За несигурноста и стравовите кај мажите со психологот Мирослав Пендароски: Доста веќе со императивот дека мажите не плачат, дека се храбри и бестрашни, дека не покажуваат слабост и емоции
Табуистичкиот карактер на прашањата околу несигурноста и стравовите кај
мажите во извесна мера произлегува од традиционалните и конзервативните погледи
на животот. Секако дека и менталитетот е значаен, игра особено важна улога. Се
согласуваме со традиционализмот и конзервативизмот, несомнено, ама неретко
знаат и да нѐ вкалапат и да нѐ униформираат кога се гледиштата, становиштата во
прашање, односно функционалниот модус. Е, оттаму и несигурноста и стравовите
кај нас мажите бидејќи наметнатите стандарди од минатото не кореспондираат со
денешницата, но и обратно - сегашните (актуелни, модерни) шаблони делуваат
збунувачки. Не сите, разбирливо. Се чини дека поврзаноста меѓу нив е толку јака
што кругот се врти маѓепснички. Темата е комплексна, па дури и замрсена.
Со психологот, едновремено и психотерапевт и универзитетски професор - Мирослав Пендароски се обидовме да влеземе во суштината преку разговорот, интервјуто за несигурноста и стравовите кај мажите, поврзани со моменталната ситуација, финансиите, статусот (популарноста), моќта, мислењето на другите, изгледот, жените (и убавите и умните), еректилната дисфункција.., спознавајќи ја живата, гола вистина, како своевиден поентер.
ММ: Бремињата со кои се соочуваме во денешно време, од пандемијата на ковид 19, преку оружените судири, до финансиската криза, вклучително и енергетската.., влијаат на сигурноста и придонесуваат за нејзино расклатување. Според Вас, како да го зачуваме духот? Мислам на моралната сила, се разбира. Што да правиме, како да се справиме со тешкотиите?
М. П.: Човекот од памтивек бил исправен пред низа предизвици, некогаш поголеми некогаш помали, но секогаш доволно силни за да го доведат до работ на издржливоста и поднесувањето на неизвесноста. Од тој аспект, прашањето е повеќе од легитимно, особено во т.н. нова реалност, која е само еволуциска следа на кумулативно дејство на сите претходни историски премрежиња. Во таа смисла, ваквиот мултидимензионален феномен на севкупната неизвесност, како економска, така и морална, а секако и психолошка, нас луѓето, современици на новото време, нѐ доведе до еден раб на преиспитување на старите традиционални вредности и новонадојдените социјално исконструирани вредности на една половина виртуелна, а друга половина физичка реалност. Како никогаш досега, духот е пред испит на испитите, пред едно така да речеме превреднување на самиот себеси. Се разбира, како и секогаш справувањето било и е индивидуално и субјективно, но, ако и воопшто може да се изведе една генерална препорака, тогаш тоа би било да се зачува здравата мисла и здравиот светоглед, што и да значи тоа. Постмодерниот човек да погледне кон круцијалните вредности кои, за среќа, не се толку многу зависни од трендовските тенденции, а со тоа ни овозможуваат секогаш да им се навраќаме. Значи, останување во врска со класичните општочовечки вредности на сомилост, емпатичност и солидарност сега се повеќе од потребни и само преку нив како човештво ќе можеме да го пребродиме и ова. И ќе го пребродиме. Е, сега, дали ќе бидеме променети од тоа искуство, останува да видиме малку подоцна.
ММ: Од причина што темата на денешниот разговор е несигурноста и стравовите кај мажите, а пропо претходното прашање, логично се наметнува и следното - за финансиите, односно финансиската состојба. Што мислите, дали несигурноста и стравовите кај нас мажите се оправдани? Зошто финансиската состојба, т.е. финансиите нѐ допираат толку, каква е позадината? Од каде потекнуваат, дали се работи за менталитетски белези? Можеби за одговорност или..?
