Атрактивни и храбри: Запознајте ги македонските змејови

Тие се вистински шампиони. Се занимаваат со нешто кое е опасно, но само ако не знаете да го скротите

Реткост е да видите овде како некој си игра и го скротува огнот. Токму групата „Acid Triple“ од Битола го прави тоа. Четворица храбри момци, Стефан Миладиноски, Марко Трајков, Душан Шешиќ и Огнен Илоски ќе ве воведат во една сосема необична онена приказна жонглирајжи со возможното и невозможното. Тие ја забавуваат публиката со своите улични перформанси, а нивната екстремност со многу елементи на уметност ќе ве воодушеви.

* Како настана “Acid Triple?

- Настанувањето на Acid Triple се случува во 2001 годинаво Битола. Тројца млади ентузујасти, кои што сакаат да си играат со огнот на секој можен начин. Со текот на годините, низ составот поминале повеќе од 20 членови, меѓу кои имало и женски членови. Моменталниот состав на групата брои 4 членови, сите сме машки ( Во потрага сме по женски член, хахах ).

* Што всушност претставува вашата работа? Каков опис би и дале?

- Претставува можност да ја покажеме нашата креативна огнена приказна која што ја подготвуваме на тренинзите исполнети со многу дружење но исто така и напорна работа и труд.Сакаме тоа што го подготвуваме да биде уникатно искуство за публиката и да го задржи нејзиното внимание. Работата би ја опишалe со неколку зборови: Екстремно изразување преку неколку елементи на уметноста.

* Работите со оган. Објаснете еден ваш перформанс, кои се работите кои ги користите?

- Нашите перформанси претставуваат комбинација на жонглирање со оган, акробации и магија со оган. Секој настап гледаме да е поразличен од претходниот. По претходно договорено сценарио, секој член си ја знае својата работа во точен момент. Користиме повеќе видови на реквизити, меѓу кои најзастепени се fire staff и fire poi. Исто така во одредени моменти користиме и пиротехнички средства. Убаво е чувството кога по завршување на перформансот ни пристапи некој од публика со позитивни импресии, тоа е едно од нештата што ни дава дополнителен мотив за понатамошна напорна работа и посветеност.

* Како се припремате? Како и каде ги изведувате вежбите?

- Секоја вештина си има своја тежина и е потребно да се посвети внимание, но доколку постои желба, со напорна работа и труд може за брзо време да се совладаат. Како покомплексни вештини би ги издвоиле контакт движењата, каде што е активно целото тело. Што се однесува до тренинзите, кога времето ни е во прилог, ги правиме на отворено, најчесто во паркот, некогаш со оган, некогаш без оган, а во текот на зимскиот период, ги правиме во затворен простор, нормално без оган. 

* Дали и колку е опасна вашата уметност?

- Реквизитите и вештините кои ги користиме не ни дозволуваат да правиме грешки, затоа што при мало невнимание и погрешна проценка може да настанат навистина несакани последици. Меѓутоа до сега сме немале некои посериозни повреди, затоа што концентрацијата е на високо ниво, а и меѓусебно се пазиме, како тим. Техниката  која што највнимателно треба да се изведува е Fire breathing (исплукување на оган), една од најопасните и воедно најпечатлива.

* Како го создавате огинот и каква е неговата моќ во очите на публиката?

- Огнот се создава со комбинација на запаливо средство и материјал што се става на реквизитите, попознат како Кевлар. Пред извесно време, воведовме нова техника, огнот да добие зелена боја, тоа се прави со комбинација на повеќе запаливи елементи. Како што кажавме во едно од претходните прашања, сакаме тоа што го подготвуваме да биде уникатно искуство за публиката и да го задржи нејзиното внимание. Се случува после настап да пристапат, да ни кажат “ Дечки како го правите ова, секоја чест”, да прашаат од каде ги набавуваме реквизитите,  еден несекојдневен вид на уметност, преку која  добиваме позитивен фитбек од публиката.

* Што е она што ве тера да бидете сојузници и пријатели со пламените јазици?

Желбата и потребата за адреналин, да се открие моќта на огнот, и со текот на времето станавме пријатели со пламените јазици, откривме дека огнот едноставно нема лимит, може да се експериментира на било кој начин, меѓутоа со одредена доза на претпазливост, затоа што доколку на некој начин се потцени, може многу брзо од пријател да стане непријател.

* Има ли некоја интересна случка која би сакале да ја споделите?

- Секој настап си е приказна сам за себе, се случуваат интересни работи, но некогаш и не толку интересни момент. Пред настапот правиме одредено растојание помеѓу нас и публиката, затоа што безбедноста, како наша така и на публиката е на прво место. Меѓутоа се случувало да влета некој од публика на сред настап, за среќа се завршило како што треба.

* Колку е битна менталната и физичката сила во она што го правите?

За секоја физичка активност, секако е потребен константен тренинг и држење на телото во форма. На некој начин во тоа се состои и физичката сила. Нашето тело функционира со мускулна меморија, па движењата треба да се повторуваат. Покрај тоа, менталната сила е можеби за нијанса поважна, зашто пред секој настап треба да бидеш свесен дека сепак тоа е оган, било игра или не. Така стравот и паниката мора да бидат сведени на минимално.

  * Како се прави срце од огин?

Срцето е реткост како и љубовта кон огнот, правењето на срце е чиста физика и голема доза на љубов за да излезе огнено срце. Се оформува на чист и смирен простор  ( да нема природно физички влијанија ).

Секако за да се изведе правилно и да се претстави пред публиката и изведувачот да е внимателен, мора огромна прецизност бидејќи и при најмало невнимание можат да настанат несакани ситуации. 

Небојша Толески