„Викенд без ДДВ“ ќе биде со поврат на данокот“: Дополнителен приход од 20 милиони евра
Фатмир Битиќи, советникот по економски прашања во кабинетот на премиерот во Владата, денеска објави дека мерката „Викенд без ДДВ“ всушност ќе биде поголем поврат на данокот.
Најверојатно тоа ќе значи дека граѓаните и тогаш ќе треба да ги скенираат фискалните сметки преку апликацијата на УЈП а парите ќе ги добиваат на сметка исто како и проектот „Мој ДДВ“.
- Тоа ќе биде поголем поврат на ДДВ преку сегашното софтверско решение на УЈП. Само корисниците на апликацијата „Мој ДДВ“ ќе може да учествуваат. Злоупотребата ќе биде минимална рече Битиќи на денешната прес-конференција, презентирајќи го третиот сет на економски мерки.
Со „Викенд без ДДВ“ планот е да се поттикне потрошувачка и раст на приходи во одредени продажни сектори, како што се продавници за гардероба, бела техника, мебел, санитарија, школски прибор и книги. Со ваквата мерка се очекува дополнителен приход од 20 милиони евра кои ќе треба да се слеат во македонското стопанство.
Битиќи додаде дека првиот ваков викенд би се организирал на крајот на август или на почеток на септември.