М. П.: Сето погоре наведено се разбира дека во својата суштина ја носи токму несигурноста, како резултат, но и како појдовна точка во себечувството кај секој човек, а секако и кај мажите како дел од популацијата. Се разбира дека сте во право кога велите дека тука постојат и менталитетски белези, кои се основа врз која се напластува сето понатамошно засилување на и онака разнишаната машка сигурност. Што би значело тоа? Тоа значи дека мора да појдеме од една поширока социо-културолошка анализа на перцепцијата која еволуциски, колективистички се наметнувала како исправна, а потоа со време станала интројект, нешто што мажите, особено на овие простори го примиле во себеси како ствар по себе, т.е. како нешто околу кое не смее да се спори. Имено, тоа е сфаќањето дека мажот е тој што ги носи финансиите дома, т.е. тој е „глава“ на семејството и единствениот задолжен да ја донесе финансиската сигурност во домот. Таквиот терет низ вековите од овдешните мажи направил луѓе кои се под огромен притисок да успеат, да не згрешат, секогаш да имаат... Знаете, практично, таквиот императив за финансиска сигурност која се бара(ла) од мажот придонел кон сосема спротивно дејство, т.е. токму од мажот направил несигурно суштество кое, трагајќи по сигурност, ја изгубило истата (сигурноста). Таквата социо-психолошка анализа нѐ враќа во вековите во кои почнала да се гради таа слика за мажот кој е основната сигурносна алка и главниот столб во семејството. Еволуциски, мажот бил ловецот, оној што носел храна уште во племенските заедници, а потоа, во современиот живот, тоа се пренело во ликот на маж-бизнисмен, маж-водач, маж-обезбедувач. Таквиот притисок сѐ уште се чувствува, иако, може слободно да се рече дека сега нема апсолутно никаква неопходност од тоа, особено во векот во кој жената, преку својата целосна еманципација (барем во добар дел од светот), придонесува исто толку успешно, а понекогаш и многукратно поуспешно. Денешната работна жена, жена од кариера го компензира недостатокот од средства кој порано само мажот ги носел во домот. Но, проблемот настанува на чисто психолошко и етичко ниво, каде што многу мажи неоправдано се чувствуваат недоволно успешни само затоа што и нивните партнерки, сопруги, пријателки заработуваат одлично. Наместо тоа да биде заедничка победа, длабоко психолошки несигурниот маж несвесно го претвора во горчливо чувство на пораз, кој во реалноста не постои, но постои во неговата искривена перцепција дека успехот на современата жена е негов неуспех. Токму тој психолошки момент, според мене, ја предизвикува таа затскриена финансиска несигурност кај мажот и невидено стресниот несвесен притисок за уште, за повеќе, за подобро, дури и кога тоа е доволно добро.
ММ: Дали богатството, имотноста нѐ прави моќни? Какво е Вашето размислување? Овде на пример забележлива е промената (во лоша смисла) на луѓето веднаш по стекнувањето на богатството, неретко и за многу кратко време. На што се должи таквата промена? Дали фрустрациите, неизживеаноста, комплексите испливуваат на површината тогаш? Едновремено се јавува и страв од губење на истото. Кругот е маѓепсан.
М. П.: Во право сте. Впрочем, во вашето прашање се содржи и дел од одговорот. Имено, моќта се дефинира како сила на влијание на лицето А врз лицето Б, при присуство на одреден степен на отпор кај лицето Б. Колку е поголема силата на влијание на лицето А, а помал отпорот на лицето Б, толку и моќта е поизразена. Но, моќта не мора да биде релациска варијабла, туку чисто субјективна, единечна.., па во таа смисла, моќта е всушност доживување, чувство, но и когнитивен став за сопствената надмоќ над другите, за сопствената компетентност и тоа не мора да биде случај само кога постои финансиска моќ. Точно е дека финансиската моќ сѐ уште во материјалистичкото општество е една од главните форми на моќ, но се чини дека моќта понекогаш доаѓа од позицијата која дава право некој да влијае врз другите, без притоа да поднесува никаков отчет. Всушност, моќта почесто се врзува за социјалниот статус, кој не секогаш доаѓа со големата финансиска моќ, иако почесто позицијата е поддржана од таква форма на моќ. Но, пак ќе кажам, тоа не е пресудно. Имено, имаме примери во општеството кога луѓето со релативна финансиска моќ импонираат невидена моќ на влијание токму поради авторитетната функција, а не поради финансиите. Е, сега, кога има и финансиска моќ, тогаш силата на влијанието е триплирана. Вториот дел од прашањето е нешто со кое се сложувам целосно. Знаете, парите не можат да се јадат ниту пијат, ама со нив може да се купи и храна и пијалак. Парите не носат среќа, но го олеснуваат нејзиното досегнување, макар во форма на задоволство. Како човек можам да разберам дека некој што немал, одеднаш осетувајќи ја лагодноста на животот со пари, ќе ѝ се пре(о)пушти на миг или на некое време. Но, старите мудреци не попусто рекле: не заборавај од каде доаѓаш и не плукај на стариот бунар. Значи, при моќ или при криза, сеедно, токму во такви изменети животни околности луѓето си го покажуваат вистинскиот карактер, но и сопствената автентична личност. Се разбира, понекогаш тоа го плаќаат со банкрот или, како што една изрека вели: како дошло - така пошло. Затоа, човек секогаш треба да остане свесен за своето потекло, за своите искуства и за својата вистинска природа.
