За т.н. машки ентериер со Гаврил Бошкоски: Главни карактеристики на секој машки ентериер се доброто озвучување, дизајнот на ТВ-ѕидот и добриот гардеробер, кој е задолжителен
Не случајно е ставена и придавката, односно нејзината скратеница „т.н.“
бидејќи машко-женската поделба на ентериерот не е формална, туку рационална,
односно разумна. Може и логична, зошто да не. Иако е млад (студиите по
архитектура ги завршил не многу одамна, пред само три години), знаењето на Гаврил
Бошкоски, вештината или умеењето, па и големото искуство (над седумдесет
архитектурни проекти се потпишани од него и студиото gvrl+), имаше удел во неговиот избор да поразговараме за т.н. машки ентериер,
согласно порталниот концепт и желбите на читателите да си ги уредат живеалиштата
по свој терк, онака како што им доликува. Нема сомневање, правилата се особено
важни кога се работи за домувањето, а понекој исклучок не е на одмет. Битно е
да се навлезе во суштината на работите, преку спознавањето на темпераментот,
карактерните (индивидуалните) особини на клиентот, нарачувачот на ентериерот за
кој разговаравме со Г. Б., чија единствена цел е јасна, во него да се чувствува
пријатно, удобно и, секако, да живее на свој начин. Муабетот со архитектот
сигурно ќе ве инсирира. Не мора целосно да го преуредите станот, некогаш се
доволни само мали промени. Ако имате можности, зошто да не и поголеми, сеопфатни.
Како што вели Г. Б., во нив ќе уживаат и припадничките на нежниот пол,
стопроцентно.
ММ: Вашиот креативен дух, вклучително и творечката сила е очигледна и во работата или, поточно, се забележува меѓу другото и во архитектурните проекти, односно ентериерите за кои ќе говориме и денеска - машките. Кажете ми првин, какви се Вашите чувства кога се дизајнот и архитектурата во прашање, како ги доживувате? За кој стил се врзувате најповеќе, имате омилен? И, секако, дали т.н. машки ентериер Ви е предизвик, Вам и општо, на студиото чија сопственост е Ваша?
Г. Б.: Кога се дизајнот и архитектурата во прашање, чувствата кои поминуваат низ мојата глава и стомак се многу интензивни бидејќи јас живеам преку дизајн. Во исто време тие чувства проникнуваат длабоко во мојата личност, во потрага по некој носечки елемент кој ќе биде доминантен во проектот. Оставајќи дел од себе и печат во секој проект, градам свој стил по кој станувам препознатлив. Но, најчесто, чувството на одговорност е најизразено во секој дизајн. Во однос на стиловите, преферирам да работам во современи стилови, но исто така знам да уживам кога работам и во класичен и во модерно-класичен стил, препуштајќи се на убавината и симетријата, која сама по себе го претставува убавото. Кога станува збор за машките ентериери, тие се предизвици бидејќи знаете дека треба да направите нешто што ќе биде на високо ниво, впечатливо и дизајнирано специјално за конкретна личност. Таквите проекти не само што се предвизвици, туку се и проекти на коишто рацете ни се креативно одврзани и довербата ни е целосно отстапена.
ММ: Која е Вашата цел, каква е? Професионалноста, стручноста е особено важна. Што е супстанцијално, битно да се знае кога се говори за ентериерот - станот на пример и неговото уредување? Комплексно е истото, нема сомневање. И кажете ми нешто за одговорноста, врз што ја темелите?
Г. Б.: Нашата цел е создавање на простор кој ќе претставува дом во секоја смисла на зборот. Во таквиот простор се живее флуидно, уживајќи ги сите придобивки на добриот и чист дизајн. Истото подразбира основните процеси да имаат природен тек без препреки. Кога се говори за ентериер или простор во кој живееме, од есенцијално значење е распоредот на просторот, ориентацијата и осончањето, па понатаму можеме да зачнуваме идеи за уредувањето. Многу често во нашите проекти започнуваме од нула што значи дека се случува во нови станови, едноставно да „избришеме“ сѐ и да почнеме од почеток, со цел да добиеме подобар распоред и тука доаѓаме до терминот одговорност. Одговорноста во проектирањето е многу деликатна работа која се темели на доверба за развој на настаните во идно време, преку препознавање на потенцијалот на просторот, а не на моменталните ситуации, односно какви квалитети ќе добие просторот преку дизајн и дали ќе ги исполни очекувањата.
ММ: Вашиот курукулум е обемен. Над седумдесет проекти се потпишани од Вас и студиото gvrl+, иако студиите ги завршивте и не многу одамна, пред само три години. Какво е Вашето искуство? Знам дека работевте и на т.н. машки ентериер. Можете ли да го дефинирате? Кои се нарачателите имајќи ја предвид економската состојба, вклучувајќи го и фактот дека младите луѓе (мажите) во Македонија се осамостојуваат и малку подоцна?
