Бедекер - Во Милано и на фудбал и на шопинг
Спортските, т.е. фановите на A.C. Milan во Македонија се многубројни, вклучително и посетите на ломбардиската метропола со цел да се присуствува на утакмиците со нивните ривали, на домашен терен - во дистриктот San Siro (зона 7), на истоимениот градски стадион. Доживувањето е повеќе од возбудливо, како и обиколката на Casa Milan - домот на „црвено-црните“ во близина, во дистриктот Portello (зона 8). Секако, за впечатокот да биде комплетен, шопингот во Galleria Vittorio Emanuele II е задолжителен, доколку ви причинува задоволство, но и посетата на културните, историските знаменитости во меѓувреме.
До крајот на годината, A.C. Milan ќе игра на свој терен со RB Red Bull Salzburg (2 ноември), со Specia Calcio (5 ноември) и со ACF Fiorentina (13 ноември) во рамките на УЕФА шампионската лига. На 15 јануари 2023-та ќе му се противстави на A.S. Roma. Како било, наша препорака е да издвоите неколку часа и за неговиот или домот на фудбалскиот клуб што инаку е познат и како Ѓавол (анг. Devil) и како Росонери (итал. Rossoneri), имињата кои му ги дал неговиот основач - Herbert Kilpin, пред сто дваесет и три години, безмалку. Всушност, на 16 декември 1899-та, откако ги претставил, Британецот на играчите им се обратил со зборовите: „Ќе бидеме тим на ѓаволот. Нашите бои ќе бидат црвената, како оганот и црната, со која ќе предизвикуваме страв кај противниците“. Една и пол година подоцна, „црвено-црните“ го освоиле шампионатот на Италија, победувајќи го Genoa C.F.C. со 3:0. Развојниот пат на A.C. Milan е цела историја, запишана во аналите на фудбалскиот клуб, изложени во Casa Milan. Присутна е во сите водачи за туристи. Дотаму ќе стигнете лесно, можете да одите со автомобил, со автобус (бр. 48, 68, 69 и 90), со метро, а има превоз и од аеродромите. Домот на Росонерите се наоѓа на влезот на Piazza Gino Valle, во дистриктот Portello (зона 8).
Надворешниот изглед на Casa Milan, која постои безмалку осум и пол години, од мај 2014-та, сигурно ќе ве импресионира со модернистичкиот стил, застаклената фасада и накосениот покрив на кој се поставени фигури (силуети) на фудбалери. Во нивните бои е и надворешноста и внатрешноста. Целта е посетителите да ги сознаат вредностите, историјата на клубот, прикажувајќи ги концептуално, преку главната, водечка мисла - геслото Sempre Milan, забележливо секаде - и во Mondo Milan Museum и во Casa Milan Store и во Casa Milan Bistrot.
Музејот работи секој ден од 10:00 до 19:00. Во пресрет на „Халовин“, се подготвува изненадување (застрашувачко), а цената на билетот до понеделник е 9,90 евра. Обично, влезницата чини 15 евра, со каталог - 25 евра. Има бесплатни, за инвалиди, деца до седум години, како и семејни, групни попусти. Препораката за носење на маска сѐ уште важи.
Од почетоците на „црвено-црните“, како Milan Foot-Ball & Cricket Club, до нивната водечка позиција кога се работи за фудбалскиот спорт, безмалку сто дваесет и тригодишната приказна во емоционално крешендо ја раскажуваат меморабилиите што ја сочинуваат пребогатата колекција спомени, победи, вклучително и ексклузивните интервјуа, важните моменти, анегдотите за познатите Росоери, како на пр. Cesare Maldini, José Altafini, Giovanni Lodetti, Arrigo Sacchi, Mauro Tassotti, Kaká.., кои можат да се гледаат на дваесетина монитори, написи, преплетени со артефакти, наредени во четириесетина витрини, заедно со просторијата каде што се изложени исто толку пехари.
Секој трофеј има свое место. Нормално, светлосните ефекти се фокусирани на признанијата за победите во сите можни фудбалски купови: европски, светски… Интересно е и тоа што насреде во собата е поставена реплика на пехарот од Лигата на шампионите - висока е три метри, а тешка е осумстотини килограми. Наводно времетраењето на изработката било шестотини и осумдесет часа. Casa Milan е омилена и меѓу децата поради несекојдневните активности што имаат можност да ги пробаат, кога доаѓаат првпат или да ги усовршат доколку се редовни посетители. Благодарејќи на четиринаесетте големи екрани, кои овозможуваат размена на податоци во две насоки, во исто време се забавуваат и едуцираат.
