Се грижиме за нашите најдраги: Бесплатни вакцини против сезонски грип за луѓето над 65 години
Брзиот и интензивен животен стил често ни ја одзема можноста да поминуваме повеќе време со најдрагите. А тоа посебно важи за постарите роднини и за родителите со кои не живееме под ист кров.
Во последните неколку месеци, темата за нашето и глобалното здравје се наметна како главна тема за дискусија. Преплавени сме со нови информации од различни места и понекогаш е многу тешко да ги издвоиме најважните во сиот овој хаос од вести, препораки и огласи.
Дел од дискусијата за нашето здравје е и сезонскиот грип. Навикнати сме да гледаме на него како уште еден дел од нашите животи и „ќе поминеме лесно со него и оваа година“. Да, голем број од нас ќе го пребродат грипот без никакви проблеми - младите и активни луѓе обично немаат сериозни симптоми и последици, но мора да мислиме и на нашите најблиски со кои имаме контакт, за кои овој грип воопшто не изгледа наивно. Компликациите од грипот можат да имаат сериозни последици за луѓето со хронични болести, особено за оние кои се во групата на т.н. „ризични категории граѓани“.
Токму затоа е важно да преземеме посериозни мерки за борба против вирусот. Најбезбедниот и најефективен начин е преку вакцинација. Таа не е задолжителна, се разбира, но силно се препорачува за луѓето над 65-годишна возраст.
Огромен број од пензионерите не се вакцинирани, не затоа што не сакаат, туку најчесто поради тоа што не можат да си ја дозволат вакцината. Затоа е важно да се забележи дека во 2020 година, исто како во 2019, целосно бесплатни вакцини за луѓето над 65 години ќе бидат дистрибуирани ширум целата земја. Оваа иницијатива е дел од Националната програма за заштита од сезонска инфлуенца.