ВО РЕГИОНОТ: Ова е земја на празни станови

Помеѓу 80 и 90 проценти од хрватските домаќинства живеат во сопствени имоти.

Кога данокот на имот беше воведен на почетокот на оваа година, еден од главните аргументи на Владата на Хрватска беа зачудувачките податоци од последниот попис на населението дека во Хрватска има дури 600 илјади празни станови, не сметајќи ги оние што се користат за одмор. Не целата оваа огромна количина недвижен имот е погодна за живеење. Но, таа бројка е сепак огромна. Огромна е затоа што Хрватска е мала земја со малку население, чиј број постојано се намалува, па затоа оваа прекумерна количина станови со мноштво новоизградени е збунувачка. Статистичките податоци велат дека секој четврти стан наменет за живеење е ненаселен.

И додека помеѓу двата пописи на населението, во 2011 и 2021 година, бројот на населени станови се намалил - што во голема мера се објаснува со емиграцијата на околу 400 илјади луѓе во странство - бројот на новоизградени станови се зголемил.

Покрај тоа, поседувањето сопствен стан е важен статусен симбол за многумина, а „имањето стан во Загреб“ или некаде на брегот се смета за знак на успех и егзистенцијално исполнување. Недвижностите се купуваат и затоа што многу луѓе овде се сомничави кон државата и недоверливи кон пазарот на капитал - некои поради финансиско незнаење, а некои поради искуство од претходни кризи - и веруваат дека е подобро да се инвестира во квадратни метри отколку во акции или нешто друго.

foto freepik.com / ФАКТОР