Архитектот Мартин Пановски: Архитектурата е многу моќна, но понекогаш е опасна играчка кога ќе се најде во погрешни раце
До пред две недели беше претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија. Човек со цврст став, визија, култура, широки познавања... Архитектот Мартин Пановски и како појава е интересен. Концизен и прецизен стил на облекување и однесување, перфекционист по природа, со урбан дух. Градски човек, за многумина инспиративен со секоја негова длабока мисла, па така и во ова интервју за Машки магазин.
ММ. Вие сте човек
кој секогаш добро изгледа кога е во прашање стилот на облекување. Како би го
дефинирале општо стилот, а како вашиот?
- Стилот, во една општа смисла на зборот е збир на сите особини на една личност што го градат неговиот приватен и професионален живот, па во тие рамки и стилот на облекување. Некои од тие нешта што го прават општиот стил според кој некој живее се тивки, затскриени, недофатливи со рака, како што е начинот на зборување, мислење и однесување, но многу од тие нешта знаат да се препознаат преку стилот на облекување кој може многу да ви каже за еден човек. Стилот се создава, но не баш од самата личност. Тој, на крајот на краиштата, се гради од мали нозе под влијание на средината во која се развива личноста, од образованието, од сопствената надградба низ годините... Сето тоа ви го гради стилот за во некој момент да сфатите и да речете „е, ова е мојот стил, од овде натаму не сум ЈАС“. Со облеката секогаш е полесно да го речеш тоа, но во архитектурата не е лесно! Досега без големи лични професионални порази успевав да речам: „Барок! Не, благодарам, тоа не е мојот стил во архитектурата“. На пример, мојот став да одбијам да учествувам во проектот „СК 2014“.
Ако треба да го дефинирам мојот стил во облекувањето, тој најчесто е „smart casual“. Сè зависи од тоа како се чувствувам во моментот. Прашање е дали некоја облека ја чувствувате како дел од себе или не. А за нешто да го чувствувам како дел од мене битна ми е удобноста, квалитетот на тоа парче облека и, се разбира, ненаметливата естетика. Целта е во облеката да се чувствувате свој и тогаш доаѓа до израз начинот на кој ја носите. Тогаш тоа го правите сосема природно, не забележувајќи во текот на денот што носите на себе. Како ја носите облеката е исто така многу битен дел од изгледот на секој човек. Впрочем, сите сме забележале дека едно исто парче облека не му стои исто секому.
ММ. Во кој сегмент, во вашиот случај архитектурата, си има свое место во поглед на облекувањето? Архитектурата е нешто кое дизајнерите често го користат во своите колекции...
- Овие две дисциплини, соголени од сè друго што го носат во себе, всушност ја имаат истата срж. Дизајн на нештата кои ни се потребни за да се заштитиме од надворешните влијанија.Со тоа и архитектите и дизајнерите во себе ја носат потребата од практичните нешта да создадат естетика. Во нашата природа е да сакаме убави нешта. Па најверојатно таа потреба за естетика, што ја носам во себе и што секојдневно ја развивам со практицирањето на архитектурата, има влијание и на сè што е околу мене, не само на облекувањето.
ММ. Преферирате чисти или разиграни линии во вашиот стилски израз?
- Чисти. Исто како и во архитектурата.
ММ. Што е пресудно за добар стил?
Да не се обидувате некого да импресионирате. Тоа е нападно. Да се допаднете – да! Зашто тоа на некој начин ве прави како личност пријатен и ви додава нешто повеќе на самоувереноста и сигурноста што лично ја поседувате по разни основи. Само тогаш може за некого да се рече, според мене, дека тоа е вистински стил. Го носите за да ве прави сигурни во себе. Другото е мода. Манекенство. Две различни работи.
ММ. Како ја поимате архитектурата? Што е она што и денес ве фасцинира кај неа?
- Архитектурата е мојот живот. Повеќе од 20 години сум влезен во архитектурата и ја сакам со сите пријатни и непријатни работи што ги носи, така што не можам да ја појмам на друг начин.
Што точно ме фасцинира? Концизно е многу тешко да се каже токму поради тоа што живеам со архитектурата, па не можам да издвојам нешто што посебно ме фасцинира. Сè ми е битно и привлечно. Фасцинираноста се протега од добро дизајнираниот најситен детаљ до комплексноста на целиот процес кој претходно треба да го имате во главата, а потоа неговото практично раководење, изведба и спој на сите чинители на тој процес, за на крај да добиете изграден објект. Но можеби најмногу ме фасцинира способноста на архитектурата да влијае врз животите на луѓето, нивното однесување, нивниот развој и врз отворањето нови видици и чекори што влијаат врз целото општество. Архитектурата е многу моќна алатка во животот на луѓето, но понекогаш е опасна играчка кога ќе се најде во погрешни раце.
