Архитектот Бојан Петровски:„Ја бричам главата секој вторник и петок„
Ултра модерен со примеси на шармот од минатото. Необичен и различен.
Толку вешто ја спојува архитектурата со модата што во еден момент ќе се зачудите како сето тоа можело да се комбинира, а да изгледа убаво. Архитектот Бојан Петровски е градска фаца и секаде инспирира со стилот. Необичен, авангарден урбан маж кој не се плаши да биде свој. Неговото облекување е прилично автентично, хедонизам со минимална експресија.
* Дефиниција за стил?
- Стилот претставува начин на функционирање, дишење, битисување на вас самите како ентитет со целиот емотивен, социјален и психолошки багаж кој го носите со себе како и корелација на истиот со средината во која постоите.
* А, Вие стилски се дефинирате како...
- Експресија на моментално доживување, комбинација на улична мода со класика, на комодитет со чувството на убаво во сопствената кожа.
* Што е пресудно за добар стил, независно за каков стил се работи?
- Пресудно е да си го познавате сопственото тело, своите доблести и мани, кои и те како ги имаме а и треба да ги имаме. Со свесноста што ни прилега или во што сме комотни, започнува оформувањето на стилот и визуелната приказна за себе.
* Комбинирате елегантно со спортско или сте камелеон во облекувањето?
- Обожувам комбинации, не сакам да робувам на еден стил или еден начин на облекување. Секој со својата визија за своето постоење.
* Минимализам или хедонизам?
- Хедонизам во минимална експресија.
* Гламур или класика ?
- Класика.
* Омилени нешта од вашата облека и каде се купени?
- Тоа засекогаш ќе бидат моите очила кои се купени во различни прилики и места, од брендирани продавници до second hand shop.
* Купувате облека од пазар, од бутик, од продавници на познати брендови?
- Го купувам она што ми се допаѓа, притоа не ограничувајки се себеси дали е бренд, second hand или облека која ја носеле моите родители.
* Што сакате да постигнете со вашиот стил?
- Немам претензии нешто да постигнам да бидам искрен. Само сакам да покажам дека особено во денешно време, каде комбинацијата на стилови, облека на мажи и жени, типизирање на истата е толку испреплетено, што секоја комбинација е возможна, се додека се носи гордо, без никакво колебање за истата. Ти си тоа што си, не смее да има типизирање на дебели слаби, високи ниски или како и да е. Сите сме различни и токму тоа не прави посебни. Тоа е она што треба секој стил да говори а притоа ништо да не изусти.
* Дали ако сте автентичен, тоа значи и осудување од нашава средина?
- Средината и тоа како влијае на оформувањето на секого па и на стилот. Не секаде вашиот начин на постоење, функционирање па и стилска експресија ќе биде пречекана со восхит. Но верувајте, ако се разбудив за да ги исполнувам туѓите очекувања, денот веќе станал пладне. Така да главата горе, секој со својата приказна.
* На кој дизајнер би му дозволиле да ви го преуреди гардероберот?
- Virgil Abloh и на Vivienne Westwood.
* Што облекувате денски, а што навечер?
- Вообичаено гледам тоа да биде комбинација од двете. Некогаш чувствувате потреба од костум, некогаш и обична маичка е доволна. Јас сакам тоа да биде една фузија од двете каде комоцијата е императив.
* Дали експериметирате со модните додатоци за глава?
- Секако, ама ја бричам главата секој вторник и петок. Возбудливо, нели.
* Како се облекуваат нашите мажи?
- Па верувам во помладата генерација да бидам искрен. Се повеќе се чувствува влијанието на уличната мода и на она бизнис кешуал. Мислам дека и те како се истакнуваат поединци со убаво изграден стил кои гордо и удобно чекорат со истиот.
* Ваши трикови за брз, но ефектен изглед...
- Битно е да изгледате чисто. Кај мажите се толку поедноставени работите кога се работи за стилот, така да било која несреденост ја оставам на мрзеливоста која и те како е пресуден фактор кај формирањето на стилот.
Небојша Толески