ММ: А, популарноста? Неизоставен е и статусот, без сомневање. Што нѐ прави несигурни кога се популарноста и статусот во прашање, за што стравуваме? Дали се врзани со имотноста, богатството и постои ли граница меѓу нормалните и патолошките? На стравовите мислам, но и на однесувањата. Многумина се губат во нив, претеруваат со нападноста (луксузни лимузини, скапоцена облека...). Понижувачките зборови, пак, се друга приказна, уште подолга.
М. П.: Сѐ е врзано едно за друго. Со имотноста се стекнува моќ, со моќта се стекнува позиција, а со позицијата се менува и однесувањето. Значи, сѐ е испреплетено и оди рака под рака едно со друго. Можеме да речеме дека популарноста е шлагот на тортата наречена статус, имотност и моќ. Имено, таа е како олимпиското злато по заслужената работа на досегнување на врвот.., ама каков е тој врв!? Врв кој се потпира врз плеќите на нефер играњето по туѓите судбини, неретко газејќи по туѓото достоинство, само и само да се досегне некаков општествен статус кој не почива на вистински достигнувања вредни за слава, туку на некакви си полусомнителни лични каприци, комплекси или други субјективни психолошки недоречености. Но, сѐ има своја цена, па така и славата која доаѓа со статусот, така што останувањето на врвот на славата е многу тешко, а оттаму лесно се паѓа. Сетете се само на тоа колку познати славни ликови денес се никој и ништо и постанале такви веднаш штом го изгубиле статусот, губејќи го богатството и моќта која оди со него. Човекот кој трпеливо, со работа и труд, со скромност и способност досегнал некаква си популарност и статус, многу подолго ќе остане таму заради правопропорционалноста на славата со заслуженоста на истата. Во право сте, луѓето неретко ги досегнуваат своите скриени агресивни, психопатски демони кога накратко ќе се најдат на врвот, но, како и сѐ друго што е незаслужено, трае кратко или не завршува славно, иако по патот на истото страдаат многу невини.
ММ: И јавното или мислењето на другите, опкружувањето (фамилијата, односно потесното семејство, пријателите, колегите, вклучително и жените) ни е битно, се разбира. Влијае на (не)сигурноста? Ме интересира што мислите, дали стравовите од занемарување, отфрлање на друштвото се оправдани? Или не треба да се загрижуваме толку?
М. П.: Хм! Се разбира дека мислењето на другите, особено на т.н. значајни други и тоа како влијае, некаде повеќе, некаде помалку, зависно од тоа колку мажите се сензитивни на туѓото мислење, т.е. се силно перцептивни за тоа што ќе кажат другите. Не постои, буквално не постои ниту еден човек, а со тоа и маж, кому не му е важно мислењето на другите. Одамна зборувам дека суровиот субјективизам и индивидуалитет всушност се апстрактни именки, т.е. ние луѓето сме создадени едни за други и едни од други и со тоа не можеме да се апстрахираме од заедницата и природата во која опстојуваме, така што секако дека (не)сигурноста е роднина на туѓото мислење и стравувањето дали тоа мислење ќе повлијае на прифаќањето или отфрлањето. Ако туѓото мислење не ни е важно, чуму тогаш важноста на стравот од отфрлање. Ако ни е сеедно што мислат другите, зошто тогаш ни е важно да изградиме статус на моќ кој сакаме по секоја цена да го одржиме. Како што никој не се дотерува само за да си биде убав самиот на себеси, така и никој од нас не е имун на туѓите мислења, ставови, погледи и перцепции за нас. Алтруизмот е романтичарски занес на социјалната психологија од едно друго време. Никој не прави добри работи само заради некој друг. Сите имаме и свои лични мотиви кога правиме добрини за другите. И, тоа е доволно фер, сѐ додека правиме добро.