ММ. А, што е она што ве фасцинира во архитектурата во Македонија?
- Фасциниран сум од народната архитектура на 19-тиот век, со колкава одговорност кон соседите, кон топографијата на теренот, кон природата се креирани тие градови и села, и сето тоа без стриктни пишани закони. Со џентлменски договор. „Куќите ќе бидат бели со дрвени чардаци“. Сите куќи се различни, но сликата за целината е фасцинантна. Ова покажува дека тогаш сме имале поголемо ниво на култура од денес. Културата е заемен договор за однесување на група луѓе што решиле да живеат на едно место и да оформат град.
ММ. Од друга страна, што е она што ви создава горчина?
- Токму тоа. Немаме култура, што значи немаме заемен договор за однесување. Некаде по патот сме ја изгубиле смислата за целината и нашето општество едноставно изгледа раздробено. Низ Македонија поголемиот број градби изградени последниве 25 години изгледаат како човек, нашите сограѓани Срби имаат убав збор за таков човек − „скоројевиќ“ ‒ кој западнал во фотографска имитација и во ова совремие тотално го промашил „dress cod“-от, и тоа намерно, само за да биде забележан, посебен... Се разбира, зад таквите појави не стои квалитетот, туку желбата да се отскокне на каков бил начин ‒ „Видете ме, чудете се“. Шетајќи низ Скопје навистина секојдневно се чудам.
ММ. Какво е денес
Скопје гледано низ вашата архитектонска призма?
- Иако ова не е збор со кој би требало да се опише град, сепак ќе го употребам. Мислам дека Скопје денес е збунето. По транзицискиот „развој“ и, уште повеќе, по проектот „Скопје 2014“, градот е на крстопат. Мораме да решиме каков град сакаме. Во моментов, од една страна се бара да се продолжи со транзицискиот „business as usual“, a од друга страна се бара Скопје да престане со развој (градба). Се радувам што се појавува една група професионалци на кои им е јасно дека Скопје ниту треба да биде во овој хаос ниту треба да остане град кој тапка во место. До пред 20 години жалевме по предземјотресно Скопје, сега жалиме за постземјотресно Скопје. Како граѓани, не само како архитекти, мора да ја почитуваме историјата на градот, но не и да станеме нејзини заробеници. Скопје заостанува зад градовите во регионот во секој поглед. Но сè додека имаме главен град со 11 градоначалници не гледам дека работите ќе се сменат.
ММ. Што треба да се направи доколку сметате дека мора да постојат измени во ликот на градот?
- Имаме многу работа. Транзициското сфаќање на архитектурата мора итно да се напушти. Пред сè тоа е обврска на државните служби. Градските администрации мора да се заинтересираат како ќе изгледаат градбите во градот. Како ќе изгледаат и како се одржуваат јавните простори. Како ќе изгледаат цели квартови. Со години градските администрации се занимаваат единствено со тоа дали проектот ги задоволува законските рамки и никој не води сметка дали тој проект на крајот е реализиран како што е предвиден или во тек на градбата инвеститорот направил промени зашто така му било поевтино. Кога правите објект, тој станува дел од ликот на градот. Ликот на градот не е приватна своина, туку заедничко добро. Така што мора прво да го смениме системот со кој се раководи или, во случајов, не се раководи обликувањето на градот, па потоа можеме да разговараме за квалитетни промени по примерите на другите градови.
ММ. Кое светско архитектонско здание- зданија ви создава стравопочит и зошто?
- Базиликата св. Петар во Рим. Грандиозен простор кој како архетип не е ни прв ни последен. Но пропорциите на базиликата создаваат просторна динамика што не сум ја осетил во ниту еден друг објект. При движењето во објектот истовремено ви се отвораат визури на простори и во висина и во ширина. Сето ова, надополнето со големината на внатрешноста, е зашеметувачки.
- Општо, архитектурата секогаш ја ценам повеќе по просторот што го создава, по визурите и атмосферата што ја има. Надворешноста на објектот е битна за градот како простор, а не за самиот објект. Доколку ја гледаме и цениме архитектурата изолирана од својата околина нема никаква разлика од кој било друг дизајниран предмет. Сепак, просторот е она со коешто архитектурата навистина се занимава.
ММ. А, кое кај нас и зошто?
