Виз Ер Скопски маратон 2025 со рекордни над 14.000 учесници од 58 земји - Скопје ќе пулсира во ритамот на спортот

Годинашното 21. издание на Виз Ер Скопски маратон ќе се одржи на 5 октомври 2025 година, а најмасовна останува трката на 5 километри со околу 10.300 учесници, при што третпат по ред доминираат жени

На денешната прес-конференција беше најавено 21. издание на Виз Ер Скопски маратон, кое ќе се одржи на 5 октомври 2025 година, како и Виз Ер Маратон Експо 2025. Оваа година, Скопје ќе биде домаќин на рекорден број пријавени учесници - повеќе од 14.000 натпреварувачи од 58 земји ширум светот, што претставува историски рекорд за најголемиот спортски настан во државата. Најмасовна останува трката на 5 километри со околу 10.300 учесници, при што третпат по ред доминираат жени – нешто што претходно не било случај. Во маратонската и полумаратонската трка, пак, поголем дел од учесниците се мажи.


На пресот беше истакнато дека поради зголемениот број учесници, годинава стартот на трката на 5 километри (почеток 8:00 часот) ќе биде поместен на семафорите кај Црвен крст, на булевар „11 Октомври“ во правец на Кисела Вода. Патеката останува иста, но со оваа измена ќе се избегне моментот на тесно грло и разминување на натпреварувачите и ќе се овозможи маратонците, полумаратонците и учесниците во штафетната трка, во 8:05 часот комотно да ја стартуваат својата трка.

Во рамките на ова издание ќе се одржи и Балканско и Национално првенство во маратон, што дополнително ги зголемува важноста и престижот на настанот. Долж целата патека ќе има 26 музички точки кои ќе создадат уникатна атмосфера за тркачите и навивачите, а на секои 850 метри ќе бидат поставени освежителни станици со вода, електролити, овошје, маслинки, шеќер и други потребни продукти за тркачите.

Директорот на Виз Ер Скопски маратон, Кире Синадиновски изјави дека 21. издание е посебно поради рекордниот интерес и фактот што манифестацијата прераснува во еден од најголемите спортски настани во регионот.

„Оваа година се пријавени повеќе од 14.000 учесници од рекордни 58 држави, што е апсолутен рекорд, а особено радува фактот што на трката на 5 километри, со над 10.000 учесници, третпат по ред доминираат жени. Тоа е јасен показател за големиот интерес кај дамите за рекреативното трчање. Од друга страна, кај маратонската и полумаратонската трка и натаму доминираат мажи. Во маратонската трка ќе учествува и нашиот најдобар атлетичар Дарио Ивановски, кој ќе биде еден од фаворитите заедно со Кенијците и атлетичарите од Балканот. Со голема гордост можеме да кажеме дека Скопје во неделан ќе пулсира во ритамот на спортот и заедништвото, со илјадници тркачи и уште повеќе навивачи низ улиците на градот,“ изјави Синадиновски.


Министерот за спорт, Борко Ристовски, истакна дека Владата и институциите секогаш ќе застанат зад вакви манифестации кои ја промовираат Македонија во најдобро светло.

„Драго ми е што оваа традиционална манифестација се сфати од државата многу посериозно, не само преку финансиската поддршка и покровителството, туку и со целата потребна огранизациска поддршка. Јас секогаш сум за тоа да се поддржуваат вакви манифестации, кои што промовираат спорт и што е поважно од самите спортски резултати, се промовираат вистински вредности, кои што треба да се втемелени во генот на нашите дечиња. Виз Ер Скопски маратон е пример како спортот може да обедини и да испрати позитивна порака за нашата земја. Овој настан е гордост за сите граѓани и е симбол на здрав дух, енергија и спортски вредности. Владата и Министерството за спорт ќе продолжат да даваат силна поддршка на вакви манифестации, бидејќи тие ја промовираат Македонија во најдобро светло, го поттикнуваат туризмот, ја зголемуваат меѓународната видливост на државата, а воедно инспирираат илјадници млади луѓе да се занимаваат со спорт и да градат здрави навики“ истакна Ристовски.


*Пр објава