Ако беа споредни ликови во „Медена земја“, да не ги оставиме да живеат и споредни животи

Во пресрет на исчекувањето на Оскарите, надевајќи се на заслужена награда за македонскиот номиниран документарец "Медена земја", го посетивме 10 членото семејството Сам, пишува на Фејсбук хуманистката и граѓански активист Мерсиха Смаиловиќ.

Вчера Смаиловиќ , за да не се почувствуваат споредни и занемарени го посетила семејството со 8 деца кое се појавува во филмот кој стискаме палци вечерва да добие Оскар. Хуманите заедно со Смаиловиќ им однеле средства за лична хигиена , прехрамбени производи и школски прибор.


„Тие се дел од истиот филм, споредните улоги кои небаре живеат споредни животи во нашето општество.

Со голем придонес на средношколците од скопската гимназија „Орце Николов“, и други граѓани кои се вклучија на повикот, обезбедивме многу прехрамбени продукти и школски прибор. Исто така, им донесовме чиста топла облека и средства за хигиена, а за со помош на донациите кои пристигнаа и го исполнивме сонот на мајката Љутвије, со нова машина за перење алишта. Куќата е прилично стара, без фасада и со распукани ѕидови

Прозорците се со скршени стакла, не дихтуваат, како ни вратите. Се грее само една мала соба, каде што е и стариот телевизор, без ќилим, и со 2 стари кревети.

Тоалетот е... посебна приказна, а мајката има желба да изгради тоалет внатре во куќата, за да може полесно да се грижи за хигиената на децата. Сега, водата од бунарот ја греат во шишиња покрај шпоретот и тоа е единствената вода која ја имаат во куќата.
Приклучокот за вода чинел 9000 денари, кои ги немаат. Можеби директорот на ЈКП Лозово би можел да излезе во пресрет и да им овозможат питка вода? А за нов тоалет веќе има донатори за да го направат.

Денеска нѐ дочекаа само 5-те дечиња, Елиф, Љутвије, Гамзе, Алит и Вели додека Алии и Музафер беа во Бекирлија.
Вели со нетрпение ги чека утрешните Оскари, бил пред два дена во Свети Николе повторно да го гледа филмот, ни прераскажуваше за некои интересни сцени од снимањето и дружењето со екипата. Гамзе која има 8 години, вредна грижлива кон бебето Елиф е одлична ученичка дури има добиено и дипломи за цртање. И ги покажавме темперните бојци кои и ги донесовме и дека се донации од средношколците од Орце Николов и дека би било добро таа да учи во оваа скопска гимназија, па и факултет да заврши . Ги оставивме дечињата со нивната мајка“, пишува во Фејсбук постот хуманистката.


Таа вели, а ние се согласуваме со неа, дека ако вечер станат победници, тимот на Медена земја, не треба да ги оставиме и овие деца во заборав.

„Во нивната трошна куќа има многу простор за сите да вложиме по малку, за тие да ја почувствуваат топлината на тоа што се нарекува пристоен дом.
Семејството има потреба од храна, огревни дрва но топол и нов дом. Вашите донации можете и да ги уплатите диретно на сметката на Љутвије Сам и тоа: 200002756567526, Стопанска Банка.
За крај, им благодарам на сите хумани граѓани и граѓанки за допринесот кој го дадоа“, вели Смаиловиќ.


Ние уште еднаш да потсетиме...филмот „Медена земја“ вечерва рамо до рамо со најдобро номинираните ќе се бори за статуетката ОСКАР.

Преносот директно од Лос Анџелес ќе го пренесува телевизија Телма, а церемонијата би требало да започне околу 2 часот по полноќ.

Текстот е преземен од ФАКТОР