Со „фиќо“ на море: Тројца млади ентузијасти тргнаа на одмор во Грција и станаа хит на социјалните мрежи

На граничниот премин Евзони, меѓу колоните автомобили што стрпливо чекаат влез во Грција, вниманието го привлече едно несекојдневно возило – легендарното „фиќо“, со тројца насмеани момчиња од Власотинце, Србија.

Фотографијата од малото возило, симбол на едно друго време, стана вирална на социјалните мрежи, предизвикувајќи бран од носталгични коментари. Многумина се потсетија на годините кога летувањата по југословенските автопати започнуваа токму со „фиќо“, натоварен со багаж, душек на покривот и ентузијазам што не се мери со коњски сили.

Иако ретко кој денес би се осмелил да тргне на долга релација со ова култно возило, момчињата од Власотинце покажаа дека за вистинскиот одмор не се важни климата и GPS-навигацијата, туку духот на авантурата.


Имено, фотографијата од граничниот премин е направена случајно, но ја пренесоа десетици страници низ регионот, коментирајќи со топлина и насмевка – како еден фрагмент од минатото да оживеал среде современата туристичка треска.

Фото: Grckainfo.com