- Македонската опера и балет. Најверојатно од истите причини. Динамичен простор, и покрај тоа што нема допир со надворешноста. Објект кој може да кажам дека бил пред своето време, но за жал со варварскиот чин „Скопје 2014“ е заграден со најлошата архитектура на 21 век во светот и e речиси невидлив во градската силуета.
ММ. Какво мислење имаа архитектите кои доаѓаат во Македонија и Скопје за овдешната архитектонска приказна?
- Архитектурата има неколку универзални постулати што важат во целиот свет. Мислењето на архитектите што доаѓаат од страна не се разликува од она што го имаат домашните архитекти. Единствено што го немаат личниот емотивен момент што го имаме ние. Имам многу контакти со колеги од други земји, особено во претходниве три години кога во Скопје гостуваа како предавачи на „SHARE forum“, што го организираме со ААМ, 60-тина докажани архитектонски имиња од светот. Без исклучок, сите се импресионирани од скопскиот постземјотресен брутализам. Оние, коишто имаа можност да посетат дел од другите градови, се воодушевени од народната архитектура на Охрид, Велес, Галичник... архитектура за која е скандалозно колку ние како држава не се грижиме. Од друга страна, реакциите за „Скопје 2014“ се движат од потсмев кај помладите до сериозна вџашеност кај поискусните, кои точно знаат каква политика може да смисли и да реализира ваков проект.
За жал, можам да кажам дека немаме современа архитектонска приказна. За ова сме виновни самите архитекти. Единствената приказна што ја имаме е постземјотресно Скопје. Но тоа никако не смее да биде приказната за македонската архитектура. Може да биде еден дел. Македонската архитектонска сцена е составена од квалитетни индивидуалци кои во некој момент ќе мора да се сретнат и, освен сопствената приказна, да ја создадат и македонската современа архитектонска приказна.
ММ. На што работите во моментов?
- Од проектите што моментално ги работам најмногу возбуда ми предизвикува проектот за култниот „Кермес“. Задачата е вистински архитектонски предизвик, како заради програмата која ќе ја има објектот, покрај ресторан се предвидува и културен центар, така и од аспект на самата локација, во Градскиот парк, која во себе содржи силна градска меморија.
ММ. Како се релаксирате? Кое место ви е одмор за душа?
- Велосипед. Дури и во работен ден, кога сум на велосипед, тие неколку минути поминати низ градот одејќи од еден состанок на друг се драгоцени.
Немам одредена рутина за релаксирање. Не сакам рутина. Најчесто слушам музика. Дури и можеби не слушам во вистинска смисла на зборот, туку барам нова музика што ја слушам следниот ден, додека работам. Креативниот дел од работата секогаш ми е проследен со гласна музика.
Составен дел од животот ми е и спортот, поточно тенисот и скијањето. Со тоа што кога губам во тенис не се чувствувам толку релаксирано.
Всушност, ме релаксира сè она што го правам со љубов.
ММ. Барате ли совршенство во архитектонските зданија? Потои ли такво нешто?
- Во „Радиус архитекти“ важи правилото дека нема мали и големи проекти. Битни и небитни. Сè што ќе излезе како проект мора да има идеја. Идејата нам ни е побитна од барањето совршенство. Свесни сме дека во архитектурата совршенство не е можно бидејќи во создавањето на архитектурата се вклучени многу луѓе и многу фактори, не само архитектот. На крајот, секое архитектонско дело претставува компромис кој, ако е дозиран паметно, создава добра архитектура.
ММ. А, постои ли ваше дело- дела на кое навистина сте вложиле натчовечки труд и крајниот продукт ги задоволил вашите критериуми? Какво е тоа дело?
- Нормално, постојат повеќе дела каде што сме вложиле натчовечки напори. Мислам дека на секој објект ги вложуваме. Некогаш ќе успеете и ќе сте задоволни со реализираното дело, некогаш не. Среќен сум дека работите почнуваат да се менуваат и дека сè повеќе се цени делото на архитектите, што не беше случај пред десетина години. Ова е и еден од главните услови за создавање добра архитектура.
Можеби би го издвоил објектот на Прокредит банка во Скопје што го добивме на повикан конкурс, по што следуваше комплетен дизајн и на објектот и на ентериерот со сета негова комплицирана функционалност. Но задоволството е големо кога ќе видите дека подеднаков интерес и напор да се реализира идејата, онаква каква што сте ја замислиле, ја имаат и инвеститорот, изведувачите и сите останати што се вклучени во реализацијата на објектот.
Небојша Толески