Украинката Наталија Кубрак се омажи и остана во Македонија: Кога почна војната го молев Бога да ми покаже каде да одам и на кого сум му потребна
По големите животни искушенија, на Наталија Кјубрак (50), родена во село Димитровка, во Сумската област во Украина, ѝ се насмевнала среќата. Една случајна средба со Гоце Деспотовски (58) од Скопје, се претворила во дружба, која неодамна ја крунисаа со брак. Покрај љубовта и взаемната почит, ги поврзува и фактот што и двајцата претходно биле во брак и имаат возрасни деца. Мажот на Наталија починал. Сопругата на Гоце го напуштила по 28 години заеднички живот.
- Со Гоце се сретнавме првпат во црква. Многупати на Фејсбук ми нудеше пријателство, но не го прифатив. Се видовме повеќе пати, но бевме на дистанца. Нас нѐ спои лебот. Гоце дошол да купи леб во продавницата каде што работам, но во тој момент немало. Мојата цимерка му ветила дека ќе му обезбеди леб, но да си го земе од кај нас. Кога дојде пред нашата врата, цимерката ме замоли да го пречекам. Го поканив на кафе и разговаравме. Од таа средба станавме неразделни. Откако ја собрав потребната документација, склопивме брак - вели Наталија, која со Гоце живее во Скопје.
- Мојот прв сопруг беше од Украина, но почина после 23 години заеднички живот. Имам две ќерки, кои се мажени и имаат по едно дете. Тие се во градот Суми и во селото Жуковка, каде што живеевме со мажот. Завршив угостителско училиште. Кога бев во брак, работев во продавница за велосипеди. По смртта на мојот сопруг, отидов да работам во санаториумот Десна, во Черниховската област, во Украина. Таму се лечат луѓе од многу болести, со разни методи, како хидротерапија, масажи, вегетаријанска исхрана. Кога почна војната, немаше работа, санаториумот се затвори, но не можев да отидам дома, зашто територијата кадешто живеев беше окупирана. Се молев на Бога и барав одговор, што да правам и каде да одам, на кого сум му потребна. По препорака на директорот отидов во Бугарија да работам во слична установа. Сакав да се вратам во Украина, но моите деца и другарките ми рекоа дека не е безбедно. Тогаш добив информација, дека човек, од Украина, поседува ланец ресторани со вегетаријанска исхрана на Балканот. Ме повикаа да работам во Македонија – открива таа.
За нашата земја вели дека е благословена, со дожд и сонце, ја потсетува на Украина и почнала да ја сака со сето срце.
- Ме привлече однесувањето на луѓето, кои беа многу љубезни и смирени. Ми се допадна тоа, што насекаде има чешмички со вода за пиење. Ме зачуди фактот што има многу автомобили во сообраќајот, зашто имав информација дека Македонија е сиромашна земја. Има многу овошје и зеленчук, по достапни цени. Тоа ме радува зашто веќе четири години не јадам месо. Бев веганка, а сега сум вегетаријанка. Мислам дека тој начин на исхрана е здрав и влијае добро на целото тело. Се чувствувам убаво и имам многу енергија, не боледувам и имам уреден метаболизам. И Гоце е вегетеријанец. Двајцата сме верници на Христијанската Адвентистичка Црква. Благодарна сум на Бога, за неговата милост кон мене и моите деца. Тие живеат сега во Украина, но се живи и здрави. Се молам за мир во Украина, но се молам и за Украинците и за Русите, зашто ние сме сите Божји деца – посочува Наталија.
Соња Алексоска Неделковска