Г. Б.: Да, можам да кажам дека бројот на проекти расте рапидно и тоа се должи исклучиво на високото ниво на работа кое го вложувам и на задоволните нарачатели на проекти. Досегашното искуство само ми потврди колку е битен начинот на услугата и работата на највисоко ниво, коешто е мојата водилка во кариерата која, пак, ја градам многу внимателно. Нарачателите на машки ентериер обично се луѓе со специфична личност која е веќе оформена во некој правец и точно знае кои работи се приоритетни и битни, генерално околу нивниот профил, тоа се најчесто интелигентни бизнисмени или претприемачи што само по себе укажува на вашиот заклучок околу осамостојувањето.
ММ: Се чини дека минимализмот е другото име на т.н. машки ентериер. Дали правилата се исклучиви? Колкав е просторот за експериментирање? И дали неговите или трендовите во дизајнот, како и архитектурата се изменливи? Кој стил е доминантен?
Г. Б.: Најчесто да, минимализмот е застапен во голема доза и тоа пред сѐ подразбира чистота во дизајнот и исфрлање на непотребните предмети и објекти. Ова е многу интересна тема и треба да се разграничи бидејќи некако минимализмот кај нас доби беџ дека тоа е некој простор кој целосно е во бела боја, со голема доза на стерилност и со бели предмети, што е погрешно. Но, сѐ почесто се бара микс на неколку стилови со доза на луксуз, како што е минимализмот и класичниот стил, кој знае да биде полн погодок доколку тоа го нуди просторот. Во минатите години омилен стил беше индустрискиот, но во последно време се применува сѐ помалку.
ММ: Искуствено или теоретски, дали т.н. машки ентериер е грандомански проект, мегаломански? Што изискува еден таков? Имате ли појдовен критериум, точка? Од каде поаѓате, всушност? Или кои се битните карактеристики на т.н. машки ентериер и, се разбира, кои елементи се задолжителни?
Г. Б.: Во пракса, да! Некогаш тоа се бара и потсвесно, без да се каже на глас, едноставно се чувствува. Еден таков проект, за да биде успешен пред сѐ, му треба време. Времето како фактор е најбитно заради формирање на јасна идеја и концепт за дизајн на просторот, која некогаш ја добивам уште во првиот момент при посетата на локацијата, а некогаш одредени простори бараат подлабоко истражување за пронаоѓање на нивните потенцијали. Појдовниот критериум секогаш е квалитетот на постојниот критериум, тоа никогаш не е финансикиот дел бидејќи, доколку е така, истиот му штети на креативниот процес. Дури често практикувам и да не се интересирам за тој дел само за да се препуштам целосно на енергијата и креативноста. За да се дојде до фасцинантни и уникатни идеи, процесот на дизајнирање мора да биде ослободен од секакви препреки. Како главни карактеристики на секој машки ентериер се покажа дека се доброто озвучување, дизајнот на ТВ-ѕидот и добриот гардеробер, кој е задолжителен.
ММ: Без оглед на вкусовите, какви бои се препорачливи? И за ѕидовите, но и за мебелот. Дали се комбинираат, мешаат и како? Визуелниот ефект има големо значење, како впрочем и сé останато. Како ги одбирате нијансите, боите за истите да соодветствуваат на темпераментот на клиентот?
Г. Б.: Во машките ентериери секогаш настојувам да работам со потемни бои на елементите, а во однос на креирањето на целокупната атмосфера, тоа се прави со облоги на ѕидовите кои можат да бидат од темно дрво или, пак, уште подобро од мермер, кои не одат без скриено светло кое само додатно ги потенцира убавите текстури и површини. Сето ова, кога би се комбинирало со добра кожена софа, создава храбар ентериер кој го отсликува и карактерот на оној што живее во него. Во однос на боите и нијансите, некогаш ги одбираме и преку анализа на клиентот - можат да бидат бои што често ги носи на себе или, пак, нијанси и текстури кои се присутни во ентериерот на автомобилот во сопственост на клиентот што секогаш е полн погодок.
ММ: Детално, како би требало да изгледа секоја просторија, и дневната и спалната и трпезаријата, но и бањата? Кои елементи, каде ги препорачувате? Да не ги заборавиме и омилените, аудиовизулените средства. И справите за вежбање. На пример, каде би го ставиле ТВ-приемникот?
