Во „Викенд на мртовци“ беше Тасе, во „Солунски патрдии“ го играше Секула: Сеќавање на Димче Мешковски бардот на македонското глумиште
Епитетот бард на македонското глумиште сосема го заслужи со неговата долга и плодна актерска кариера, харизма и талент.
Димче Мешковски беше еден од препозналивте ликови од радио драмата „Хихирику“, но и актер чии ролји во познати драмски претстави оставија белег во македонската творечка ризница.
Мелодичен и комичен глас, реплики на кои постојано се навраќаме од првата македонска комедија „Викенд на мртовци“ во режија на Коле Ангеловски.
Во творечкиот опус на Мешковски се забележани над 100 одиграни улоги со над 6.000 изведби. Играл во различни тетарски жанрови, како што се улогите во претставите „Смртта на Дантон“, „Балконот“, „Вишновата градина“, „ЈанеЗадрогаз“, „Чернодрински се враќа дома“, „Зојкиниот стан“, „Калигула“, „Ревизор“, „ДивоМесо“…).
Мешковски е роден на денешен ден, 31 октомври 1945 година, пред точно 79 години. Македонскиот актер засекогаш не напушти март во 2023 година во март по тешко боледување.
Мешковски беше актер кој ја сакаше комедијата како жанр и која му донесе популарност. Беше дел од драмските комедии како „Сомнително лице“, „Солунски патрдии“, „Викенд на мртовци“, „Болва во уво“,„Маратонците го трчаат почесниот круг“.
Во интервју за Женски магазин, Мешковски зборуваше за животот во Америка, каде што ги помина последните години од неговиот живот, за театарот, улогите.
Помеѓу препознатливите улоги беше онаа на Тасе Стопарески во „Викенд на мртовци“ за која Мешковски, своевремено раскажа:
- Кога го снимавме „Викенд на мртовци“, работевме со наши колеги од Белград. Сека Саблиќ, Бата Живоиновиќ, Ташко Начиќ. Јас до тогаш немав улога во филм, тоа ми беше прв кој го снимав. Бата Живоиновиќ тогаш играше епизодна улога, го глумеше директорот. Јас го задевав, му велам: „Еее, Бата што дожиева, јас да играм главна улога, а ти епизодна, хахаха“. Човекот беше широк, духовит, па така се изнасмеавме. Но, најинтересно беше со Ташко Начиќ. Тој беше еден огромен човек, висок и крупен. Се спријателивме убаво, го поканив и кај нас дома. Беше неколку пати на ручек, на кафе. Еднаш го однесов на ручек во „Езерце“, тогаш сопственик на ресторанот беше Раде од “Три бисери“. На Ташко му беше мило што тој не пречека убаво. Раде не почести со предјадење, некои салати и мезе. Порачавме едно главно јадење, па малку ни беше едно, порачавме уште едно. Се најадовме, и си заминавме. Ташко ми вели: „Оди си ти дома, јас ќе прошетам малку до хотелот, да ми спадне јадењево.“ Утредента отидов пак кај Раде во „Езерце“ и му велам: Како си задоволен од гостите? А тој ми одговара: „Абе Мешко, овој Ташко многу јаде. Вчера, само што си заминавте вие, тој пак се врати и порача уште“, хахаха. Ташко сакал да ме откачи и се вратил да се дојаде, му било незгодно пред мене. Тоа се убави спомени. Многу е интересно што од „Викенд на мртовци“ остана многу реплки што и сега се употребуваат: „Ово нема у Београду“, „Ми кажа директорот“, „Сите ќе умрете“ и многу други. Е сето тоа е заслуга на мојот другар овде, Коле Ангеловски.
Фото: Приватна архива/ ФејсбукСКОПЈЕ МЕ ЛЕЧИ ОД СИТЕ БОЛЕСТИ: ЕМОТИВНО ИНТЕРВЈУ СО ДИМЧЕ МЕШКОВСКИ