У15: Меѓународен турнир „Влатко Марковиќ': Македонија подобра од Црна Гора
Младата репрезентација на Македонија до 15 години во последниот натпревар од меѓународниот турнир Влатко Марковиќ славеше победа со минимални 3:2 над селекцијата на Црна Гора.
Македонија и Црна Гора одиграа одличен натпревар, отворен од самиот старт, со многу борбена игра и неколку пресврти.
Македонија одлично влезе во натпреварот, успеа во 15. минута да го отвори резултатот. Хисар Али постигна извонреден гол од слободен удар.
Противникот го израмни резултатот на 1:1 пет минути подоцна. Во 54. минута Црна Гора направи комплетен пресврт и поведе со 2:1.
Избраниците на селекторот Дашмир Беари само две минути подоцна стигнаа до израмнување. Стрелец на погодокот беше Беркај Шаини.
Гол за победа на Македонија постигна Хисар Али во 69. минута. За фудбалерот на Македонија ова беше втор погодок на средбата.