Со 100.000 засадени дрвја, dm дрогерие маркт успешно ја круниса третата година од еко-проектот „Пошумуваме заедно за позелено утре“

Со масовно пошумување на 35.000 садници, dm дрогерие маркт реализираше уште едно масовно пошумување во околината на Велес, во близина на езерото Младост, на површина која неодамна беше зафатена од пожар, со што достигна завиден број на 100.000 засадени дрвја во три години од стартот на еко-проектот „Пошумуваме заедно за позелено утре“.

Во акцијата за пошумување, која се одвиваше викендов, учество зедоа речиси 250 вработени од dm, волонтери, како и стручни лица од ЈП Национални шуми, кои несебично го дадоа својот придонес кон обновување и зачувување на зелените површини на нашата земја.

За овогодишната реализација на проектот компанијата инвестираше повеќе од 1.300.000 денари во форма на донации за набавка на садници и техничка опрема, а самиот проект се реализираше во неколку етапи.

На 9 ноември, dm, преку акција во која беа засадени повеќе од 300 нови садници во „Рајски парк“ во Скопје – о. Аеродром ја отвори овогодишната сезона, а само неколку денови подоцна, во рамките на овој проект беа засадени повеќе од 400 нови садници во дворовите на ОУ „Славејко Арсов“ и детската градинка „Сончогледи“ во Штип, создавајќи еко-пријатна атмосфера во дворовите, за децата и учениците.

„Оваа акција, која започна како визија за позелена иднина, денес прерасна во традиција која ја прифаќаат и поддржуваат многумина. Посебна благодарност упатуваме до нашите вработени, чии несебични заложби и посветеност се главниот двигател на овој проект. Благодарни сме и на институциите и граѓаните кои ја препознаа важноста на овој потфат и активно се вклучија и со кои заеднички успеавме да засадиме вкупно 100.000 дрвја низ територијата на нашата држава. Нашата мисија тука не застанува. Продолжуваме со уште поголема енергија и посветеност, со цел да засадиме уште повеќе дрвја и да придонесеме за здрава и одржлива животна средина за нас и идните генерации“ - изјави Кристина Дуранска, менаџер за маркетинг и комуникации на dm дрогерие маркт.

За успешна реализација на проектот, покрај вработените во dm и волонтерите, заслужни се и институционалните партнери ЈП Национални шуми, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и ЈП Паркови и зеленило Скопје, како и единиците и претпријатијата на локалните самоуправи.

ПР објава