Успех е ако ги смениш навиките на жената: Избрани мажите на годината во 13 категории

Мислав Галер, извршниот директор на телекомуникациската компанија „А1“ е прогласен за Маж на годината на изборот кој по втор пат го организираше онлајн магазинот friday.mk.

„Со вас македонците, не ми е тешко да се чувствувам како дома, вие правите да не сум странец тука. Изминативе дваесет години се посветив на кариерата, а оваа награда им ја посветувам на моите деца. Се надевам дека во следните 20 години ќе бидам избран за татко на годината“, изјави Галер кој потекнува од медитеранскиот дел на Хрватска. На забавата која се одржа во хотелот „Хилтон“, тој доби уште една награда, Маж странец на годината.

Галер и Енвер Малиќи се единствени кои добија по две награди, Малиќи е награден во категориите Маж со трајни вредности и Маж со стил. Бизнисменот во својот кус говор ги мотивираше младите дека треба да останат во својата држава и да веруваат во соништата.

Водителката Миа Костова, симболично облечена во класичен и шик костум, додели награди на успешни мажи во вкупно 13 категории од 80 номинирани. Така за менаџер на годината е прогласен Арсим Папарнику,  за млад менаџер (помлад од 30 години) наградата ја поделија Крис Поповски и Ненад Пантовиќ, за Маж со најголем придонес во општеството е Филип Ивановски кој даде интересна изјава.


„ Сите оние кои сакаат да се откажат од цигарите или да ослабат, знаат колку е тешко да се сменат навиките. Успех е ако ги смениш навиките на жената, а најважно е ако успееш да промениш навики на едно општество“, рече Ивановски.

За маж на годината по избор на социјалните медиуми, титулата ја доби капитенот на РК „Вардар“  Стојанче Стоилов, кој поради обврски не дојде на настанот. Наградата за Маж со најголем придонес во спортот не успеа да си ја подигне ниту фудбалерот Елиф Елмас, кој игра за „Наполи“.

Еден од најсилните аплаузи ги доби Влатко Лозаноски-Лозано, кој е награден за Маж со најголем продонес во културата. Поп-ѕвездата фантастично изведе два негови хита во акустична пијано верзија, „Не те вадам јас од памет“ и „Километри“, момент кога гостите најмногу снимаа со мобилните телефони.

Менаџер на годината до 40 години е Владимир Стајиќ, а Хедонист на годината Габриел Стибел.

За Маж на годината по избор на организаторите е избран Божидар Јанкоски, познат како „Бобо Дајнерс“.

„Жал ми е што ја пропуштив шансата да бидам избран за млад менаџер. Енвер ми ги зема двете награди кои ги посакував, а останаитре сите се во вистински раце“, се пошегува Јанковски кој наградата ја посвети на својот вујко и таткото за кој рече дека го направил нежен џентлмен.

М.Џаровска

Фото: Вангел Тануровски