ММ: Ќе го споменеме изгледот. Дали може да биде причина за несигурност? Оќелавувањето на пример, влакнавоста или адипозноста. Какви стравови нѐ врзуваат со него - изгледот? Споредбите имаат влијание? Развиеноста е опсесија на голем број мажи. Што ни советувате, да се прифатиме или да се промениме? На тоа што е остварливо мислам, се разбира. Тука би споменал и една противречност - физикусот е поважен од интелектот, се чини дека умствениот, духовниот развој е маргинализиран.
М. П.: Се разбира дека може, и тоа како. Особено во едно општество на голи тела, здрава исхрана, разни спортови, пластични операции, ботокси, филери и што ли уште не. Погледнете го постмодерниот маж, како никогаш досега изгледа гротескно, речиси целосно оддалечен од сопствената природа која еволуциски му прилегала и не попусто го создала во таков облик. Јас не сум против разноликоста, напротив, но сѐ додека таа произлегува од некои вистински потреби за разубавување, а не кога убавоста постанува единствениот императив на сметка на умствената плиткост, лесното живеење и уништувањето на моралните вредности. Изгледот ни е важен на сите, се разбира. Човекот е и естетско битие покрај сѐ друго. Мажот се грижи за својот изглед и тоа е во ред, границата е вистинското прашање и мотивот кој стои за (пре)загриженоста. Имено, убавото мускулесто тело секако е попривлечно за околината, но ако тоа стане модус за себедокажување и единствениот мегдан преку кој мажот се потврдува себеси во околината, тогаш најверојатно „ѓаволот ја однел шегата“. Мажите отсекогаш се споредувале меѓу себе и тоа е многу интересно за психолошка анализа. Претпоставувам дека тоа доаѓа од фактот дека мажот отсекогаш се борел за доминација бидејќи од статусот му зависела позицијата и квалитетниот живот. Како што денеска е кај животните, сѐ уште, така некогаш било и кај човекот. Најсилниот и најубавиот маж добивал партнерки. Најсилниот и најмоќниот маж имал најдобри услови за живот и имал поголеми шанси да добие подобра позиција итн., до недоглед. Денес, тоа се отсликува на едно посуптилно и посублимативно ниво, не така видливо за голото око, но многу силно под прагот на свесноста. Имено, денес мажите се мерат преку мускулите, автомобилите, физичката сила, финансиската моќ, позицијата во општеството... Секако дека природниот изглед на негувано и чисто тело е најприродна и прифатлива реалност. Не гледам зошто некој влакнест маж би се чувствувал грдо поради тоа. Сѐ зависи од тоа колку потпаѓаме на некои стереотипни ставови за мажите и некакви си предрасуди спрема мажите со одреден изглед: ќелави, дебел(к)и, влакнести, ниски итн. Решението е повторно во нашиот ментален склоп, во тоа како ние се доживуваме себеси, иако не е лесно да се биде поинаков во ова време на предрасуди кон сѐ и сешто. Во тоа и лежи дијалектичноста на постмодерниот либерализам, од една страна декларативно сѐ е прифатливо на едно формално ниво, а од другата, реална страна во секојдневието е нешто сосема спротивно. Катадневно слушаме како во демократијата секој е еднаков и прифатен, а во исто време сме сведоци на низа дискриминации на мажите кои доаѓаат токму од категориите кои декларативно се општоприфатени. Да заклучам, здравата грижа за себеси, својот изглед и здравје, во едни граници кои не ја надминуваат секојдневната функционалност и не преминале во опсесивна компулсивност е добра работа. Сѐ што е излишно, не е потребно и го обезвкусува вистинското живеење Сега и Овде!
ММ: Околу жените, од каде произлегува несигурноста? Кои се најчестите стравови, какви се тие - дали ќе им се допаднеме, дали ќе им угодиме, дали ќе ги усреќиме? Но, истовремено се јавува и страв од напуштање, а впечатокот е инаков. Демек неповредливи. И, што мислите за оние кои сакаат да контролираат сѐ, па и жените? Од каде потребата за такво нешто?
