Со свесност во исхраната до здрав живот
Живееме под стрес. Поминавме една година во пандемија, работиме од дома, децата имаат настава на далечина, поминуваме безброј часови заедно – или во изолација – сето ова е предизвик дури и за најопуштените. Може да се најдеме во ситуација кога повеќе јадеме за задоволство отколку за да ги внесеме потребните хранливи материи – се смируваме со храна без хранлива вредност или јадеме нездрави ужини што ни се на неколку чекори од канцеларијата дома. Можеби е вкусно да изедеме големо пакетче чипс, тоа може дури и моментално да ни го подобри лошиот ден, но ако јадеме несвесно, тоа може да доведе до непотребно зголемување на телесната тежина, замор, малаксаност и други здравствени последици. Да се храниме здраво значи и да јадеме свесно. Еве пет начини како да станете посвесни за тоа што јадете и кои ќе ви помогнат попаметно да ја избирате храната.
Запишувајте си
Кога некој ќе почне програма за вежбање, обично му се препорачува да си води евиденција по колку чекори прави, по колку километри трча или по колку пати вежба во една недела. Зошто? Затоа што кога водиме евиденција за напредокот, стануваме посвесни за успехот и за тоа што може да подобриме. Водењето дневник за храна е фасцинантна вежба што често нè тера да размислуваме трезвено. Ќе ве потсети за оние 10 крекери што ги каснавте по ручек или за дополнителната порција пире што ја изедовте на вечерата. Кога си запишувате што јадете, кога јадете и зошто јадете, тоа ќе ви помогне да се фокусирате на оние навики на кои треба да работите.
Направете пауза
Често ни се случува да стоиме пред фрижидер или пред шкафчето во кујна за да видиме што има. Некогаш дури можеби се прашувате и зошто дојдовте во кујна. Пред да земете нешто да јадете прашајте се, „Зошто јадам сега?“. Веројатно не дојдовте во кујна затоа што сте гладни, туку можеби затоа што ви е здодевно или, пак, сте нервозни или уморни. Кога ќе си го поставите ова прашање, ќе сфатите дека решението не е во храната. Најдете други начини како да ги надминете здодевноста, нервозата или уморот. Наместо да јадете, одете на прошетка, јавете се на пријател или направете си чај.
Не правете ништо друго кога јадете
Од толку многу работи што ни се случуваат во текот на денот, често брзаме со сè во животот – па дури и кога јадеме. Во свет полн со работи што ни го одвлекуваат вниманието, времето кога јадеме често го користиме и за да правиме нешто друго. На пр., гледаме телевизија, одговараме на имејл пораки или сурфаме на интернет. Овие работи ни помагаат да останеме поврзани, но не и да бидеме свесни што јадеме или колку јадеме. Кога ќе си издвоиме време само за јадење, сами или со семејството, ќе бидеме посвесни колку јадеме и ќе уживаме во јадењето.
Активирајте ги сетилата
Додека јадеме е тешко да бидеме целосно фокусирани на јадењето, наместо тоа мислиме што треба следно да правиме. Издвојте си минимум 20 минути за да се фокусирате на оброкот така што вниманието ќе ви биде насочено кон храната во чинијата. Активирајте ги сетилата и фокусирајте се на мирисот, вкусот, боите, текстурата и звукот на храната – кога јадете свесно повеќе уживате во секое залче, плус се заситувате со помалку храна.
Разберете што значи да сте најадени
На сите ни се има случено – особено за празниците – да се прејадеме толку многу што дури треба да си ги откопчаме панталоните. Иако можеби овие прилики на прејадување се ретки, многу луѓе имаат навика да јадат додека убаво не се најадат, а не само онолку колку што им е доволно за да не бидат гладни. Овој процес може да биде тежок за оние што се научени да си изедат сè од чинијата и да не фрлаат храна. Почнете така што ќе си ставате помали порции, ќе ги следите препораките на стручњаци и ќе оставате барем по едно залче во чинијата. Јадете бавно и свесно и забележете како ќе се чувствувате кога веќе не сте гладни за разлика од кога јадете додека не се прејадете.
Во нашиот активен свет, може да ни биде тешко да издвоиме време за да внимаваме како, кога, каде и зошто јадеме ако тоа не ни е дел од списокот со обврски. Кога јадеме свесно, тоа ни овозможува да направиме пауза и да размислиме каква храна јадеме и колку јадеме. Кога ќе бидеме свесни кога и зошто јадеме ужина и ќе издвоиме време да седнеме да јадеме без работи што ќе ни го одвлекуваат вниманието, тогаш ќе уживаме во храната, ќе ги дознаеме нашите навики за исхрана и ќе ги искористиме придобивките од поздрави хранливи оброци.
За повеќе совети за урамнотежена исхрана, како и стручна помош од нашите тренери за исхрана и здрав, активен начин на живот пријавете се ОВДЕ.
Автор: Сузан Бауерман, постар директор,Глобална едукација и обука за исхрана, Herbalife Nutrition