Серијал со македонски „брадосани“ мажи: Стефан Лазаров- Ако еден маж се наоѓа во проблем, не треба да се срами и да го сподели со некого
Се профилираше како еден од нашите најпознати Јутубери со огромна публика. Но, ја покажа и неговата хумана страна па помага онаму каде што е најпотребно. Во својот поткаст кој моментално го води е домаќин на личности од различни профили кои на некој начин му ја „отвараат душата“ и ги „разголува“.
Стефан Лазаров е посебен и по тоа што нема проблем да го изрази својот став, без разлика на исходот од широкиот аудиториум.
Од 2003 година, месецот ноември е означен како „Месец на здравјето на мажите“. Се започна уште во 1999 година, на иницијатива на неколку познати локални момци кои често одат во пабови од Аделаидa, Австралија кои, едноставно со тоа што ги ослободија своите мустаќи во текот на 11-тиот месец (Moustache- Мустаќи + November - Ноември = Moveember), се обидоа да го привлечат вниманието на пошироката заедница кон мажите и важноста на нивното здравје.
Со текот на времето, првичната спонтана иницијатива прерасна во една од 100-те најголеми невладини организации во светот.
На овој уникатен начин, денес се прави напор во целиот свет да го сврти вниманието на јавните личности и институции на специфичностите на здравствените проблеми кај мажите.
Лазаров има и брада и мустаќи. И му стојат топ.- Слободно можам да кажам дека мене брадата ми е како заштитен знак. Не можам да се замислам без неа. Добро средена брада верувам дека на секој маж му дава поголема самодоверба... вели Стефан за Машки магазин.
Во поглед на мажите и важноста на нивното здравје, Јутуберот додава дека иако Ноември е месецот на машкото здравје, битно е да се каже дека за здравјето треба да се грижиме во текот на целата година...
- Но не зборувам само за физичкото туку и менталното здравје. Најважно е да имате постојана физичка активност, здрава околина, да избегнувате негативни луѓе, да не дозволувате негативните муабети да влијаат на вас. И најбитно од се!... Ако еден маж се наоѓа во проблем, не треба да се срами и да го сподели истиот со некого- потенцира нашиот соговорник.
Но, дали мажите страдаат од синдромот наречен „природно подмадување“ каков што е случајот со повеќето жени? Дали Стефан се плашите од стареењето?
„Не се плашам, староста е уметност. Брчките се показател за поминатото, се си има своја убавина и секој треба да научи да се сака себеси“
И тука доаѓаме до неизбежното, односно „мажите се сила, мажите се моќ, мажите се најхрабри, не треба да плачат, да покажуваат емоции итд... Значи Алфа мажи, а од друга страна мажи џентлмени. Има или нема разлика? Еве што вели лазаров:
„ За мене Алфа Маж е оној кој го заштитува семејството, блиските, не се става себеси и своето его на прво место туку знае да биде добар со околината. Најчесто кога ќе се каже Алфа Маж луѓето се асоцираат со маж кој треба да доминира и владее со околината. За мене е тоа примитивно. Алфа маж треба да биде и Џентлмен. Почитта е зрелост“
Како за поттик, посебно од маж за маж, Стефан има и што да ви порача за крај:
„Не чекајте друг да ја зграпчи шансата, бидете промената во својот живот. За здрава психа е битно да делувате, а за здраво тело да спортувате!“
Небојша Толески
Фото: Инстаграм