М. П.: Хм! А, кој низ историјата бил најголем предизвик за докажување на машкоста, ако не жените. Се шегувам, ама сериозно... Кога велам машкоста, не запаѓам во гол фројдовски пансексуализам, ниту мислам само на машката сексулност и нејзиното докажување, иако тоа е цела една наука. Колку тоа е доведено до апсурдна презагриженост, а ни оддалеку нема потреба... Мислам на севкупната машкост како антрополошки концепт, како еволуциска придобивка, како историски маскулинизам во најубава смисла на зборот. Посебно ме загрижува фактот што за здравата машкост се зборува сѐ помалку, а потоа се чудиме зошто мажите ги нема, изумираат, сѐ поретки се. Мислам на машкоста во нејзината еволуциска, економска, физичка, сексуална, културна и секаква форма, онаква каква што времето ја направило. Се враќаме на императивот на мажот да освои, да придобие, да има контрола и моќ врз нештата, а со тоа и врз луѓето (читај: жените). Ма какви неповредливи, напротив. Мажите честопати се само недозреани деца кои се докажуваат, а за тоа има милион причини - општеството кое ги притиска да се докажат, едиповите кастрациски стравови, врзаноста за мајката како жена, потребата од задржување на статусот и моќта, споредбата со другите мажи... Сето тоа врз современиот маж поставува огромен товар до невидени размери. И како потоа е можно да не се чувствува несигурност. Несигурноста е природна состојба на духот и мислите, но само ако се прифати од поединецот. Во спротивно, само стравуваме од она од кое стравува апстрактниот општествен концепт на апстрактно размислување и калапење на сите во еден кош. Се разбира дека и мажот е само обично човечко топлокрвно животно и дека стравува како и сите други. Доста веќе со императивот дека мажите не плачат, дека се храбри и бестрашни, дека не покажуваат слабост и емоции... Сѐ додека царуваат тие парадигми, современиот маж сѐ повеќе ќе станува изгубено, некогаш конфигурирано суштество кое, сега, останало само во траги од кои едвај го препознаваме.
ММ: Честа појава е и т.н. венустрофобија (калигинефобија) - страв од убави жени. Табу е дефинитивно. Се прикрива. Но, дали е (и)рационален? Какви чувства предизвикува? Односно, дали може да пречи во приватниот живот, па и на работа? Може ли да се надмине, како? И, се разбира, постои ли страв од умни жени?
М. П.: Се разбира дека тој страв е целосно ирационален, да не речам нелогичен. Но, за мажот кој е несигурен во себеси секако дека убавата жена е огромен предизвик кој некако мора да се совлада. Е, сега, од една страна е големиот порив за себедокажување, испреплетен со комплексите произлезени од интројектите дека треба да се биде нај-нај, а од друга страна - сосема природниот страв од исходот, несигурноста и неизвесноста. И, што има тука страшно!? Апсолутно ништо на едно разумно нив. Но, длабоко во душата мажот растргнат меѓу тие две спротивставени сили се наоѓа во една постојана внатрешна борба на доброто и злото. Трган, фрлан и повторно враќан на соочување, тој игра чудно оро, едно напред, едно назад. Впрочем, како што гледате стои во место. Значи, голема е желбата да се освои убавата жена. Сетете се, таа е еволуцискиот трофеј за најсилниот, нели? Но, борбата се удвојува и во таа борба се појавуваат повеќе кандидати, а со тоа расте и несигурноста кај повеќето мажи бидејќи, нели, тие имаат тенденција везден да се споредуваат. Умната жена е уште поделикатно прашање. Имено, умната жена отсекогаш била страв и трепет за несигуниот маж. Тоа му доаѓа како водата за огнот, може да го угаси. Дури и во еден стих од „Парни валјак“ се вели: угаси ме, зар не видиш да горим. Да се биде во друштво на умен човек, никогаш не било лесно. Тоа е како судбината да ја проверува вашата компетентност, особено во општества кои сѐ уште влечат традиционални, речиси ритуални мантри за (не)еднаквоста меѓу мажите и жените. Оттаму повторно произлегува сета несигурност. Таа несигурност е всушност толку фиктивна колку што е силно нејзиното присуство. Колку поголема субјективна основаност, толку поголем страв. Всушност, работите стојат многу поедноставно, ама само за мажот кој верува во себеси. Едноставно е, прекрасно е да познаваш умна и убава жена. Едноставно е да љубиш заради љубењето и да се радуваш и да се чувствуваш почестено затоа што токму ти најверојатно и си го заслужил тоа. Никогаш не сум ги делел луѓето на мажи и жени освен, еве, како во овој разговор во кој е сосема оправдано да ги апстрахираме човечките недоследности и недостатоци. Отсекогаш сум верувал во тоа дека исто чувствуваме, исто мислиме, исто љубиме и исто мразиме.
