработка бидејќи истите ги обработувам рачно, користејќи рачни машинки.
ММ. Од каде ја црпите инспирацијата? Имате крајно необични дела кои имаат исклучителен уметнички израз и рустикалност...
- Морам да признаам дека инспирацијата ја црпам од нашата култура и традиција. Фасциниран сум од нашите традиционални изработки на употребливи предмети од дрво, секогаш се стремам да се приближам колку што е можно до истите или пак да направам спој помеѓу традиционалното и модерното. Скоро и да не пропуштам ТВ емисија за нашето културно богатство фасциниран од употребливите креации изработени од нашите предци со толку многу љубов. Секогаш кога имам можност истите ги купувам. Дел од нив ги добивам како подароци и ги чувам во мојата галерија се со цел да ги сочувам и да ги пренесам на следните генерации. Во целата моја збирка на антиквитети можам да се пофалам со колекцијата од 120 стари часовници будилници, стари разбои за ткаење, фотоапарати и многу други предмети. Моите дела пак, иако имаат употребна вредност сепак им внесувам уметничка вредност и со самото тоа истите се уникатни. Нормално, поради конекцијата со нашите традиционални изработки имаат и рустикална димензија.
ММ. А, Што изработувате најчесто? Кое дело според вас го сметате за најдобро или кои дела и зошто?
- Мојата колекција на уметнички предмети е огромна. Изобилува од ситни сувенири дрвени крстчиња, разни предмети со македонски државни обележја, шишиња обложени со дрво, дрвени садови за сервирање храна, па се‘ до масивни проекти како комоди, маси, елементи за седење, ламби, лустери, спални, купатила, а надвор во дворот летниковци, фурна, куќарка на дрво, огниште и многу други. Можам да кажам дека скоро сите замислени проекти во мојот дом до сега ги имам реализирано. Поради големиот креативен потенцијал кој го поседувам се случи поголемиот дел од мојот дом да го претворам во галерија за моите креации предвидени за изложби. Сите креации ми се подеднакво омилени, но некои од нив се исклучително сложени и на нив имам потрошено огромна количина на енергија. Со самото тоа, особено се гордеам дека до овој момент претставуваат врв на мојата креативност. Тука можам да ги издвојам трпезариската маса во галеријата, која е исклучително масивен проект, предвидена за 10 луѓе, каде наместо столчиња изработив клупи и сето тоа од комбинација на костеново и габерово дрво. Бањата во сутеренскиот дел од галеријата, изработена од дрво на три страни и патос и една од камен е навистина смел проект. Куќарката на оревот која со дрвен мост е споена со горниот дел од галеријата во мојот дом сама по себе е фасцинантна креација, каде вложив надчовечка психофизичка енергија за реализација која траеше повеќе од 10 години. И на крај една од моите најомилени креации чие користење ми претставува особено уживање е традиционалната фурна за печење леб од каде излегува највкусното лепче што може да се замисли.
ММ. Во каков простор најчесто се вклопуваат делата?
- Моите дела можат да се вклопат буквално во секаков амбиент, бидејќи имам палета на производи кои се типично рустикални, но имам и такви кои имаат и малку помодерен дизајн со уметнички акцент.
ММ. Дали имате нарачки и дали луѓето имаат свои идеи или е препуштено на вашата стручност и инсирација?
- За жал освен морална поддршка, некоја финансиска сатисфакција од оваа моја уметничка дарба и немам. Иако имам огромен број на јавни експонирања преку ТВ и интернет медиуми и многу магазини, преку разни репортажи, интервјуа и утрински емисии, досега работам со големи загуби. Нормално, со текот на годините инвестирав многу во оваа моја кративност. Засега не сум имал некоја посебна идеја за некоја креација од моите следбеници, но и да се случи тоа, подготвен сум на секаква соработка.
ММ. Дали до сега сте ги изложувале некаде овие предмети?
Освен гореспомнатите медиумски проекти, моите дела ги имам изложувано на разни базари и неколку хуманитарни настани. Имам реализирано и една самостојна изложба во Дом на АРМ. На Фејсбук имам свој профил и страница „Уникатни рачно изработени предмети“ каде редовно ги промовирам моите новитети. За жал, можам да констатирам разочарување од моите јавни презентации бидејќи секогаш моите јавни настапи резултираат со финансиски загуби така што, ќе апстинирам некое време додека оценам позитивна клима во јавноста. Овде слободно можам да кажам дека истиот проблем е присутен кај скоро сите уметнички автори, но не навлегувам подлабоко во причините за таквата состојба.
ММ. Каков проект- дело ви е неостварена желба, а сакате да го создадете?
- Бидејќи спомнав дека моја инспирација е нашата култура и традиција, а просто фасциниран од нашите традиционални градби, би сакал да реставрирам една таква куќа во етно стил. Идејата ми е користејќи ја мојата дарба и вештина да ја претворам таквата градба во една туристичка атракција која би имала угостителски карактер. Нормално, комплетниот ентериер и екстериер го имам веќе осмислено и верувам дека приказната за ваква туристичка атракција ќе се раскажува и надвор од границите на нашата татковина. За жал, чувствувам дека ова ќе остане само една моја неостварена желба бидејќи за реализација на таков проект, потребна ми е финансиска поддршка.
Небојша Толески