„Си беше еднаш“ е ковчеже со најубавите бајки што ќе останат во наследство за следните генерации

Си беше еднаш... Ова се првите зборови со кои почнува раскажувањето на приказните, волшебно навестување дека почнува ново патување во светот на бајките. Со овие зборови почнуваат сите 52 бајки собрани во книгата-ковчеже „Си беше еднаш“, која беше „отклучена“ вчеравечер (11 април), со промоција во волшебниот амбиент на книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“.
Ова магично патување низ страниците на „Си беше еднаш“ го почна професорката и книжевна теоретичарка Калина Малеска, која беше во улога на промотор.
– „Си беше еднаш“ е книга преполна со чудесни бајки. Богатството од бајки се гледа во разновидноста на мотивите на кои тие се сосредоточени. Застапени се класични приказни, со млада несреќна девојка, која е жртва на неправда, но на крајот завршува со среќен крај. Но, има и авантуристички приказни, со ликови од дискриминирана класа (претставени преку животните), кои, благодарение на нивната снаодливост, успеваат да издејствуваат за себе среќен крај. Бајките со тажен крај, пак, се раскажани на многу нежен лирски начин... Приказните од оваа збирка се лесно читливи. Нивниот јазик е спонтан, директен, разбирлив, со повремена употреба на фолклорен вокабулар, но со точно одмерена доза, за да биде разбирливо за децата. Сите нејасни архаични зборови се објаснети во речникот на крајот од книгата, што дава плус вредност на изданието. Токму ваква голема книга, со разновидни бајки од повеќе културни подрачја и заднини, собрани на едно место, како што е „Си беше еднаш“ – недостигаше кај нас. Со внимателниот избор и имагинативните раскажувачки постапки на Оливера Ќорвезироска, како и со привлечните и разиграни илустрации на Наталија Лукомска, оваа збирка ќе одигра несомнено исто толку значајна улога за сегашните и идните деца. Приказните од оваа книга служат како еден вид простор за истражување на сопствената и туѓата свест, развој, потрага и жед за различни искуства. Тие одразуваат можност преку нив децата да научат повеќе за себеси и за светот околу нов, за сите можни реалности. Топло ја препорачувам за сите деца, но и за возрасните – рече Малеска.
– Изборот и адаптацијата на најпознатите бајки на светот се широка и сложена активност што му ја посакувам на кој било писател, зашто е еден вид волшебна книжевна етида. Од една страна, бајките мораат да бидат такви какви што ги знаеме сите, од друга страна треба да ги пренесеме во нашето време и во нашиот јазик, без да се загуби нивната универзалност и безвременост. Одличните преводи и јазичната редакција на Здравко Ќорвезироски на овие бајки, интегрално објавени во тритомното издание на „Мисла“ (1984) и во едицијата „Андерсен во 10 сликовници“ на „Детска радост“ во деведесеттите години беа одличен почеток за идејата да се обединат најубавите бајки на светот во една книга со 52 приказни, по една за секоја недела во годината, каде што сите еднакво ќе траат, ќе имаат приближна должина, зашто ниедна недела не е поважна од другите во годината. За да биде колку што е можно покомпактна оваа чудесна книга за сите генерации, ја структурирав со симболичен и поетичен влез преку една куса бајка за ковчежето и клучето, навестувајќи дека 52-те бајки се всушност „содржината“ на ковчежето, а „клучето“ е во секого од нас, „клучето“ е читањето. Базичната постапка при адаптацијата беше компресирањето на приказните, доведување на сите бајки до една приближна должина од неколкуминутно читање. Јазикот не е поедноставен, туку примерен на новите генерации со интенција лексиката да биде побогата, децата спонтано и преку контекстот да научат старо-нови зборови што не ги среќаваат во своето модерно секојдневие. Нарацијата секако дека ја следи основната нишка на приказната, но и на тој план имаше многу предизвици, истото да се каже поинаку. „Си беше еднаш“ генерално е книга во која на „како“ му се дава предност пред „што“. Освен неизбежните триесетина бајки што ги знаеме сите и што се вистинско книжевно и културно наследство на светот, во „Си беше еднаш“ има и помалку познати бајки, дури и неколку што првпат се објавуваат на македонски јазик – истакна Ќорвезироска.
За илустраторката Наталија Лукомска новото визуелно „раскажувањето“ на класичните приказни бил возбудлив предизвик.