ММ: Секако, еден од стравовите за кој се молчи е и сексуалниот живот - половите односи, дали е задоволителен или ќе биде. Вообичаено се јавува кај младите, на почетокот. Се разбира, и возрасните можат да бидат погодени, одвреме-навреме. Дали еректилната дисфункција е резултат на него? Мислам на стравот. Има ли позадина? Тој дефинитивно предизвикува несигурност.
М. П.: Хм, сакате цела книга или само интервју (ха, ха, ха!)? Ух, тоа е посебна приказна, па ајде вака, наједноставно за вашите ценети читатели. Сексуалноста за мажот отсекогаш била најважниот терен за самодокажување, особено кај т.н. алфа мажи или алфа мажјаци. Имено, сексуалната моќ е секако важен дел од човековиот живот, севкупно. Сексуалноста не треба и не смее да биде заобиколувана тема, но, за жал, многу често е, особено во поконзервативните средини. Поприродно е младите да стравуваат, од една едноставна причина - нивното неискуство. Позитивното искуство со сопствената сексуалност и особено со сексуалното однесување секако ќе поттикне поголема сигурност која кумулативно ќе расте со текот на времето. Колку подобар сексуален живот, толку помал страв и поголема самодоверба и обратно, колку искуството не соодветствува на желбите и потребите, толку поголем раскол меѓу потребите и реалноста. Морам да истакнам дека сексуалноста кај мажот е многу деликатно прашање особено кога зборуваме за бихејвиоралниот дел од сексулноста - сексуалното поведение, сексулното искуство, од една многу тривијална и навидум непотребна причина - фактот дека машката сексулна моќ се мери исклучиво со неговата способност да ја одржи ерекцијата и да го изврши сексулниот чин од почеток до крај, згора на тоа и оптоварен со сите веќе кажани социо-културолошки барања наталожени во неговата психа како интројекти. Па, замислете, таквиот маж, така натоварен со сето ова бреме, дали ќе биде воопшто способен да го стори тоа кое изгледа така ендоставно и просто. Еволуциски, стравот од еректилна дисфункција можеби е и најголемиот страв кај мажите. Друг проблем е што културолошки, особено во овие краишта, од мажот се очекува да биде тој што задоволува, иако тоа е целосен нонсенс. И тоа барање неретко го импонираат и некои од партнерките, иако поретко, но, како и да е, доволно е што тоа барање стои врежано во неговата глава. Во суштина, сексуалниот чин треба да биде победа на сензуланоста, привлечноста, но и на љубовта, а не прикриен натпревар во кој едниот треба да биде тој што задоволува.
ММ: А пропо несигурноста и стравовите за кои разговаравме, што ни препорачувате, дали треба да ги прифатиме, да не чувствуваме срам? Како да ги превозмогнеме? Или треба да поработиме на себе, да ги отстраниме така што ќе се промениме? Вклучително и недостатоците.
М. П.: Видете, зборот промена звучи убаво, но ѓаволски тежок е патот до истата, така што можеби она што го нарекувате промена е всушност нешто повеќе како навраќање на себеси и својата автентичност. Само така можеме поинаку да размислуваме, поинаку да перципираме и, на крај, поинаку да живееме. Секако дека е природно да се плашиме и воопшто не е прашање на срам, туку на еден многу човечки сегмент од животот на кој, како и на сѐ друго, треба да поработиме. Недостатокот многу лесно може да се престори во сосема прифатлива предност, само и само ако вие самите решите така да гледате на тоа. Кога ве боли забот, одите на заболекар, нели? Е, па, кога ве боли душата или се чувствувате несигурни, повелете поработете на себеси!
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Мирослав Пендароски