За синдромот Петар Пан со психологот Фики Гаспар: Мажите најчесто се во потрага по жени кои се доста помлади, не се во можност да ги објаснат сопствените чувства, имаат тешкотија во разбирањето на туѓите чувства, се плашат од „врзување“...
Табуистичкиот карактер на темата не може да се оспори, а новинарски е
предизвикувачка, т.е. инспиративна не само за истражување, туку и за интервју,
разговор со стручно лице. Психологот Фики Гаспар, инаку магистер по педагошка
психологија, неурофидбек тренер, управител на истоимениот Центар за психофизичко
здравје ни објасни сѐ, ад литерам.
Имајќи го предвид називот, името на синдромот, очигледно дека бајките, меѓу нив и Дизниевите, одамна ги заинтригирале психолозите да се занимаваат со нивните јунаци, како на пример со ликовите на Петар Пан, Ѕвончица и Венди, кои во повоена Америка станале и предмет на (психо)анализа. Но и денес, а причините се разни, повеќе.
Незрелите постапки, однесувањата на многумина во јавниот живот, вклучително и приватниот, асоцираат на Петар Пан. Оттаму произлезе и нашата желба за евентуално разграничување на теоријата и практиката, нормалното и анормалното, односно за нивно препознавање во реалноста. Имено, Светската здравствена организација не гледа на синдромот како психолошки проблем, нарушување.., ама во случај да симптомите влијаат негативно, во поглед на квалитетот на животот, неопходна е помош. Се разбира, од стручно лице.
ММ: Психолозите ширум светот велат дека синдромот е поприсутен отколку што се мисли. Според Вас, која е причината за тоа? Едновремено укажуваат и на пораст. Ќе ни кажете ли зошто е така? Можеби подигнувањето, воспитувањето на децата има врска со него? Мислам на нивниот начин, се разбира. И тука.
Ф. Г.: Момче кое никогаш не созрева. Не може да се каже со сигурност, но повеќето психолози претпоставуваат дека синдромот на Петар Пан има блиска врска со недостатокот на поврзаност меѓу детето и мајката во раната возраст. Во последно време се соочуваме со родители кои не знаат да постават граници, родители кои се поставени премногу заштитнички кон детето, попустливи родители или пак родители кои ги извршуваат обврските наместо детето, па истото е ослободено од поголема одговорност.
ММ: Ќе направите ли основна дистинкција меѓу синдромот и puer aeternus, детето присутново секој од нас? Очигледно дека приказните, односно бајките се доста инспиративни за психологијата, психолозите... И обратно, секако. Петар Пан е измислица на Џејмс Метју Бари, а за puer aeternus пишувал Џовани Пасколи. Ме интересира која е границата меѓу нив, каде е таа. И дали пуерилизмот е другото име на синдромот?
Ф. Г.: Сметам дека границата меѓу гореспоменатите синдроми е доста тенка. Речиси и во двете ситуации, лицата демонстрираат однесување и размислување на мало дете. Однесувањето на лицата со пуерилен синдром се разликува од вистинското однесување во детството. Самиот синдром има доминантна депресивна емоционална позадина, како и афективна напнатост. Кај синдромот на Петар Пан, лицата имитираат возрасно однесување, индивидуите имаат потешкотии при градењето стабилни врски, создаваат свој свет. И во двете ситуации, кај повеќето синдроми имаме личности кои имаат зачуван интелект. Во глобала, симптомите се доста слични, така што често може да дојде до конфузија и поради тоа е потребно следење на состојбата за да се постави точна дијагностика.
ММ: Но, како да ја препознаеме во реалниот свет? Дали теоријата и практиката се спротивставени кога се puer aeternus и синдромот во прашање или..? Незрелите постапки на многумина во јавниот живот, вклучитално и приватниот, се чини дека ја пречекоруваат во секој поглед.
Ф. Г.: Реалната слика на овие состојби е потешка за препознавање со оглед на модернизацијата со којашто сме опкружени, како и адаптивните одговори кои ги даваме како последица на стресните ситуации. Сите имаме денови кога забораваме на нашите обврски и одговорности, едноставно се „исклучуваме“ од надворешниот свет, трагајќи по чувство на мир и безгрижност. Ако работите не се движат во посакуваната насока, може да се налутиме, вознемириме, да почувствуваме фрустрација, како и да дадеме несоодветни одговори на стресот, преку „бегство“ од конкретната ситуација со која се соочуваме. Како поединци, има периоди кога премногу работиме, имаме премногу обврски, примаме премногу дразби одеднаш. Но, ако сето тоа „бегање“ и „релаксиран“ начин на живот почне да влијае врз нашето секојдневно функционирање, социјализацијата и слично, можно е да станува збор за горенаведените синдроми при што е потребна консултација со стручно лице, психолог, психијатар. Како што запишал Алберт Ајнштајн: „Зрелоста почнува да се манифестира кога чувствуваме дека нашата грижа е поголема за другите отколку за нас самите“.
ММ: А пропо синдромот Петар Пан, за што се работи - страв од растење, созревање и преземање на одговорностите, обврските или карактер, нарав, природа и ништо друго? И како се рефлектира во животот генерално?
Ф. Г.: Светската здравствена организација не го признава овој синдром како психолошко нарушување, но дефинитивно се работи за тоа што го споменавте првенствено.
