Димче Мешковски: Имам четири бајпаса и оперирав тумор, но не се жалам
Во „Викенд на мртовци“ беше легендарниот Тасе, во „Солунски патрдии“ го играше Секула, а нѐ смееше и како дел од екипата на „Женски оркестар“, „Хиирику“ и многу други.
Од скопскиот Драмски театар, патот го одведе близу до Холивуд, во Лос Анџелес. Легенадрниот Димче Мешковки, за пријателите, а и за публиката Мешко, пет години живее со сопругата живее во Санта Моника, САД. Најголемата причина е неговата внука Леона од ќерката Јасна, но и напредната медицина која му ги олеснува здравствените проблеми. Минатата година, Мешко беше во Скопје и раскажа интимни приказни.
„Мислам дека ќе ни треба три интервјуа за да ви раскажам за моите болести. Имам четири бајпаса, имам проблем со колкот кој ми е два пати опериран, потоа паднав од велосипед па ја скршив коска на бутот, и сега сум инвалид од колкот. Оперирав паратироидна жлезда, опасен некој тумор беше. Па, имам преживеано мозочен удар, тежок артритис, витилиго, одам на дијализа, ми откажаа бубрезите. Оперирав и хранопроводник и така уште неколку болести, не можам сега сите да ги набројувам, и не сакам да се жалам“, низ насмевка ни раскажа Мешко додека го испивме кафето во бифето на Драмски театар.
Во бифето на Драмски со пријателот, режисерот Коле Ангеловски
Легендарниот актер е задоволен од животот во САД, но вели дека многу работи му фалат од Скопје. „Прво, ваквото дружење, ваквата комуникација со луѓе ги немам таму. Потоа ми фали театарот, театрите таму се полуаматерски, не се доходовни. Ми фали ова биде на Драмски. Ве повикав да дојдете овде, во театарското бифе, најмногу поради тоа што мене тука ми е леглото. Со некои мои колеги како покојниот Дади, Стево Спасовски, и со Коле се разбира ни беше главно свратилиште. Доаѓаа актери и пејачи од цела Југославија, тука мезевме убав пинџур со домашна ракија, игравме табла и пеевме песни“, се присети Мешковски.
За 35 години, тој има околу 6.000 претстави, над 100 премиери, а вели дека нема ниту една снимка од негова претстава, ниту една ТВ снимка.
„Во една прилика, се сретнав со покојниот Тоше Проески. Тој ме најде случајно, во едно бифе и многу непосредно ми пријде. „Може ли да седнам со вас“, ме праша. „Тоше, како да не, многу си ми драг“, го поканив. Тогаш ми рече нешто многу впечатливо и неочекувано. „Да ви кажам, толку многу патувам, настапувам, снимам, што едвај чекам да стасам во Крушево, да си пуштам цеде и да ве гледам во „Викенд на мртовци“.Тоа ме релаксира најмногу, и затоа пријдов да ви го кажам тоа“. Многу ме израдуваа и ме трогнаа тие зборови. Му реков дека јас немам ниту едно цеде, ниту една снимка од тој филм. Тоше веднаш ми се понуди дека ќе ми направи копија. Три дена по таа наша средба се случи трагичната сообраќајка и Тоше загина. И јас тогаш, само поради тоа што тој ми вети, му се јавив на еден пријател од една приватна телевизија која често го пушташе филмот, и го замолив да ми направи копија. Да не беше средбата со Тоше, немаше никогаш да ја имам“, откри Мешковски.