Г. Б.: За секој простор да изгледа убаво, мора да се формира целина. Тоа значи дека идејата и стилот треба да се провлекуваат низ целокупниот простор. Дневната е секогаш просторот на кој се става најмогу фокус бидејќи тука се поминува и најголем дел од времето. Една дневна просторија во машки ентериер мора да има добро озвучување, во денешно време тоа е саунд-бар, елемент кој секогаш доаѓа под ТВ-приемникот. ТВ-приемниците секогаш преферирам да се поставени лебдечки на ѕидот, што ми овозможува да креирам некаква облога на ѕидот и тоа да се потенцира со скриено светло што секогаш создава пријатна атмосфера. Во спалната соба појдовна точка е добриот кревет кој треба да нуди комфор, но и да е дизајнерско решение и тука главен акцент се става на ѕидот зад задглавјето на креветот. Најпримамливо решение за ваква спална е кога поставуваме и слободностоечка када блиску до креветот што дополнително ја прави атмосферата попредизвикувачка. Доколку би имале простор, секако би проектирале и простор наменет само за вежбање. Тоа може да биде случај доколку станот има повеќе спални, па со пренамена на една од нив, но никако справите за вежбање не треба да се најдат во дневната или во спална соба.
ММ: Што мислите за цвеќето? Дали го препорачувате имајќи ја предвид неговата својственост? А, декорацијата? Ме интересира што мислите и за украсите. Какви се тие? Натрупувањето сигурно дека треба да се избегне.
Г. Б.: Цвеќето е задолжително во секој ентериер, без разлика дали е машки или не. Во секој дом мора да има цвеќе кое дава живот и енергија. Зелените бои на секое цвеќе се вклопуваат со секоја боја и текстура на ентериерот, па особено би ги наметнал монстерата и сансеверијата кои со нивните препознатливи и карактеристични геометриски форми создаваат драматичност во просторот. Декорациите според мене треба да бидат строго со некакво значење или порака, што е персонално за корисникот на просторот или тоа може да биде уметност која предизвикува силни емоции кога ја набљудувате, што на крај доведува до минимално „оптоварување“ на атмосферата. Натрупувањето треба да се избегнува бидејќи се губи пораката и идејата на просторот.
ММ: Дали комфорот (удопството) е својствен за т.н. машки ентериер? Исто така и практичноста. Не помалку значаен е и редот. Како се воспоставува? Од штекери, кабли за споменатите аудиовизуелни средства до гардеробата, која неретко е расфрлана. Секако, за дофатливоста не треба ни да се говори, таа се подразбира.
Г. Б.: Комфорот е појдовна точка, секогаш. Особено внимание се посветува во машките ентериери каде што секогаш се вложуваме максимално да пронајдеме добра софа и луксузна фотелја, кои ќе бидат најхрабрата точка во дневната соба. Некогаш тоа може да биде и специјално дизајнирана софа и рачно изработена во внимателно одбрани материјали. Кога станува збор за редот, според мене се решава со добар и обмислен дизајн што би значело дека, доколку е добро испланирано сѐ, редот ќе биде запазен и нема да има предмети или гардероба коишто „залутале“ низ станот.
ММ: И, на крајот, не можеме да го избегнеме ни прашањето за неговата површина, т.е. квадратурата. Што мислите, колкава би требало да биде таа, истовремено да ги задоволува животните потреби на еден маж кој живее сам, желбите за дружење, забави со девојката, пријателите? И, секако, дали може да се измени во случај да се всели на пример избраничката, но притоа и трансформацијата, видоизменувањето да не биде коренито? Напротив, постепено.
Г. Б.: Квадратурата како бројка можеби и не е толку битна колку што е бројката на соби и поставеноста на станот. На пример, доколку е на поткровје, во новите модерни станови најчесто се добива и кровна тераса. Некогаш стан со помала квадратура и правилен распоред може да изгледа поголем од стан со поголема квадратура, а лош распоред. Во идеален случај тоа би било стан со 3 спални соби, како би можеле на сите да им дадеме функција за да добиеме поголем комфор исполнет со различна програма, вклучително и кровната тераса која би била наменета за собири, дружење и разни настани, а може да биде надополнета со базен и спа. Кога би дошло до измени, заради вселување на избраничката, многу интересно е тоа што просторот најчесто и не би претрпил некои големи измени, напротив можеби само некои надополнувања со украси. Многу е интересен начинот на кој однапред се бараат ваквите проекти, односно кога правиме машки ентериер, рацете ни се одврзани, а кога правиме друг тип на ентериер, најчесто сме оптоварени со многу барања кои, на крај, нѐ ограничуваат во креативноста заради некаква, условно кажано „подобра функционалност“. Она што е интересно тука е дека секогаш дизајнот во кој ни се одвразни рацете ќе биде подобар, a особено откога ќе се реализира, тогаш клиентите го разбираат моментот дека сме биле во право и се сложуваат дека ништо не би промениле. Така е и со машките ентериери каде што во секој сегмент ќе се забележи хармонијата на целината и перфекцијата во деталите што, нормално, потсвесно ни дава една релаксираност, така што сигурен сум дека и припадничките на нежниот пол би уживале во ваков ентериер. Дизајнот на ентериерот преку неговата целина потсвесно ни прави да се чувствуваме убаво, пријатно и смирено, не знаејќи конкретно од каде доаѓа тоа чувство, во што е и убавината на домот. Нормално, во таков амбиент ретко кој би бил храбар да прави коренити промени.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Гаврил Бошкоски