Живот // Живот
„Скарбо“ од Јадранка Владова се враќа во нашите библиотеки
Двете култни, но „подзагубени“ збирки раскази на Јадранка Владова – „Скарбо во мојот двор“ и „Воден знак“, конечно се вратија во рацете на читателите. Во издание на „Арс Ламина“ од печат излегоа спакувани во една, нова книга, со наслов „Скарбо“, која беше промовирана вчера (19 април), во Салата за состаноци на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
Во присуство на семејството, пријателите, колегите и студентите, во лирски, емотивен амбиент, со доза хумор, носталгија и многу љубов и почит кон значајната македонска универзитетска професорка, писателка и критичарка Јадранка Владова (20.4.1956 – 11.12.2004), се осврнаа Владимир Мартиновски, Оливера Ќорвезироска, Елизабета Баковска и Трајче Стамески.
Настанот го отвори деканот на Филолошкиот факултет, Владимир Мартиновски, истакнувајќи го значењето на објавувањето на книгата „Скарбо“, која ги содржи сите раскази за возрасни на Јадранка Владова, од неповторливите збирки „Скарбо во мојот двор“ (првично публикувана во 1986 година) и „Воден знак“ (1990), за кои со децении наназад беше полесно да се пишува, да се зборува или да се слуша отколку да се најдат во книжарниците и библиотеките. Тој нагласи дека со оваа публикација, „Скарбо“ повторно се враќа во нашите библиотеки!Ќорвезироска истакна дека „недостапноста во една чудесна смисла совршено им прилегаше на овие збирки, затоа што нивното „отсуство“ како да произлегуваше од раскажувачката поетика на Владова, како да беше нејзина невидлива продолжена рака, далечно ехо на необичното, нејасното, таинственото... во неа.“-Од друга страна, преобјавувањето на двете збирки (од страна на „Арс Ламина“), односно укинувањето на нивното „отсуство“ во домашната издавачка понуда, не е и укинување на необичното, нејасното, таинственото... туку сосем обратното – нивно долгоочекувано подвлекување... Скарбо е џуџе од личната митологија на Алојзиус Бертран, од „Гаспар Ноќникот“, кое се крие, живее и ненадејно влегува и излегува во и од расказите на Јадранка Владова. Авторката го презема овој лик од Бертран, но не целосно туку со интертекстуална ексклузија, со исклучување, т.е. со адаптација и приспособување на неговиот ликов, книжевен профил… Поврзаноста на Владова со Алојзиус Бертран е една од највозбудливите врски во современата македонска книжевност. Таа е многу повеќе од постмодернистичка опсесија, многу повеќе од интертекстуално адресирање, многу повеќе од омаж и скриен интерпретативен клуч; таа е показ не само на една автентична раскажувачка поетика туку и на едно смело авторско фрлање во најдлабоките води на својата омилена (на извесен начин и судена, предодредена!) книга и синхроно пливање и натпливување и со нејзиниот автор и со внимателно одбраниот лик од неговото единствено дело. Главно со нив (со Бертран и со Скарбо), но и не само со нив, зашто пливањето и натпливувањето на Владова во „Скарбо во мојот двор“ и во „Воден знак“ е пливање и натпливување и со сопствената книжевна лектира и со себеси, и тоа истовремено и низводно (со леснотија) и спротиводно, со голем личен внес и влог – подвлекува Ќорвезироска.Збирката раскази „Скарбо“ не е само преобјавување на (условно) подзаборавените две збирки раскази и не е само своевиден омаж за авторката што се смета за „најмоќниот пробив“ на својата генерација. Елизабета Баковска рече дека оние што во овие дваесет години на еден или на друг начин, како читатели или како пријатели, ѝ се навраќаa на Јадранка и на нејзиното писмо, можат да ја гледаат оваа книга и како материјален потсетник на своето интимно читателско искуство.
-На „Скарбо“ гледам како на албум на реставрирани семејни фотографиии. Албум во кој весело и џагорливо се збило мноштво лица – не само таткото и мајката на авторката, не само комшиите и дуќанџиите од Старата чаршија, туку и Алојзиус Бертран, Тарковски, Достоевски, Кафка, Црњански, Булгаков, Модиљани, па и еден куп непознати (а сепак препознатливи) народни песнопојци и раскажувачи. Всушност, овде се прибрале сите оние што Јадранка, тоа емотивно, топло и сочувствително перо, некогаш ги видело, ги слушнало, ги читало и ги љубело. Впрочем, само длабоко и искрено вљубен читател/ка, како неа, можел да напише писма, елегии, оди, пофалби, тажаленки, па и записи и интерпретации на соништата за книгите и за авторите што ја оставиле будна „до зори со распарталавено срце“. Зборот „подзаборавени“ што го употребив погоре, секако, треба да се земе со голема резерва, зашто во текот на овие години делото на Јадранка го читаа и за него пишуваа нејзините критичари, следбеници и пријатели, како Јасна Котеска, Оливера Ќорвезироска, Елизабета Шелева, Александар Прокопиев, Лидија Капушевска-Дракулевска.... Прераната смрт на еден човек е трагична загуба за неговите блиски. Прераната смрт на авторот, пак, е сурова ампутација на сите негови идни дела. Со неговото заминување, она што ќе го напишел останува само неостварена можност, само навестување, само трага на маргините од она што стигнал да го напише во тој краток миг што го имал на земјава. Го живееме ли ние тој миг, или само го сонуваме? Или и двете? Залулана на Големото Дрво, Јадранка Владова потпевнува приспивни песнички со затворена уста. Од очите ѝ капат познати зборови. Скарбо спие, спие сета Стара чаршија. Будна е само нејзината љубов. Јадранка веќе дваесет години е мртва, но ние не ѝ веруваме. Во она што го напишала секогаш одново го наоѓаме и она што допрва ќе го напишеше – рече Баковска во својот емотивен говор.
Новата книга е дел од добропознатата и наградувана едицијата на „Арс Ламина“ – „Македонски книжевни класици“, во рамките на која се реобјавени капитални дела од најзначајните македонски книжевни великани Блаже Конески, Оливера Николова, Петре М. Андреевски, Влада Урошевиќ, Живко Чинго, Димитар Солев, Гане Тодоровски, Петре Бакески, Катица Ќулавкова и други.
Јадранка Владова е родена во Скопје на 20 април 1956 година. На Филолошкиот факултет во Скопје ги предавала предметите светска литература и литература за деца. Нејзини најзначајни дела се: „Скарбо во мојот двор“, „Воден знак“, романот „Исток – Запад“ – во соавторство со Небојша Кнежевиќ, драмата „Куќа“, критичката книга „Волшебноста на зборот“ (за возрасни); „Измислување на светот“, „Мојот пријател А.“, „Девојчето со две имиња“, „Гледалото зад огледалото“, „Деца како мене“ – во соавторство со фотографот Владимир Тодоров (за деца); Учебник по македонски јазик за I година гимназија (ПЕКСНАС), Македонско-чешки речник (со група чешки соработници), Основи на демократијата за I одделение, Пристап кон лирската песна за основното образование, Читанка за петто одделение, Македонски јазик и литература за петто одделение, Македонски јазик и литература за шесто одделение и други. Почина во Скопје на 11 декември 2004 година.
По академското претставување на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, издавачката куќа „Арс Ламина“ за пошироката публика ќе ја промовира книгата „Скарбо“ на Саемот на книгата, денеска (20 април, сабота), кога се одбележува денот на раѓањето на Владова.ПР објава