Продавницата (Casa Milan Store) е толку добро снабдена што сигурно нема да излезете од неа со празни раце. Уредена е перфектно, а производите се изложени како по конец. Има сѐ што ќе посака еден навивач, страстен љубител на колективната спортска игра со топка и на фудбалскот клуб A.C. Milan: дресови, шорцови, тренирки, топки, аксесоари, како на пример вратоврски, капи, шалови.., пенкала, приврзоци, комплети за натпреварите во тековната сезона. Вработените ќе ви помогнат да одберете и подарок. Има и дополнителна услуга, печатење на текстил. Можете да го изберете омилениот број на дресот и ќе го испечатат вашето име. Кога се цените во прашање, новите (сезона 2022/2023) автентични дресови на играчите во првиот тим чинат 140 евра, додека репликите се 90 евра. Фановите од странство можат да купуваат и онлајн.
Посетата на Casa Milan завршува во бистрото. Седум дена во неделата, со непостојано работно време, посетителите можат да се послужат со кафе, природни, овошни сокови, но и да нарачаат брза храна. Експрес-ресторанот го води Codesa, угостителското претпријатие кое ја отфрли пластиката од употреба, така што во кантината се користи само еколошки прибор за јадење, а целта е да се издигне свеста кај луѓето за животната средина, нејзината грижа и така натаму. Росонери концепцијата се применува и во Casa Milan Bistrot, не само во декорациите туку и во јадењата. Имено, кулинарството заедно со фудбалот и шопингот е дел од т.н. долче вита, слаткиот живот во кој Италијанците најмногу уживаат.
Посетата на Galleria Vittorio Emanuele II е незаобиколна, таа се подразбира кога е Милано во прашање, но и кога се работи за шопингот во него. Едноставно не може да се избегне одењето таму со цел да се купат некои работи: облека, чевли, јувел, антиквитети, аксесоари.., да се испие кафе, да се изеде нешто слатко, да се руча или пак да се вечера. Не случајно е ленд-марк, белег на ломбардиската метропола, мегалополисот што пулсира со брзина од која се завртува во главата. Нејзината вредност (и архитектонска и архитектурна) е многу голема, пропорционална со длабочината на староста.
Инаку, „галеријата“ постои веќе сто педесет и пет години, а го носи името на првиот крал, владарот на обединета Италија. Во 1861-ва, архитектот Giuseppe Mengoni на триесет и двегодишна возраст ја дизајнирал масивната зграда, иако нејзината изградба почнала дури во 1865-та и траела цели дванаесет години. Во меѓувреме се отворале разни објекти. Плени со убавината и внатре и однадвор. Конструкцијата (изградената целина) ѝ е крстовидна, во форма на латински крст и се состои од две аркади, со засводени стаклени покриви од леено железо. На средината каде што е вкрстувањето образуваат простор кој е октагонален и покриен исто така со стаклена купола. Без оглед на тоа што покривот бил врвен, најквалитетен дотогаш, во текот на Втората светска војна претрпел многу големо оштетување, како и во 1970-тите. Го санирале неколкупати, а во 2015-та, заради Expo, е направена сеопфатна поправка, отстранување на сите дефекти со помош на кран, вклучително и генерално чистење на ѕидниот часовник, фенерите, бројните статуи, декорациите, централните мозаици на подот, кои ги означуваат грбовите на Милано и Рим, Торино, Фиренца - трите престолнини на некогашното Италијанско Кралство. Се верува дека бикот на торинскиот грб носи среќа доколку се завртите (трипати) со петата на тестисите. Оваа практика го оштетила мозаикот, па денес има вдлабнување на биковските гениталии.
