Владата го прифати мислењето на Министерството за здравство за доследна примена на Законот за заштита од пушење
Уредите за загревање на тутун и електронските цигари смеат да се користат во затворени јавни простории согласно важечките законски прописи.
На вeчерашната седница на Владата беше прифатено мислењето на Министерството за здравство за доследна примена на Законот за заштита од пушењето, каде несогорливите тутунски производи и уредите за нивно загревање, како и електронските цигари не спаѓаат под забраната за пушење од член 3 став 1 од Законот за заштита од пушењето, односно истите може да се користат во затворени јавни простории согласно важечките законски прописи.
Според Министерството за здравство, користењето на несогорливите производи од тутун, уредите за нивно загревање и електронските цигари не претставува пушење и следствено овие производи не потпаѓаат под забраната за пушење од член 3 став 1 од Законот за заштита од пушењето, односно истите може да се користат и во затворениот дел од јавните простории, а имајќи ја предвид одредбата од членот 3 став 1 точка 3 од Закон за тутун, производи од тутун и сродни производи. Ова оттаму што, според оваа одредба пушењето е дефинирано како „поседување или користење на тутунски производ кој согорува, без оглед дали чадот активно се вдишува или издишува“. Во мислењето, се имаа предвид и членовите 3, став 1, точка 4, 19, 20, Глава IX и X од Законот за тутун. Имено, според член 3 став 3 точка 19 при користењето на несогорливите тутунски производи и уредите за загревање на тутунот не настанува процес на согорување. Понатаму, споредчленот 81 од Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи производителите и увозниците треба да обезбедат мислење од наставно-научна институција дека при користењето на уредите за загревање на тутунот не настанува процес на согорување кое што мислење понатаму се доставува на увид до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Државниот инспекторат за земјоделство. Министерството за здравство учествуваше во изготвувањето на Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи и како закон со понов датум на донесување од Законот за заштита од пушењето, истиот е усогласен со ЕУ Директивата за тутун 40/2014 година.