Што ќе биде ново во Законот за возила?
Еколошки налепници, субвенции за вградување на плински уреди во возилата и замена на стари со нови возила.Ова се дел од новините кои ќе бидат воведени во новиот Закон за возила.
Мерките поминаа во Собрание а како што информираше министерот Бектеши новина ќе биде и субвенционирањето за вградување уреди на течен нафтен гас или компримиран земјен гас односно метан.
-Ќе има категоризација на возилата во зависност на стандардите кои ги исполнуваат кои ќе бидат одбележани со зелена, жолта и црвена налепница, а се воведуваат и жолти регистарски таблички за таксистите и унифицирана светлечка табла за такси возилата-кажа Бектеши.
Бектеши дополни:
-Со мерката за субвенционирање на трошоци за вградување на уред за погон на ТНГ, метан или друг вид на алтернативно гориво во постоечките возила се предвидува да се субвенцинира 50% од цената на трошоците за набавка и вградување на уредот, но не повеќе од 300 евра во денарска противвредност за возило и се предвидува да бидат опфатени над 1.200 возила на годишно ниво. Се предвидува да се субвенции од 2.000 - 3000 евра во денарска противвредност за набавка на ново возило, и во првата година се предвидува да бидат опфатени над 200- 500 возила“.
Според кажаното, еколошката налепница ќе биде на доброволна основа. Таа нема да биде обврска за сите граѓани а бојата ќе биде зависно категоријата на возилото.
„Прва еколошка категорија ги опфаќа возилата со ниво на емисија на издувни гасови ЕУРО 5 и повисоко, како и возилата со емисија на издувни гасови ЕУРО 4 и ЕУРО 3 на кои е вграден уред за погон на течен нафтен гас или погон на компримиран земјен гас, хибридните возила и електричните возила, како и возилата кои имаат вградена опрема која ја намалува емисијата на гасови во воздухот и ги достигнуваат стандардите на EURO 4,5 и повисоко. Втора еколошка категорија, ги опфаќа возилата со ниво на емисија на издувни гасови ЕУРО 4 и ЕУРО 3, а трета еколошка категорија, ги опфаќа возилата со ниво на емисија на издувни гасови ЕУРО 2 и пониско, како и возилата за кои производителот нема дефинирано емисија на издувните гасови“
Она што засега не е познато е од кога ќе почнат да важат овие мерки.