Локацијата на Galleria Vittorio Emanuele II е идеална, се наоѓа во центарот на градот, меѓу Piazza del Duomo каде што е Basilica cattedrale metropolitan di Santa Maria Nescente или Duomo di Milano и Piazza della Scala каде што е Teatro alla Scala, во која настапиле и наши оперски пејачи, како на пример Александар Стефаноски (бас), Благој Нацоски (тенор), Владимир Саздовски (бас). Гужва има постојано (и преку ден и навечер). Луѓето со видеокамерите, мобилните телефони, фотоапаратите се обидуваат да ги зачуваат спомените, а близу е и музејот на катедралата и Миланската скала и стоковната куќа La Rinascente и Museo del Novecento (Музејот на современа уметност, со поглед на Duomo di Milano) и Palazzo Reale (чии кралски, краличини соби се полни со ремек-дела) и Museo Poldi Pezzoli (скапоцениот камен на музејските куќи во Милано) и Via Torino (шопинг-улицата со мајсторски дела на секој чекор) и Santa Maria presso San Satiro (црквата се прослави со богатата визуелна имагинација на Donato Bramante, нејзиниот архитект) и Pinacoteca Ambrosiana (една од најпознатите галерии каде што се изложени дела на Да Винчи, Караваџо и Рафаел) и Via Montenapoleone (жителите на ломбардиската метропола ја викаат Via Montenapo, симболот на Made in Italy) и Quadrilatero della moda (дистриктот кој важи како дом на модата и луксузот) и Via Brera (средиштето на боемскиот живот) и Via della Spiga (позната како модна дива, со италијански брендови). Дотаму се стигнува со трамвај (броевите 1 и 3 застануваат на станицата Duomo) и со метро (до Grossi S. Margherita се стигнува со броевите 1 и 2).
Штом ќе влезете, на прв поглед ќе ве освои нејзината грандиозност, величественост, потоа големиот број луѓе што брзаат наоколу, да се подноват, да се фотографираат, да седнат за да здивнат малку, пред да продолжат со купувачката.., па бутиците, кој од кој подобар, попознат, поубав, со богато осветлени излози што маѓепсуваат, на кои можат да се видат репрезенативните модели од новите колекции, облека и аксесоари, продавниците за чевли, јувелирските и дуќаните со антиквитети, кафе-рестораните.., на четирите ката. Борба за престиж е сопственоста на продавница во „галеријата“, исто како и шопингот во трговските дуќани, ексклузивните продавници на Andrew’s Ties, Borsalino, Bric’s, Cadѐ, Church’s, Giorgio Armani (доколку ве послужи среќата, може ќе го видите и осумдесет и осумгодишниот дизајнер како го уредува излогот), Grimoldi, Gucci, Lѐo Pizzo, Libreria Boca, Louis Vuitton, Luisa Spagnoli, Massimo Dutti, Noli, Pellux, Piumell, Prada, Rocca, Stefanel, Swarovski, Tod’s, Vigano.., повеќето членови на Il Salotto di Milano, здружението на трговските куќи, марки, претпријатија што имаат дуќани во „галеријата“, од 1949-та, а една од обврските е логоата над продавниците да бидат исти - златни букви, знаци на црна позадина;
Преноќевањето во Hotel TownHouse Galleria (првично Galleria Vik Milano), кое чини од 400 евра, па нагоре, за двајца, во зависност од собата, периодот (сезоната), погледот; пиењето кафе во Zucca in Galleria, кафеана од 1867-ма, позната и по мозаиците на ѕидовите, каде што доаѓале Џузепе Верди, Артуро Тосканини, по настапите во Teatro alla Scala, поради, како што велеле, најубавото кафе во Милано; јадењето блага, т.н. слатки креации на Enrico Parassina, кои често знае да ги направи на лице место, да ги фламбира во кафе-ресторанот Galleria.
Но, Biffi е сепак доминантна. Кафеаната е отворена исто така во 1867-ма, а нејзин сопственик бил Paolo Biffi, инаку слаткар на тогашниот монарх. Важи како најдобро место за пријателско среќавање, состанување на партнерите, со фантастичен визуал.
Секогаш е преполн, и наутро - кога се пие вообичаено еспресо, околу ручек - за да се касне нешто, како на пример шпагети со болоњски сос, ризото.., попладне - на чај, колачи (најчесто тарт, овошен се разбира), навечер - за опуштање со надалеку прочуените милански Campari коктели. Во споредба со другите локали во „галеријата“, цените се повисоки, па така, еспресото чини 4 евра, капучиното е 6 евра, фредото е 7 евра, ирското кафе чини 16 евра, додека цените на јадењата се движат меѓу 37 и 55 евра. Закуските се поевтини, од 17 до 28 евра. Меѓу десертите, најскапа е македонската, т.е. салатата од шумско овошје - чини 17 евра.
Galleria Vittorio Emanuele II е долга приказна, исто како и Милано - градот во северна Италија, кој има што да понуди, во различни варијанти, со многубројни специфичности. Ваш е изборот за која ќе се одлучите, а може и неколку да одберете. Спортската нека биде задолжителна, меѓу другото. Заради A.C. Milan.
Игор Ландсберг
Фотографии: A.C. Milan и Galleria Vittorio Emanuele II