Топ 10 летни книги за модерни мажи

Книгата е најлојалниот пријател на човекот. Го следи на сите негови патувања, но и таа го носи во необични авантури, му отвора нови видици и светови. Ја отсликува реалноста, но често е и магичен портал кон фантазијата. Со неа нурнувате во младоста и минатото и се телепортирате кон иднината. Ќе се согласите дека има толку многу интересни книги, за кои во работното секојдневие останува многу малку време да им се посветите. Затоа, одморот често е вистинското време да прочитате добра книга. Доколку имате дилема кој наслов да го изберете во морето изданија, ви нудиме предлог-листа со топ 10 книги од издавачката куќа „Арс Ламина“ и книжарниците „Литература.мк“, соодветни за модерните мажи. Понудата содржи книги со различни содржини: политика, спорт, технологија, бизнис, љубов, психологија, наука и авантура. Оваа листа може да помогне и при изборот на добро четиво за на плажа, но и за селекција на интересен подарок за вашиот пријател, партнер или сопруг.

1. „Кој владее со светот?“ ‒ Ноам Чомски

Во оваа продорна и темелна анализа на актуелната меѓународна ситуација, Ноам Чомски истражува како, и покрај подемот на Европа и Азија, САД сè уште ги одредуваат глобалните текови. Повикувајќи се на најразновидни примери, од американското инволвирање во Куба до санкциите против Иран, Чомски ни покажува како декларациите за слобода и демократија честопати не се согласуваат со акциите во вистинскиот свет. Покрај ова, обрнува внимание на изборот на Трамп и што тоа зборува за американското општество. Книгата „Кој владее со светот?“ е жесток напад врз светогледот презентиран од мејнстрим медиуми и како таков е неизоставно четиво за секој што сака да знае повеќе од новинските наслови.

2. „Е, баш ме заболе“ ‒ Марк Менсон 

Во оваа книга-водич за самопомош, што дефинира една цела генерација, авторот, кој е суперѕвезда во блогерските кругови, не нè замајува со глупости од типот дека треба постојано да се обидуваме да бидеме „позитивни“, за навистина да станеме подобри и посреќни луѓе. Веќе со децении ни се сервира тезата дека позитивното мислење е она клучното што води кон среќен и исполнет живот. Но, Марк Менсон вели: „Море, кој ја ’врти‘ позитивноста. Да бидеме искрени – нештата се зафркнати, но немаме друг избор освен да живееме со нив онакви какви што се“. На неговиот многу популарен блог на интернет, Менсон ниту ја бојадисува стварноста во розово, ниту ја заобиколува. Тој ги изложува работите токму онакви какви што се, што е една вистинска доза необработена, свежа и искрена вистина – нешто што денес навистина ни недостига.

3. „Солунска 28“ ‒ д-р Неле Карајлиќ

Д-р Неле Карајлиќ со својата дебитантска книга „Фајронт во Сараево“ најави дека е писател на кој сериозно треба да се смета. Тоа го потврди и со својот прв вистински роман „Солунска 28“.

Во книгата се раскажува приказна за едно семејство, која почнува на почетокот на 20. век, кога Живота, кој бега од Прахова, и Босилка, која бега од Австро-Унгарија, се среќаваат во Белград, решаваат да почнат заеднички живот и да основаат семејство. И до ден-денес, и покрај војните, бомбардирањата, пожарите, болестите, промената на режими, национализацијата, приватизацијата и другите потреси, куќата на Живота во Солунската улица го има истиот тој број 28. Спојувајќи ги најдобрите состојки на јужноамериканскиот магиски реализам и сараевскиот нов надреализам, д-р Карајлиќ ни раскажува за историјата на една куќа во Дорќолската улица и нè води во просторот од другата страна на огледалото, на тромеѓата на животот, смртта и вечноста.

4. „Спортски стории: записи, настани и сеќавања“ ‒ Зоран Михајлов

„Спорт, живот, настани“ не е само носталгична збирка од напишани спомени на истакнатиот и светски признаен спортски новинар и коментатор, Зоран Михајлов. Уште повеќе, оваа книга е паметник на успесите на македонските спортисти, на нивниот натчовечки влог во постигнувањето резултати вредни за светската почит, во поединечните и во групните спортови.

Благодарение на неговиот професионален повик, Михајлов изворно ги пренесува случувањата од спортските борилишта, осврнувајќи се и на историските контексти што оставиле траен печат во домашната и во светската спортска историја. Па, така, оваа книга ќе потсети на многубројните доживувања, на блесоците и падовите, на некои афери без кои како да не се може, на контактите со светските асови, на немилите настани, како минхенската олимпијада во 1972 година, на олимпијадите на кои македонските спортисти ги освоија првите медали.

5. „Моите изуми“ ‒ Никола Тесла

Малку луѓе во историјата дале толкав придонес кон погодностите на современото секојдневие како Никола Тесла. Неговите дела овозможиле електричната енергија да допре до сите катчиња на нашата планета, а нејзината примена да експлодира во безброј области на човековиот живот – процес кој речиси незапирливо продолжува долги години по неговата смрт. Оставината на Тесла е богата, секогаш актуелна и неисцрпен извор на инспирација.

Но, и покрај тоа што влијанието на Тесла е толкаво што е речиси невозможно да се исцрпат епитетите, неговата застапеност во јавниот дискурс е изненадувачки мала, особено во западната културна сфера. Оваа автобиографија дава увид во фасцинантниот внатрешен свет на еден од најголемите гении, но притоа на разбирлив јазик зборува и за техничката природа на неговите изуми. Правејќи го тоа, Тесла на посреден, но уверлив начин ни ја презентира својата визија за еден подобар, поправичен и помирен свет, чија благосостојба не е нуспроизвод на борбата за профит, туку е резултат на искрената, автентична желба за подобар живот на сите, без очекување награда.


Следна страна