Овие лица најчесто имаат неуреден живот, недостиг на цел во животот, емоционална незрелост, ниско ниво на емоционална интелигенција при што влијае и врз градењето на односот со другите, како и разбирање на другите, спонтано и импулсивно однесување при што останатите ги одбегнуваат за социјализација и дружење. Исто така се јавува и недостаток на самодоверба, така што тежината на влијанието на овој синдром може да варира од прилично блага форма до екстремно изразена. Во зависност од тоа, така се движи и гради личноста во текот на животот.
ММ: А, кои се причините за него? Дали се врзани со детството, како и останатото во психологијата? Родителите се виновниците или..? Дали темпото на живеење го причинува, немањето доволно време за децата, нивното растење и слично? Заради трчањето по пари, се разбира.
Ф. Г.: Како што споменав погоре, наведените фактори играат голема улога во причината за истиот. Исто така, како причина може да се спомене и нарцисоидноста и трауматичното детство и недостатокот на љубов и на животни вештини.
ММ: Добро, како се препознава човек, маж со Петар Пан синдром во реалноста? Кои се неговите карактеристики? Што сака обично, како функционира?
Ф. Г.: Мажите најчесто се во потрага по жени кои се доста помлади, не се во можност да ги објаснат сопствените чувства, имаат тешкотија во разбирањето на туѓите чувства, имаат недостаток на самодоверба која ретко можеме да ја забележиме, имаат склоност кон обвинување на другите за сопствените проблеми, одложување на сопствените обврски, се плашат од „врзување“, не се ставаат себеси во непријатна или опасна положба. Можно е да се јави постојано менување на работното место, како и занимањето, негирање на посветеноста. Не разбираат како нивните постапки влијаат на она што им се случува, па така некој друг постојано е виновен за нивната состојба. Согласно тоа, ја одбегнуваат и одговорноста, па најчето обврските ги препуштаат на блиските лица.
ММ: И покрај тоа што се одликува со незрелост, Петар Пан е омилен кај жените, популарен би рекол. Што мислите, од каде произлегува тоа - неговата популарност? Добро е познато дека Петар Пан има страв и од врзување. Каков е односот меѓу Ѕвончица и него? Па и со Венди.
Ф. Г.: Кога го споменуваме Петар Пан, веднаш ни текнува на слаткото момче од бајките и неговата Ѕвончица. Тој е омилен меѓу сите, за момент. Секој од нас во одредени моменти од животот посакува да е самостоен, моќен и да живее во детството без грижи, обврски и честа напнатост. Реалноста може да се игнорира, но не на долг рок. Кога некој одбива да порасне, симпатиите се намалуваат, па така и нашата привлечност кон ваков тип на однесување, кога добро би анализирале. Венди најчесто се опишува и како комплекс, односно личност која претерано се грижи за доброто на другите, бара прифатеност од останатите, страв од напуштање и одбивање со изразена тенденција кон саможртвување, така што Венди е личност која одговара на маж со Петар Пан синдром, со оглед на карактеристиките кои ги поседува.
ММ: Ѕвончица е женски Петар Пан, всушност. Дали се антиподна двојка? Имаат еднакви особини? Што ги врзува кога е љубовниот живот во прашање и општо?
Ф. Г.:Има доста различни психолошки анализи на ликовите Петар Пан и Ѕвончица. Според една анализа, приказната за Петар Пан од перото на англискиот лорд Бари е навистина сјаен пример на викторијанската симболизација за растење и сексуална иницијација и како таква има огромно влијание врз модерната психоанализа - да речеме врз дефинирањето на машкиот тип на Петар Пан, кој е талентиран и забавен, но сосема неодговорен и недораснат маж, а Дизниевата промена на малата вила - помошничката на Петар Пан, во заобленото пин-ап тело на Ѕвончица, целосна жена, која секогаш одново се вљубува во момчиња, е сосема иновантна и модерна. Низ приказната за Петар Пан во Дизниевата верзија се провлекува новата американска поствоена страст - психоанализата. Петар Пан и Ѕвончица бегаат од заедничкиот семоќен тиранин - таткото, татковскиот авторитет на преовладувачката патријархална идеологија. Но, додека Петар Пан се обидува да ја избегне идентификацијата со него, во што успева само привремено, Ѕвончица бега засекогаш и неповратно - од татковското/патријархалното насилство, така што често се претставуваат како слични ликови, иако има и спротивставени мислења.
ММ: Како делува родителството, татковството на Петар Пан? Може да го промени, да созрее? И каков е Петар Пан во поодминати години ако го земеме предвид фактот дека има страв и од стареење? Животот не е бајка, сепак.
Ф. Г.: Речиси секогаш кога ситуацијата бара високо ниво на посветеност и одговорност, почнува да се јавува страв кај овие лица, па практикуваат „бегство“ од ситуацијата. Секое лице кое се сретнува со ова нарушување има различна манифестација на симптомите со тоа што можеме само да напоменеме дека со правилна поддршка, како и стручно советување, истото може да се надмине и да се доведе до спротивност во позитивна насока.
ММ: На крај, што мислите - дали Петар Пан денес, кога состојбата во реалниот свет е поприлично тешка, минува полесно, подобро од обичниот човек, оној што се однесува одговорно и кон работата и кон животот генерално? И што препорачувате, да остане таков каков што е или..?
Ф. Г.: Со текот на времето стануваме сѐ посвесни за своите обврски, така што би требало и да се однесуваме така, во склад со промените. Периодичното појавување на симптомите, кои се споменуваат во Петар Пан синдромот, во одредена граница се нормални. Но, секогаш кога ќе забележиме негативно влијание на долг рок во секојдневниот живот, дефинитивно треба да се обратиме за пат кон промена.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Фики Гаспар/ интернет